Економија
Заев: Да бидеме прва држава во регионот која поголемиот дел од енергијата ќе ја обезбедува од обновливи извори

„Еден од најголемите фокуси од областа на економијата ни е енергетиката и реално овде имаме направено многу. За нас коментира Европска енергетска заедница дека сме најголеми реформатори во енергетиката и тоа е так затоа што го донесовме законот што ја регулира оваа област, обезбедивме практична имплементација на законот во многу брзи постапки и имаме практични реализации на проекти во целата таа политика на транзиција, односно да го замениме загадувачкиот ресурс во производството на електрична енергија со обновливи извори на енергија“, рече премиерот Заев на денешното отворање на самитот „Македонија 2025“ во дебатата во која учествуваше во рамките на панел-сесијата на тема: „Светот во време на криза: Економски реформи и глобални односи во Југоисточна Европа“.
Заев на дебатата даде повеќе информации во однос на искористувањето на сончевата енергија кај нас во земјата, при што се скратени временските рамки за поставување фотоволтаици, како и за постапките за поставување на ветерниците, со цел да се искористат бизнис-проектите во овие области, за замена на јаглените централи со обновливи извори на енергија, доминантно фотоволтаици и ветерници, но и гасните централи, како и хидроцентралите, како инвестиции во државата во моментот.
„Поставени се нови 62,5 мегавати фотоволтаици, кои се во фаза на изградба, по пат на јавно-приватно партнерство. Државата понуди готови локации со обезбедени приклучоци и со трафостаници за да може да инвестираат инвеститорите. Инкасиравме речиси три милиони евра“, додаде премиерот Заев информирајќи и за успешно завршена постапка за инсталација на 100 мегавати во Осломеј и за целта да бидеме прва држава во целиот регион, која ќе произведува поголем дел од потребните количини енергија од обновливи потенцијали на државата.
Исто така, освен другите, беа споменати и плановите за изградба на гасна централа во регионот на Битола, каде што се планира со тек на време затворање на јаглените термоцентрали, како и инвестициите во интерконекторите со Грција, Бугарија, Косово, Србија како сериозни инвестиции во енергетиката.
Тој истакна дека Владата, како и другите земји во светот, е насочена кон екологијата, енергетиката, заштедата на енергијата, дигитализацијата и по надминувањето на ковид-кризата, подготвена е за брз рестарт и за унапредување на реформите кои се однесуваат на администрацијата, кои, како што нагласи, се почнати и се однесуваат на зголемување на ефектите на јавната администрација.
Премиерот Заев во однос на прашањето за подобрувањето на деловниот амбиент во државата, особено нагласи дека основната цел на Владата е да не штеди и да вложува во зајакнување на технолошкиот и човечкиот потенцијал на нашата земја, притоа нагласувајќи дека евтината работна сила не треба да биде основна карактеристика за вложување, туку да се искористи можноста дека нашата држава сè уште е привлечна за инвестиции во поглед на ниските даноци и пониските цени на ресурсите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Соработка за економски напредок“: средба меѓу гувернерот на Народната банка и претседателот на Стопанската комора

Во духот на заедничката определба за поттикнување на економскиот развој и за зајакнување на институционалната соработка, во Народната банка денес се одржа средба меѓу гувернерот Трајко Славески и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
На средбата беше нагласена важноста на постојаниот дијалог помеѓу носителите на економската политика и бизнис-заедницата, особено во контекст на актуелните светски и регионални економски предизвици. Претседателот Азески истакна дека Комората е подготвена за понатамошна активна соработка со Народната банка, изразувајќи поддршка за професионалноста и кредибилитетот што гувернерот Славески ги носи на оваа позиција, известува Народната банка.
Во разговорот беа отворени теми поврзани со монетарната политика, финансиската стабилност, пристапот до финансии за стопанството, како и улогата на Народната банка во создавањето поволно деловно опкружување. Двете страни се согласија дека со заемна отвореност и координација може да се придонесе за поефикасно исполнување на стратегиските економски цели на земјата.
Гувернерот Славески ја истакна заложбата на Народната банка за транспарентност, предвидливост и поддршка на стабилноста, како предуслов за одржлив раст. Тој упати благодарност за поддршката и изрази задоволство од иницијативите на Комората за продлабочување на комуникацијата со институциите од финансискиот сектор.
Средбата заврши во конструктивен дух, со договор за засилување на соработката преку редовни консултации и размена на анализи и мислења од заеднички интерес, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Се зголемува цената на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,93 % во однос на одлуката од 2.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,833%, кај дизелот за 3,057%, кај екстра лесното масло за 3,388% и кај мазутот зголемувањето е за 3,088%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,5243%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,624 ден/кг и сега ќе изнесува 38,486 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 10.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
Објавени повици за самовработување, за млади до 29 години грант до 10.000 евра, а за невработени над 29 години грант до 7.000 евра

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Селајдин Белули, денеска официјално го објавија отворањето на јавниот повик за Мерка 1.1 и Мерката 1.2 во рамки на Оперативниот план за вработување за 2025 година, кои имаат за цел поддршка на самовработувањето на невработените граѓани регистрирани во Агенцијата за вработување.
Мерката 1.1 е наменета за лица над 29 години и обезбедува финансиска поддршка од 430.500 денари односно 7.000 евра за основање на нов бизнис, а Мерката 1.2 се однесува за млади до 29 години, кои имаат можност да добијат поддршка до 615.000 денари или 10.000 евра за основање сопствен бизнис.
Двете мерки, исто така, вклучуваат обука за претприемништво, подготовка на бизнис план и менторство за 6-месечен период за целните групи, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, припадниците на ромската заедница и жените од руралните средини.
„Овие мерки не се само финансиска помош, туку се директна инвестиција во потенцијалот на граѓаните и во развојот на локалната економија“, истакна министерот Дурмиши на прес-конференцијата.