Регион
Во Црна Гора секој трет работник останал без работа
Во Црна Гора, од март до ноември, има зголемување на невработеноста од 11.000 лица или 31,6 проценти, рече помошник-директорката во Секторот за исплата од областа на вработувањето во Бирото за вработување на Црна Гора (ЖЗ), Светлана Крговиќ.
РТЦГ пренесува дека Крговиќ оценила дека состојбата на пазарот на трудот е неизвесна и дека статистичките податоци не се охрабрувачки.
Според соопштението на Бирото, таа рече дека е прекинат позитивниот тренд на намалување на невработеноста, кој е регистриран од декември 2017 година.
Крговиќ, заедно со другите претставници на Бирото, преку апликацијата Зум, учествуваше на експертската конференција на Центарот за јавни услуги за вработување на земјите од Југоисточна Европа (ЦПЕШЕЦ), организирана од Бугарската агенција за вработување.
„Претставниците на службите за вработување на земјите членки на ЦПЕШЕЦ разменија искуства за управување со ефектот во време на криза, улогата на јавните служби за вработување во закрепнувањето и иднината на пазарот на трудот, како и за спроведувањето на активните мерки на пазарот на трудот за време на кризата“, соопшти Бирото.
Заеднички беше оценето дека јавните служби за вработување, во борбата против кризата, покажаа прилагодливост и отвореност кон предизвиците на пазарот на трудот.
Главните цели во претстојниот период ќе бидат мерки и програми за поддршка на работодавците и барателите на работа, стратегии за успешно закрепнување од кризата, зелени работни места и дигитализација на институциите за вработување.
.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

