Македонија
Муцунски: ВМРО-ДПМНЕ инсистира на итни и интервентни политики за намалување на загадувањето

Денес кога почнува амандманската расправа за буџетот за 2021 година, како пратеници од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистираме на итни и интервентни политики насочени кон намалувањето на загадувањето и справувањето со сите негативни појави во областа на животната средина, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
„Само во текот на последниот викенд, речиси немаше поголем град низ Македонија каде индикаторите за аерозагадување не беа застрашувачки. Во Македонија продолжува еколошката катастрофа која нè засега сите нас. Загадувањето на воздухот е една од најголемите закани за здравејто и мора нешто да се преземе во најбрз можен рок. Негативните трендови нè засегнуваат сите, а според огромен број научни студии најмладите генреации нема да можат да го достигнат својот потенцијал поради токсичните материи во воздухот“, рече тој.
Истовремено, додаде Муцунски, најстарите генерации со хронични заболувања се во постојан ризик.
Преку консултација со Невладината организација 02 Иницијатива, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе амандмани, меѓу кои амандмани кои предвидуваат субвенции за поставување филтри од домашно производство за 25,000 домаќинства кои се греат на дрва и други загадувачки материи, промена на начинот на загревање на здравствените и образовните установи во најзагадените градови во Македонија од мазут/нафта во гас/топлотна межа/топлински пумпи/сончеви колектори, поставување на DPF (diesel particulate filters) и SCR (selective catalytic reduction) системи на автобусите и градежните машини во најзагадените градови во Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ предлага и поставување филтри на јавните институции во најзагадените градови во Македонија кои нема да го променат начинот на греење во незагадувачки, субвенции за поставување плински уреди во 10,000 возила, акредитација на Централната лабораторија за животна средина на МЖСПП – Aкредитација на методите за одредување тешки метали во воздухот, акредитација на методите за одредување на полициклични ароматични јаглеводороди во воздухот, за потребите на инспекторите.
„Бараме од колегите од другите пратенички групи да се придружат кон овие амандмани предложени од невладиниот сектор и експерти. Проблемот е колективен, а неуспехот значи влошена здравствена состојба на сите наши граѓани. Доколку сакаме да ги надминеме бариерите на дневната политика, токму преку заедничко усвојување на овие амандмани можеме да покажеме дека Македонија може поинаку“, рече Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Скопјанец преку веб-страница продавал билети за непостоен концерт

Полицијата поднесе кривична пријава за скопјанец кој преку веб-страница продавал билети за непостоен концерт.
Денеска, Секторот за компјутерски криминал поднесе кривична пријава против А. Х. (25) од Скопје за сторено кривично дело компјутерска измама.
Според информациите од МВР, А. Х., во периодот од 4.4.2025 до 13.6.2025, како одговорно лице на компанија што организира музички настани, преку веб-страница за продавање билети овозможил електронско купување билети за концерт што воопшто не бил предвиден да се одржи, односно не бил склучен никаков договор за негово одржување, со што ги довел лицата во заблуда да купат билети за концертот и притоа не ги рефундирал парите.
Од МВР најавија дека продолжува активно да спроведува мониторинг на содржините на социјалните мрежи и на целокупниот интернет-простор, со цел превенција од повикување на насилство, загрозување на сигурноста, ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, злоупотреба на лични податоци и говор на омраза со елементи од кривични дела за кои се постапува по службена должност.
Македонија
Утре, сончево време, со локална појава на дожд и грмежи

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне, претежно во северните делови, ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Потоа следува период на стабилно и топло време со пораст на дневната температура.
Македонија
„Влен“ најави нова болница во Кичево, инвестиција од 47,5 милиони евра

Кичево ќе има нова, целосно модерна болница, достојна за 21 век и за граѓаните кои живеат со гордост, достоинство и доверба во оваа земја, изјави Беким Сали од ВЛЕН.
„Инвестицијата од 47,5 милиони евра во Кичево ќе овозможи изградба на регионален центар по европски стандарди, со нова модерна инфраструктура, најсовремена медицинска опрема и услови што инспирираат безбедност и доверба кај пациентите и стручниот персонал. Тоа ќе биде болница каде што здраството се среќава со етиката, каде што професионализмот се среќава со почитта и каде што услугата не е привилегија, туку човеково право“, рече Сали.
Тој додаде дека граѓаните од Кичево, Македонски Брод, Пласница, Зајаз, Вранештица, Демир Хисар и пошироко ќе гравитираат кон овој здравствен центар, и за прв пат по многу децении ќе се чувствуваат рамноправни, застапени и згрижени.
Сали, исто така, кажа дека само во Тетово, инвестицијата во подобрување на болничката инфраструктура достигнала 77,5 милиони евра, што вклучува изградба на два нови објекти, реновирање на блокот за хирургија и интерна медицина, како и нов Медицински факултет.