Македонија
(Видео) Андоновски: Разговори во Софија имало, а Заев ги смета Македонците за експериментална нација

Овој викенд имало разговори помеѓу владини претставници на Бугарија и Македонија кои се одвивале во Софија, рече денеска на прес-конференција Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, овие информации ги потврдил и Зоран Заев во изјава за домашните медиуми, цитирајќи го премиерот:
„На ниво на работни групи под раководство на нашиот и бугарскиот министер за надворешни работи се разговара“, ги пренесе Андоновски зборовите на Заев.
Како што вели претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, од тоа може да се заклучи дека високи функционери викендов биле во директни преговори со соседна Бугарија.
„Очекуваме јавен одговор на прашањето – кој и што преговарал викендов во Софија? Дали се преговара дека Македонците се преобразени Бугари или неојугословени? Дали ние сме вештачка творба? Дали македонскиот јазик има или нема бугарски корени? Дали трговецот – премиер во заминување Заев на овој начин ја продава Македонија и за какви интереси? Зошто оваа средба се држи надвор од очите на јавноста? Зошто Костадинов лажеше дека нема средби кога неговиот лидер потврди дека имало?“, праша Андоновски.
Како што рече тој, Заев го смета македонскиот народ за експериментална нација, која може да прифати сè што ќе ѝ се сервира на маса.
„Прифаќајќи патокази и анекси, Заев го поплочува патот кон поразот на македонскиот идентитет. Ветувања кои се давани кај високи функционери во Софија, сега мора да ги испорачаат“, вели претставникот на опозициската партија.
Тој го повикува македонскиот народ на масовни протести.
„Продолжуваме, сите заедно за да не биде предоцна. Да излеземе на улиците, почитувајќи ги здравствените мерки и заштитувајќи се себеси и најблиските, и на мирен и демократски начин, да им покажеме дека сме горди, достоинствени Македонци кои не отстапуваат од своето“, рече Андоновски и повика граѓаните денеска да се приклучат на протестите во Свети Николе, Крива Паланка, Кратово, Струмица, Гевгелија, Неготино, Крушево, Македонски брод, Кичево, Гостивар и Струга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски и Тошковски на пешачење во Градски парк: секој чекор е здравје

Градскиот парк денеска беше изборот на градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Двајцата утрото го започнаа со пешачење низ алеите на паркот, во спортска опрема и ведро расположение.
„Најубаво е денот да започне со утринско пешачење низ Градскиот парк, свеж воздух, мир и позитивна енергија. Секој чекор е здравје, секој здив е нова сила. Започни го денот со природа, а денот ќе ти врати со радост“, напиша Ѓорѓиевски во својата објава на социјалните мрежи.
Македонија
За влез и излез од државава на граничните премини се чека до 15 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез е околу 10-15 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До средината на следната седмица ќе преовладува претежно стабилно време со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Потоа времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.