Македонија
(Видео) Нови дрвореди со 520 дрвја во новиот парк во Мичурин
Во новиот парк во Мичурин во Аеродром, се засадија 520 нови листопадни и зимзелни дрвја кои веќе напролет ќе развијат убави крошни чии сенки ќе придонесат за намалување на температурата во жешките месеци и ќе го раззеленат овој јавен простор кој до неодамна беше дива депонија.
„Оваа локација беше повеќедецениска дива депонија, од која годинава расчистивме 15.000 кубни метри отпад и подигнавме нова јавна површина на повеќе од 6.000 метри квадратни, која ја поделивме на прекрасен нов парк со детско игралиште и паркинг простор кој ќе го стопанисува ЈП Градски паркинг со што ќе се надмине проблемот со паркирањето на околните згради. Сега овој простор го раззеленуваме со нови дрвореди од 520 висококвалитетни дрвја. Отворањето на нови квалитетни јавни простори и облагодарување на животната средина е мој императив и овде покажуваме како еден сериозно девастиран простор станува пристојно место за уживање на граѓаните“, рече градоначалникот Петре Шилегов на прес конференцијата.
Тој истакна дека продолжува засилениот инспекциски надзор со цел да се спречи повторното создавање на диви депонии на истите места каде што биле претходно и секое несовесно однесување со отпадот ќе биде санкционирано со цел да создадеме здрави навики и да живееме во чиста и здрава животна средина.
Во овој парк засадено е и највисокото дрво за оваа сезона кое е високо 7,4 метри. Наскоро паркот ќе добие и соодветно осветлување и нови рекреативни содржини.
Есенското раззеленување на Скопје продолжува на голем број локации во сите скопски општини. На засадувањето на садниците во паркот во Мичурин присуствуваа и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, директорот на ЈП„ паркови и зеленило“ Ардијан Муча и советничката во Советот на Град Скопје, Михаела Иванова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одбележување на Водици 2026 во општина Илинден
По повод претстојниот христијански празник Богојавление – Водици, ќе се одржи традиционалната манифестација за положување на светиот крст во водите на езерото во хотел „Белви“ во н.Илинден, во организација на црквата Св. „Константин и Елена“ и под покровителство на Општина Илинден.
„За таа цел се повикуваат сите граѓани на ден 19.01.2026 (понеделник), во 12:00 часот, заедно да го одбележиме овој голем христијански празник.
Сите заинтересирани учесници, кои сакаат да бидат дел од фаќањето на крстот можат да се пријават во црквата Св. „Константин и Елена“ во населба Илинден.
За најсреќниот учесник кој ќе го фати крстот, ќе се обезбедат пригодни награди и подароци“, се вели во соопштението на општина Илинден.
Македонија
РСБСП со апел за внимателно возење за Водици и продолжениот викенд
Со оглед на продолжениот викенд и претстојниот голем верски празник Богојавление – Водици, се очекува зголемување на интензитетот на сообраќајот, особено на патните правци кои водат кон туристичките места каде традиционално се одбележува празникот.
Поради зголемената фреквенција на возила, како и можните неповолни временски услови, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува апел до сите учесници во сообраќајот да постапуваат одговорно и совесно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата и заштита на човечките животи.
РСБСП потсетува на потребата од:
· почитување на сообраќајните правила и прописи,
· прилагодување на брзината на движење според состојбата на патиштата и временските услови,
· да не се управува со возило под дејство на алкохол или други психотропни супстанции,
· навремено информирање за состојбата на патиштата и временската прогноза пред и за време на патувањето,
· соодветна подготовка на возилата за патување на зимски услови и задолжително поседување на пропишана зимска опрема во возилата
· зголемена внимателност кон пешаците, велосипедистите и другите ранливи групи на учесници во сообраќајот.
Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите нас. Со одговорно однесување, почитување на правилата и прописите, меѓусебна толеранција, секој од нас може да придонесе за побезбедни патишта и зачувување на човечки животи.
РСБСП посакува среќни празници и безбедно учество во сообраќајот.
„Празнувај одговорно, пристигни безбедно – секој живот е важен.“
Македонија
Ѓорге Иванов се обрати на Меѓународен симпозиум во британскиот Парламент
Поранешниот претседател, Ѓорге Иванов, учествуваше на Меѓународниот симпозиум за културна дипломатија во организација на Институтот за културна дипломатија и Шкотскиот форум. Настанот се одржа во Парламентот на Обединетото Кралство во периодот од 12-15 јануари 2026 година.
За време на посетата, претседателот Иванов оствари средба со Нус Гани, заменик-претседател (Deputy Speaker) на Долниот дом на Обединетото Кралство.
Иванов се обрати на сесијата „Културна дипломатија во современите меѓународни односи“ (Cultural Diplomacy in Contemporary International Relations), при што се осврна на историското значење на 1776 година како година на раѓање на политичката и економската слобода преку Декларацијата за независност и делото „Богатството на народите“ на Адам Смит. Тој истакна дека слободата не е трајно освоена придобивка, туку одговорност која бара постојана грижа, институционална доверба и активна вклученост на граѓаните. Економската слобода, нагласи Иванов, мора да биде праведна и одржлива, насочена кон подобрување на животот на луѓето, а не кон продлабочување на нееднаквостите. Во таа насока, тој посочи дека моралната и културната димензија на слободата се неопходни за зачувување на човечкото достоинство, при што културната дипломатија има незаменлива улога во градењето дијалог, доверба и меѓусебно разбирање во време на глобални поделби. Според него, токму преку културата, малите и средни држави како Република Македонија можат да ја засилат својата меѓународна видливост, да ја раскажат сопствената приказна и да обезбедат почит во меѓународната заедница.
Во рамките на форумот, Иванов учествуваше и на сесијата „Финансии, отпорност и лидерство во управувањето со современите економии“ (Finance, Resilience and Leadership in Governing Modern Economies).
На настанот учествуваа бројни истакнати меѓународни претставници и членови на двата дома на парламенот на Обединетот Кралство меѓу кои: Мигел Анхел Моратинос, заменик-генерален секретар на Обединетите нации и висок претставник на Алијансата на цивилизациите на ОН (UNAOC); Баронесата Манзила Удин, членка на Домот на лордовите на Обединетото Кралство; Ирина Бокова, поранешен генерален директор на УНЕСКО; Сенаторката Шери Рехман, поранешна министерка за климатски промени на Пакистан; Нихал Саад, директор на UNAOC; Ив Летерм, поранешен премиер на Белгија; Томас Хендрик Илвес, поранешен претседател на Естонија; Алфред Гузенбауер, поранешен канцелар на Австрија; Хасан Диаб, поранешен премиер на Либан; Мохамад Штаје, поранешен премиер на Палестина; Наталија Гаврилица, поранешна премиерка на Молдавија и Младен Иваниќ, поранешен претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина.

