Македонија
Потпишан договор за партнерство, трговија и соработка со Обединетото Кралство

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рајчел Галовеј, на свечена церемонија ја потпишаа Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство.
„Денес одбележуваме крунисување на еден долг, значаен процес, започнат уште пред три години, а кој претставува суштински израз на вредностите на дипломатијата да создава можности и потенцијали за бизнисите, за општествата и воопшто за граѓаните“, истакна Османи.
По тој повод беше оценето дека Обединетото Кралство во изминатите десет години прераснало во еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија и меѓу десетте најголеми извозни и увозни дестинации на нашта земја.
„Договорот значи потенцијал за бизнисите да ја зголемат економската активност меѓу двете земји, тоа ќе значи потенцијал и за останатите бизниси да оформат нови релации на соработка ослободени од бариерите на границите; ова е потенцијал и за нови британски инвестиции овде во Северна Македонија, за нови работни места, за поголема активност и на домашните компании и, секако, потенцијал за севкупен економски напредок, што претставува круна на одличните односи меѓу двете земји“, истакна Османи.
Министерот додаде дека во овој период, кога нашите амбиции за членство во Европската Унија се исправени пред сериозни предизвици, никој од нас не е среќен што Обединетото Кралство ја напушта Унијата, но претставува вистинска дипломатска победа тоа што потпишуваме договор со кој ги зацврстуваме нашите односи и поставуваме темели за уште подлабока и поширока економска и политичка соработка.
За време на церемонијата на потпишување на спогодбата, свое обраќање имаше и амбасадорката на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, Рејчел Галовеј, а преку видеолинковско вклучување се обрати и Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија со Западен Балкан на премиерот, Борис Џонсон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во тек голема акција: Финансиската полиција ја тресе прилепската болница, има приведени

Во тек е голема акција на финансиската полиција во Прилеп, поврзана со сомнежи за криминал во работењето на прилепската болница.
Според информациите за „Макфакс“, приведени се повеќе лица кои раководеле со болницата.
Од Основното јавно обвинителство, попладнево, соопштија дека Финнсиската полиција постапува по нивна наредба.
„Се преземаат дејствија во врска со постапка за наводи против повеќе лица за злоупотреби во работењето на прилепската болница. Акцијата е во тек“ соопштија од Обвинителството.
Повеќе детали ќе бидат познати во текот на утрешниот ден.
Македонија
Мециновиќ: Не планирам да водам деструктивна политика, ќе соработувам со сите советнички групи

Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, на првата прес-конференција по почетокот на вториот изборен круг обвини дека Левица е неправедно исклучена од медиумскиот простор, откако АВМУ не ѝ дозволи политичко рекламирање.
Според него, со тоа, нанесен е удар врз демократијата, но најавува позитивна и проактивна кампања, иако, како што рече, условите не се рамноправни.
„Јас не сум најпаметен, ниту најдобар од сите скопјани“, рече тој. „Но знам дека скопјани заслужуваат град каде што нивниот глас нешто значи. Локалната политика е нашето секојдневие: улиците, воздухот, јавниот превоз, зеленилото. Тие работи не смеат да зависат од партиски договори“.
Тој порача дека нема да води деструктивна политика и ќе соработува со сите советнички групи. Нагласи и дека проблемите во претходниот мандат произлегле од партиски суети и лични конфликти. Ги повика и разочараните граѓани да излезат на гласање:
„Овојпат изборот е реален – старите партии веќе не се најголемиот фактор.“
На крај, му порача на својот противкандидат: „Подготвен сум на дебата, па и на јавен дуел под отворено небо. Нека народот нè слушне и избере.“
Македонија
Продолжен притворот на Нино Васев за уште 30 дена

Кривичниот суд во Скопје донесе одлука за продолжување на притворот на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, за дополнителни 30 дена.
Адвокатот на Васев, Боби Спирковски, најави дека ќе поднесе жалба на решението, оценувајќи дека голем дел од сведоците кои се повикуваат на судењето се непотребни, бидејќи предметот, како што рече, треба да се темели на стручни вештачења.
Спирковски изјави дека одбраната доставила нови докази кои, според него, ја побиваат потребата од притвор, додавајќи дека обвинението е неправилно проширено со дела како „измама“ и „проневера“, со цел да се добие повисока казна.