Македонија
СДСМ: Македонските граѓани избраа иднина, Црвенковски е историја
Секој има право на свое мислење и став, дури и кога доаѓа после години молк. Обраќањето на поранешниот претседател, Бранко Црвенковски, после долги години молк и немање став за важни државни или национални прашања, нека го толкуваат граѓаните, велат од СДСМ, по јавното обраќање на поранешниот претседател и основач и долгогодишен претседател на СДСМ, Бранкo Црвенковски, до раководството и членовите на партијата во кое повикува да се оградат од изјавите на Зоран Зоран во врска со Бугарија, кои, според него, ќе предизвикаат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава.
Од партијата велат дека СДСМ и македонските граѓани избрале иднина и избрале да чекорат напред многу одамна, а Црвенковски е историја.
„Секој има право на свое мислење и став, дури и кога доаѓа после години молк. Но граѓаните и СДСМ, одамна и на време избраа европска иднина. Избраа да носат храбри и патриотски одлуки, кои конечно и практично ја движат македонската држава и целиот наш македонски народ кон исполнување на стратешките цели НАТО и ЕУ. Денеска резултатите на политиките на СДСМ и на Владата предводена од СДСМ се видливи на дело, а не само на зборови. Искажаните ставови на претседателот на партијата и премиер, Зоран Заев, се ставови на СДСМ“, се наведува во соопштението.
Овие ставови, велат од СДСМ, се изградени во рамки на партијата и нејзините органи, овие ставови се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори.
„Став на партијата, на Владата, на претседателот Заев, но и државна позиција е дека македонската иднина е во Европската Унија, дека Македонците со својот македонски јазик чекорат напред кон Европа, кон просперитет и кон пријателство со сите соседи“, пишува во соопштението.
Од СДСМ велат обраќањето на поранешниот претседател, Бранко Црвенковски, после долги години молк и немање став за важни државни или национални прашања, нека го толкуваат граѓаните.
„Дали е тоа принципиелен однос кон својата партија и кон членството на СДСМ, ќе ценат членовите на СДСМ и граѓаните“, велат од партијата.
Во исто време, се додава во соопштението, СДСМ и натаму ги почитува и ќе ги почитува сите важни политички одлуки кои партијата ги донела во времето кога беше раководена од Црвенковски, а со кои државата беше насочувана кон прогрес и кон демократски и европски вредности.
„СДСМ нема да навлегува во личните мотиви на Црвенковски, искажани во клучни моменти кога на цела држава и е потребен разум за остварување на стратешките цели поставени од независноста, меѓу кои и членство во ЕУ. Знаат граѓаните што е вистина и кој се бори за македонската иднина, кој го заштити македонскиот идентитет во најтешките преговори во историјата на земјата. Знаат граѓаните кој носи одлуки без разлика на политичката кариера, исклучиво водејќи се од интересот на целиот наш народ и татковината“, велат од СДСМ.
Стаутот на СДСМ, додаваат од партијата, утврдува точни демократски процедури по кои низ органите на партијата се спроведуваат внатрепартиските консултации, дискусии и носењето на одлуки.
„Моќта на СДСМ произлегува од секој член на СДСМ и од високата свест за одговорност и државништво на секој член на СДСМ. СДСМ и македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, многу одамна, а Црвенковски е историја. СДСМ била, е и ќе остане државотворна партија и својата државотворност секогаш ја зајакнувала во вакви исклучително важни моменти“, пишува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајка меѓу патничко возило и трактор на регионалниот пат Градско – Прилеп, сообраќајот пренасочен
Денеска околу 19:00 часот поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор, регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучка Манастирец е пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци, соопшти АМСМ.
Македонија
МВР: Шалтер за „Безбеден град“, граѓаните од утре ќе можат да ги променат контакт-податоците
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека граѓаните од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
„Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Исто така, граѓаните по електронска пошта на [email protected] ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, соопшти МВР.
Македонија
Димитровски: Нов импулс за економска соработка со Шведска
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска имаше поздравно обраќање на настанот во организација на Шведско-Македонската Стопанска Комора, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На настанот се обрати и Ола Сулстром, Амбасадор на Кралството Шведска во нашата земја, со што беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералните односи.
Шведско-Македонската Стопанска Комора се воспоставува како силен институционален мост меѓу деловните заедници на двете земји и како јасна политичка порака за продлабочување на економското партнерство меѓу двете земји.
Во своето обраќање, заменик-министерот Димитровски истакна дека формирањето на Комората означува нова фаза во економските и деловните односи меѓу двете земји, со фокус на конкретни резултати, инвестиции и заеднички развој.
„Формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора испраќа силна порака дека економската соработка меѓу нашите држави се издигнува на повисоко, постратешко ниво. Ова е практичен механизам за поврзување на бизнисите, за поттикнување инвестиции со додадена вредност, за иновации и трансфер на знаење, но и за градење доверба која е основа на секое сериозно економско партнерство,“ истакна Димитровски.
Македонско-шведските економски односи бележат стабилен и охрабрувачки развој, со јасен потенцијал за понатамошна експанзија. Зголемениот интерес од компаниите и инвеститорите од двете земји ја потврдува потребата од институционална платформа која ќе ги поврзе деловните заедници и ќе ја забрза реализацијата на заедничките економски проекти. Во тој контекст, Комората се позиционира како катализатор за зголемување на билатералната трговија и проширување на секторите на соработка, се истакнува во соопштението.
„Шведско-Македонската Стопанска Комора ќе делува како платформа за активна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, обезбедувајќи системска поддршка за компаниите, застапување на нивните интереси и создавање амбиент на доверба, транспарентност и институционална стабилност. Преку ваков пристап, Комората ќе придонесе кон развој на одржливи, долгорочни и взаемно корисни деловни партнерства.
„Со формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора, испраќаме јасна порака дека ние сме подготвени за посилна економска соработка, за привлекување квалитетни инвестиции и за градење партнерства засновани на европски стандарди, доверба и заедничка визија за економски раст и развој”, заклучи Димитровски.

