Македонија
(Видео) Костадинов: Со кои структури во Бугарија интензивно соработува Мицкоски?
„Во име на државните и национални интереси на нашиот народ, јавно го повикуваме Христијан Мицкоски да излезе пред граѓаните и да одговори: Со кои структури во Република Бугарија интензивно соработува во овој период?Вчера, во обраќањето пред неговите малубројни поддржувачи, на она срамно дефиле пред Владата, Христијан Мицкоски рече дека има, цитирам, „информации дека овој викенд во Софија се распарчува Македонија“, изјави Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ и пратеник.
„Христијан Мицкоски има должност да излезе пред граѓаните и да каже кој му ја дал оваа информација? Дали лично му се јавија на Мицкоски или преку посредници? Ако знаел дека се спрема нешто опасно по државата зошто не пријавил во надлежни институции? Еве го викендот. Ниту се распарчивме ниту имало официјални претставници во Софија. Клучното пршање е за кого одработува Христијан Мицкоски? За чии странски интереси, за кои центри? Во време кога се наоаѓаме во многу важен период за македонската иднина, за членството во ЕУ но и иднината на државата Мицкоски работи против сопствената држава. Масовно и оркестрирано се шират невистини, се пласираат лажни вести, се поттикнуваат конфликти, нетолеранција и поделби меѓу граѓаните. Слично како и потпишувањето со Преспанскиот договор. И тогаш се ширеа лаги дека толку со македонскиот идентитет за да се покаже сосема спротивното, дека е потврден и признаен.
За македонскиот идентитет не се разговара, и не може да се разговара ниту ќе разговара. Мицкоски, на твоја огромна жал. Ние сме Македонци! Зборуваме македонски јазик кој НЕМА бугарски корени! Македонската иднина е во и со Европа! И Македонците не се хистерични како што ти ги навредуваш! Излези и кажи за кои структури одработуваш против сопствената држава и сопствениот народ?“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Продор на постуден воздух, температурите ќе бидат во опаѓање
Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 0 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање.
Македонија
Одрони, излевања и поплави на повеќе локации – во Кичево евакуирани 60 луѓе во спортска сала поради поплавени домови
Директорот на Центар за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со дежурните екипи на бројот за итни повици 112 и Секторот за операции, континуирано ја следи состојбата по обилните врнежи од дожд. Од ЦУК апелираат граѓаните, доколку имаат потреба или забележат проблеми, истите да ги пријават на бројот 112.
Според пријавите и интервенциите до 21:00 часот на 7 јануари 2026 година, на терен се евидентирани следните состојби:
На патниот правец Гостивар – Стража има одрони, но сообраќајот се одвива редовно. На правецот Тетово – Бањиче регистрирани се одрони покрај коловозот кои го отежнуваат сообраќајот.
Во селото Балин Дол има излевање на реката Вардар, при што се поплавени 10 земјоделски парцели и неколку дворови, а е забележано и намалено производство на електрична енергија во ХЕЦ Маврово.
Во селата Мало Турчане и Горно Бањице се излеале Лукавичка и Сушичка Река, при што е поплавено земјоделско земјиште. Од ЦУК информираат дека општината нема соодветна механизација.
Во селото Форино е евидентирано паднато дрво во коритото на реката Вардар, што претставува ризик од поплава, а на терен е испратена екипа со моторна пила.
На делницата Тетово – Бањиче (кај Цртаниот ѕид) има свлечишта и одрони, при што патот е расчистен со багер и соодветно обележан.
Битола и околината
Во селото Лера има поплава кај мостот со можност за проширување кон селото. Во селото Породин е поплавена живинарска фарма.
Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски земјишта, при што реките не се излеани. Одронот кај селото Сирхан е отстранет.
Охрид, Кичево и Струга
Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови, при што интервенирале јавните претпријатија и локалната самоуправа.
Во Кичево се поплавени стамбени објекти на улицата „Прилепска“, а 60 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
На патниот правец Охрид – Пештани, кај хотел „Гранит“, е регистриран одрон. Патот е прооден, а расчистувањето на поголемиот нанос се очекува во наредните еден до два часа.
Во Струга, на правците Татеши – Мислодежда и Дебар – Струга, во тек е расчистување на свлечишта и одрони.
Општина Боговиње
Во Општина Боговиње е евидентирано поплавување на обработливо земјоделско земјиште поради затекнат канал од изградба на автопат. Нема загрозени куќи.
Од ЦУК информираат дека сите надлежни служби се на терен и активно интервенираат за справување со последиците од обилните врнежи. Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни и да ги следат официјалните упатства.
Свлечиште на патот кон Бањиче
Дополнително, по нова пријава на бројот 112, информирано е дека поради врнежите повторно има свлечиште на патот кон Бањиче. Се апелира до граѓаните да не патуваат на оваа делница додека не се стабилизира состојбата, а општинските екипи се на терен и ја следат ситуацијата.
Македонија
Поплавени улици во Битола, мобилизирани јавните претпријатија
По обилните врнежи од дожд што вечерва предизвикаа поплавување на улици низ Битола, екипи на ЈП „Нискоградба“ и други јавни претпријатија започнаа со интервенции за санирање на состојбата.
Најкритична е состојбата кај стариот објект „Прогрес“, каде што се излеа каналот од реката Курделес. Поради тоа, сообраќајот е отежнат на улицата „Македонска фаланга“ (поранешна „Иво Лола Рибар“) на потегот кон Железничката станица, соопшти Општина Битола.

Интервенции се вршат и на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат, како и во населбата „Стрчин“.
Екипите продолжуваат со работа на терен и ќе останат мобилизирани поради најавите за продолжување на врнежите.
Во акциите се вклучени екипи од „Битолско поле“, „Водовод“ и „Стрежево“, а најавени се интервенции и во селата Кравари, Канино, Лера, Горно Српци, како и долж реката Црна, во потесното и поширокото градско подрачје на општината.

