Свет
Напаѓачот што газеше луѓе во Германија бил пијан, загинало и бебе

Бројот на загинати во Трир, Германија, се искачи на пет лица, а сторителот бил под дејство на алкохол и неодамна се лекувал од ментална болест, изјавија германските власти откога автомобил влета на пешачка зона газејќи луѓе во германскиот град.
Меѓу починатите има и 9-месечно бебе.
Од истрагата било утврдено дека возачот свесно сакал да убие што е можно повеќе луѓе.
Тој е уапсен веднаш по извршеното дело и се наоѓа на распит, а се води истрага за пет убиства и предизвикување тешки телесни повреди.
„Нема индиции дека може да се работи за терористички напад или дело со религиозно или политичко потекло“, рече државниот правобранител.
Станува збор за 51-годишен германски државјанин со германско потекло, роден во Трир.
Според државниот правобранител Питер Фрицен, постојат индиции дека на возачот неодамна му била дијагностицирана ментална болест и бил во алкохолизирана состојба за време на злосторството.
„Кај возачот биле измерени 1,4 промил алкохол“, рече јавниот обвинител.
Автомобилот, управуван од сторителот, не бил во негова сопственост, но, како што објасни полицијата, му го ставило на располагање друго лице.
Според полицијата, мажот ги поминал последните неколку дена во автомобилот, а немал пријавено живеалиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Фото) Аеродромот во Загреб затворен за сообраќај – мал авион слета надвор од пистата

Аеродромот „Фрањо Туѓман“ во Загреб денеска попладне беше затворен за сообраќај поради инцидент со приватен авион кој се излизгал од пистата, пишува Индекс.
Инцидентот се случил околу 15:21 часот, при слетување на приватен авион од типот Cessna 525.
Леталото проклизнало и завршило на тревната површина покрај пистата.
Според информации од авиокомпанијата, авионот бил празен и во инцидентот нема повредени.
Во моментот се преземаат мерки за отстранување на леталото од пистата, а аеродромот останува затворен до понатамошно известување.
Од Аеродромот „Фрањо Туѓман“ се извинија на патниците за доцнењата на пристигнувачките и поаѓачките летови и најавија дека јавноста ќе биде навремено информирана кога сообраќајот повторно ќе биде воспоставен.
Свет
Масовни протести во Шпанија против корупција

Повеќе од десетици илјади луѓе се собраа денес во Мадрид на демонстрации организирани од главната конзервативна опозициска партија, против владата на социјалистичкиот премиер Педро Санчез, обвинувајќи ја за корупција.
Демонстрантите се собраа на Шпанскиот плоштад во центарот на главниот град, велејќи му на Санчез да „поднесе оставка“.
Народната партија го свика собирот откако протечените аудио снимки наводно покажуваат дека член на Социјалистичката партија води кампања за клевета против полициска единица што истражува обвинувања за корупција, во која наводно се вклучени сопругата, братот и поранешната десна рака на Педро Санчез.
Социјалистичката членка ги негираше обвинувањата, кажувајќи им на новинарите дека спроведувала истражување за книгата и дека не работи во име на партијата или на Педро Санчез, а потоа ја напуштила Социјалистичката партија.
Лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Феихо, ја обвини владата за „мафијашки практики“ во аферата, тврдејќи дека Санчез е во центарот на повеќе корупциски скандали.
Народната партија процени дека повеќе од 100.000 луѓе присуствувале на денешниот митинг под слоганот „Мафија или демократија“.
Владин претставник во Мадрид процени дека на демонстрациите имало помеѓу 45.000 и 50.000 луѓе.
Свет
Тропската бура Барбара се формираше покрај брегот на Мексико

Тропската бура Барбара се формираше покрај југозападниот брег на Мексико, соопшти Националниот центар за урагани во Мајами рано утрово. Не се издадени предупредувања за крајбрежна опасност.
Брзината на ветерот беше околу 75 километри на час со повремени силни налети. Се очекува бурата да прерасне во ураган во понеделник.
Во делови од мексиканските држави Гереро, Мичоакан, Колима и Халиско можни се обилни врнежи од дожд од 5 до 10 сантиметри, а на некои места и до 15 сантиметри. Врнежите од дожд можат да доведат до поплави и лизгање на земјиштето.