Македонија
Сончево време со температура до 18 степени

Времето наутро ќе биде студено. Во утринските и во претпладневните часови по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Преку денот ќе биде сончево со слаб ветер од променлив правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени.
Во Скопје претпладне со појава на слаба магла, во текот на денот претежно сончево. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне 10 степени.
В сабота во текот на денот ќе има постепено зголемување на облачноста, а од недела и во деновите потоа ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. На планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег. Дневните температури ќе бидат во опаѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Формирана Меѓупартиска парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес

Денеска во Собранието се одржа конститутивна седница на Меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од Планот за раст.
Иницијативата за оваа Група беше поднесена во октомври минаната година и истата беше прифатена од сите партии. На денешното нејзино конституирање, формално за претседател на истата, едногласно беше избран потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на предлог на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Милошоски се заблагодари за довербата и вети што повеќе активности на Групата. Тој истакна дека формирањето на оваа Група е од исклучителна важност за Собранието за обезбедување парламентарен надзор и поддршка во спроведувањето на клучните реформски обврски што произлегуваат од Берлинскиот процес и новата реформска агенда од Планот за раст, како стратешки приоритети на државата. Во насока на нејзино поуспешно делување, предложи членување не само на моменталните 29 пратеници, туку и на невладини организации.
Меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и реформската агенда од Планот за раст ќе се занимава со:
· степенот на реализација на обврските поврзани со Заедничкиот регионален пазар;
· јавните и надзорните расправи со претставници на извршната власт, а во врска со проектите кои се дел од целите на Берлинскиот процес;
· претставување на Собранието на регионални и меѓународни настани организирани во рамките на Берлинскиот процес;
· други активности поврзани со Планот за раст на Европската комисија
Во Берлинскиот процес учествуваат 9 земји членки на ЕУ, како и Велика Британија, а од пред една година не се вклучени само Владите, туку и Парламентите. Во моментов со Берлинскиот процес претседава Германија, но од јуни претседавањето ќе го презеде Велика Британија.
Македонија
Првпат во Ѓорче Петров – субвенции за велосипеди и уреди за затоплување

Советот на Општина Ѓорче Петров донесе одлука за доделување субвенции на жителите за набавка на нови велосипеди и енергетски ефикасни уреди за затоплување во 2025 година.
За првпат, општината издвојува средства во износ од 500.000 денари за субвенционирање на дел од трошоците за купен велосипед, во висина до 3.000 денари по лице.
Истовремено, обезбедени се и 1.000.000 денари за субвенционирање на трошоци за набавка на клима уреди и топлотни пумпи, со цел замена на постоечките нееколошки уреди на јаглен, дрва или мазут.
Граѓаните може да добијат: до 15.000 денари за клима уред и до 21.000 денари за топлотна пумпа согласно утврдените критериуми.
„Со овие мерки покажуваме дека општината активно се вклучува во поддршка на граѓаните и заштита на животната средина. Ги поттикнуваме одржливите форми на транспорт и овозможуваме премин кон почисти и побезбедни енергетски решенија. Секоја инвестиција што значи подобар квалитет на живот за нашите сограѓани е вредност за која вреди да се бориме,“ – изјави Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров.
Право на користење имаат сите жители на Општина Ѓорче Петров кои ќе ги исполнат условите од јавниот повик.
Јавниот повик ќе биде објавен наскоро. Се повикуваат сите заинтересирани граѓани да аплицираат навремено.
Македонија
Незаконски и неуставно е одобрението за отворање на приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ во Кондово, одлучи Уставниот суд

Уставниот суд денеска ја укина одлуката за давање одобрение за основање на приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ во село Кондово, Скопје, која е донесена од страна на Владата на 26 март 2024 година.
„Судот оцени дека одлука на Владата е незаконита и неуставна бидејќи Владата дала согласност, односно дозволила Исламската верска заедница (ИВЗ) да биде основач на средно училиште – гимназија“, соопштија од Судот.
Од таму наведуваат дека ова е во спротивност со членот 7 од Законот за средното образование, кој забранува верско организирање и дејствување и истакнување верски симболи во средните училишта.
„Исто така, содржината на одлуката не е во согласност со Амандманот VII од Уставот, според кој верските заедници може да основаат само верски училишта во кои се предава веронаука, односно се проповеда и изучува конкретна религија. Судот ги прифати како основани наводите во иницијативата дека со донесувањето на оспорената одлука Владата ја повредила уставната одредба за одвоеност на државата од верските прашања“, соопштија од Уставниот суд.