Македонија
Мисајловски: Сите заедно да се сплотиме против Заев и да победи Македонија

Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот протест со мотото „Оставка на Заев, слобода на народот,“ посочи дека од Министерството за надворешни работи се скриени и немаат одговор за главните прашања за Mакедонецот, немаат договор за македонскиот идентитет, за македонската историја.
„Ова не е партиски протест, ова е македонски протест, затоа сакаме да ги повикаме сите граѓани, независно од која партија се, да дојдат и да ни се приклучат. Оваа борба, оваа битка, не е суво политиканство, оваа борба се вика Македонија. МНР треба да ги штити македонските национални интереси, каде што едно време јас работев, а сега гледаме дека неколку дена се скриени и немаат одговор за главните прашања за Македонецот, немаат договор за македонскиот идентитет, за македонската историја, токму така како што кажавте – изгледа ‘рбетот го свиктаа. Дали гледате дека некоја бугарска телевизија и медиум треба да дојде за сите да сфатиме што преговара Зоран Заев и зошто македонските медиуми не може да дознаат. Гледаме дека целата Влада е скриена и не коментираат за овие прашања зашто сè му е оставено на Зоран Заев да распродава“, истакна Мисајловски.
Тој во своето обраќање укажа дека сите заедно треба да се сплотат против непријателот Заев за Македонија да победи“.
„Сакам да ве замолам сите со еден, голем аплауз во градовите каде што се протестира и луѓето се на улиците, секоја чест има луѓе што си ја сакааат Македонија, не им е важна ниту политичка кариера ниту им е важно што било друго, освен македонската правдина, а за таа македонска правдина треба сите заедно да се избориме и да ја добиеме. Затоа, оваа парола, која гласи: ‘Оставка за Заев, слобода на народот’, за слобода на народот ние треба сите заеднички да се сплотиме против овој непријател што секој ден излегува и лаже на телевизиите и им се додворува на странските држави“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За три дена, 109 повредени од Кочани доставиле барања и предлози на телефонската линија на Владата

109 граѓани за три дена од пуштање на телефонската линија за повредените лица и нивните семејства, која е во директна комуникација со Канцеларијата на Ппретседателот на Владата, ја искористиле можноста и доставиле свои барања и предлози, соопштија од Владата.
Од таму велат дека тоа покажува дека оваа телефонска линија дава резултат и дека Владата е отворена за секаква сугестија и идеја.
„Како Влада преку низа на мерки помагаме за помош на повредените и нивните семејства. Ова е заедничка борба и нема да отстапиме од неа, бидејќи секој граѓанин има право на соодветна здравствена заштита и медицинска нега, токму поради тоа како Влада донесовме одлука за рехабилитација во Пониква на повредените лица кои се во стабилна здравствена состојба, но им е потребна дополнителна медицинска услуга. Тим на лекари од 10 јуни до 20 август во рехабилитацискиот центар Пониква на сите лица ќе им пружат дополнителна медицинска грижа, но и психолошка поддршка“, велат од Владата.
Од таму ги повикуваат и ги охрабруваат сите повредени лица кои се засегнати да се јават на телефонскиот број 070/355-526 и да ги изразат своите барања и потреби.
Македонија
Сончево време, попладне локален дожд

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе има услови за локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 26 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Од денеска следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена локална облачност. Дневните температури ќе бидат без значителни промени.
Македонија
Мурал од балкански рис исцртан на фасадата на Театар Комедија

Со мурал од балкански рис и мала прослава, Македонското еколошко друштво вчера го прослави Светскиот ден на рисот.
„Конечно најдовме дом за муралот, најдовме и артист кој го нацрта, и најдовме човек кој има визија и кој е отворен за соработка, а тоа е директорот на Театар Комедија – Дарко Спасов. Целта ни е со овој мурал да ја подигнеме јавната свест, не само на рурално туку и на урбано ниво. Кога работите ќе згуснат ни треба секаква поддршка, од секоја популација“, изјави раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски.
Тој се заблагодари на поддршката од Театар Комедија и директорот Дарко Спасов.
„Велат исти птици во исто јато летаат“, вели директорот Спасов, кој го изрази своето задоволство од соработката со Македонското еколошко друштво.
Освен муралот на фасадата на Театар Комедија, пред објектот поставена е и инфо табла со основните податоци за рисот, како и QR код кој води до новата интернет страница посветена на балканскиот рис: balkanlynx.com.
По поздравните обраќања, присутните членови и соработници на МЕД, се упатија кон Бистро Комедија каде што во неформална атмосфера имаа прилика да поразговараат за досегашните постигнувања, но и да разменат идеи и предлози за идни активности.