Македонија
Судијата Иван Џолев нов претседател на Судско-медиумскиот совет

Судско-медиумскиот совет (СМС) го избра раководството кое ќе го претставува во следните две години. Претседател во новиот состав е Иван Џолев, судија од Основен кривичен суд, а потпретседател е Христина Беловска, новинарка од Телевизија 24. На состанокот присуствуваа 12 од вкупно 15 членови на Судско-медиумскиот совет.
„Под влијание на СМС, судиите и новинарите почнаа повеќе да комуницираат, почна да се развива меѓусебна доверба, размена на информации, се надополнувавме , но и се критикувавме едни со други, а бенефитот од сето ова го имаа граѓаните кои добиваа навремени, точни информации. На овој начин директно, но и индиректно влијаевме и во зајакнувањето на демократските капацитети, а на некој начин воспоставивме и нов систем на граѓанска контрола на судското постапување, но и на владење на правото“, рече Џолев.
Беловска кажа во периодот што следува ќе се бара пристап до пресуди, решенија за притвор и други документи.
„Ако на новинарите им е забранет пристапот до судница или увидот во судски документи, автоматски и граѓаните ќе немаат можност да видат како некој е осуден и дали се применуваат законите без привилегии и дискриминација. Затоа ние судските известувачи се залагаме преку СМС да се променат работие. Изминатиот мандат, издејствувавме пресудите во Кривичниот суд да се снимаат целосно и да се стримаат на Фејсбук и во живо. Ќе бараме пристап до пресуди, решенија за притвор и други документи. Притоа членувањето во СМС не значи компромиси на штета на новинарството, напротив преку правните школи кои ги организиравме добиваме поостручени, поинформирани новинари кои ќе критикуваат и понатаму, не манипулативно, туку аргументирано и издржано“, вели Беловска.
Новиот состав на Судско-медиумскиот совет брои 15 члена, од кои осум се новинари од различни медиуми, а седум се од редот на судиите од различни апелациони подрачја.
Учеството во ова тело е базирано на волонтерска основа.
Во насока на поголема соработка и отворање на судовите кон јавноста, Судско-медиумскиот совет се формираше првпат во Северна Македонија, но и во Европа, во септември 2018 година, по претходни искуства на две вакви советодавни тела во Соединетите Американски Држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски со дебармаалци: Безбедни пешачки зони, хигиена и култура за подобар живот

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, синоќа се сретна со жителите на Дебар Маало во рамки на караванот „Се гледаме во маало“. Средбата се одржа на спомен-клупата на Горан Стефановски, каде што дебармаалци имаа можност директно да разговараат со градоначалникот, да дадат предлози и да се информираат за тековните и планирани општински активности.
„Дебар Маало е боемската душа на Центар. Ни е важно да го зачуваме тој идентитет, но и да создадеме услови за нормален и квалитетен живот“, рече Герасимовски, најавувајќи засилена комунална и градежна инспекција со цел да се подобри редот и мирот во населбата.
Во таа насока, тој информираше и за планот за воведување нов сообраќаен режим во зоните „Дебар Маало 1 и 2“ и „Парк“, со ограничено движење на моторни возила и создавање безбедни пешачки зони. Во тек е реконструкција на улицата „Дебарца“, а веќе се реконструирани улиците „Алберт Ајнштајн“, „Андон Дуков“ и „Донбас“, кои со години беа во лоша состојба.
Во делот на образованието, граѓаните го поздравија проширувањето на капацитетите на ООУ „Коле Неделковски“, со што по шест децении се овозможи едносменска настава за учениците.
Средбата опфати и прашања од областа на културата и јавниот простор. Герасимовски најави нов мурал на улицата „Орце Николов“, посветен на „Бушавата азбука“, покрај веќе постојните на Стефановски и Џамбазов кои ги красат дебармаалските фасади. Дополнително, беше отворено и прашањето за изградба на нова современа општинска зграда на местото на постојните бараки – со сала за Совет, простор за здруженија, подземен паркинг и задржано зеленило.
Македонија
Филипче со денови молчи за бугарската фирма, Обвинителството да поведе постапка, бара ВМРО-ДПМНЕ

Филипче со денови молчи за бугарската фирма Пауер Ај 8, која е во негова 100% сопственост, а ја основал на 18.11.2022 година, со седиште во Петрич на улица Гоце Делчев бр. 12, адреса каде што се регистрирани и многу од фирмите на Заеви, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче молчи и за 3 пати поскапата препродажба на јаглен од Грција на ЕСМ од 2022 до 2024 година. Молк од Филипче и за најскапиот договор за јаглен, кој го склучила ЕСМ, а е по цена од 82.5 евра за еден тон со вкалкулиран ДДВ, е со компанијата „Зобек мининг груп“. Зобек мининг груп е компанија која води директно до Венко Филипче. Филипче не дава одговор ниту за Аудито Q8 кое го возеше и во предизборната кампања а е купено од фирмата која продавала 3 пати поскап јаглен на ЕСМ. Кланот Заеви и Филипче создале криминална шема од фирми преку кои профитирале милионски суми од препродажба на јаглен во моменти кога државата била во енергетска криза, а граѓаните плаќале поскапа струја“, велат од партијата.
Од таму бараат јавното обвинителство да отвори истрага и да поведе постапка.
Македонија
За три дена, 109 повредени од Кочани доставиле барања и предлози на телефонската линија на Владата

109 граѓани за три дена од пуштање на телефонската линија за повредените лица и нивните семејства, која е во директна комуникација со Канцеларијата на Ппретседателот на Владата, ја искористиле можноста и доставиле свои барања и предлози, соопштија од Владата.
Од таму велат дека тоа покажува дека оваа телефонска линија дава резултат и дека Владата е отворена за секаква сугестија и идеја.
„Како Влада преку низа на мерки помагаме за помош на повредените и нивните семејства. Ова е заедничка борба и нема да отстапиме од неа, бидејќи секој граѓанин има право на соодветна здравствена заштита и медицинска нега, токму поради тоа како Влада донесовме одлука за рехабилитација во Пониква на повредените лица кои се во стабилна здравствена состојба, но им е потребна дополнителна медицинска услуга. Тим на лекари од 10 јуни до 20 август во рехабилитацискиот центар Пониква на сите лица ќе им пружат дополнителна медицинска грижа, но и психолошка поддршка“, велат од Владата.
Од таму ги повикуваат и ги охрабруваат сите повредени лица кои се засегнати да се јават на телефонскиот број 070/355-526 и да ги изразат своите барања и потреби.