Македонија
(Видео) Костовски: Поднесените амандмани се очајни обиди за блокирање на работата на Собранието

Поднесените амандмани од страна на опозицијата се очајни обиди за блокирање на работата на Собранието, истакна пратеникот од СДСМ, Мартин Костовски.
Тој вели дека сето она што го прави ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, но и надвор од него е дејствување спротивно на интересите на граѓаните и националните и државни интереси.
„3.000 амандмани, најмногу од нив апсурдни и нелогични, поднесе ВМРО-ДПМНЕ заедно со другите опозициски пратеници за измените на Деловникот за работа на Собранието. Над 500 амандмани се поднесени за измените на Законот за здравствена заштита. Сето ова се очајни обиди за блокада на работата на Собранието. Ова е деструктивно дејствување спротивно на интересите на граѓаните чии претставници сме сите ние. Овој обид за блокада се надоврзува на обидите на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за поткопување на државните позиции“, рече Костовски.
Дополнително тој обвини дека блокадата на Собранието е продолжение на опструкциите што ВМРО-ДПМНЕ со месеци ги прави врз здравствениот систем и борбата против коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Бројот на вработени намален за 17.000 – погубни економски политики на ВМРО-ДПМНЕ

Фрапатни се податоците кои покажуваат дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2024 година во земјава има над 17.000 помалку вработени, обвини СДСМ.
Според партијата, тоа е директен резултат на погубните економски политики, хаосот и несигурноста, како и напуштање на политиките кои ги востастави СДСМ за стабилна и одржлива економија.
„Со оваа неспособна Влада: пазарот на труд се стеснува, продуктивното население е разочарано и заминува, Фондот за пензиско осигурување е под притисок, бидејќи денес 1,63 вработени обезбедуваат една пензија, наместо 1,74 како што беше пред само една година. Владата нема стратегија, нема визија, нема мерки за задржување и отворање на нови работни места“, велат од СДСМ.
Од таму обвинија дека ова се последици од владеењето на Мицкоски и дека се зголемува несигурноста за младите, пензискиот систем се доведува во ризик, а приватниот сектор е оставен сам да се снаоѓа.
Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.