Култура
Се одржаа 47. „Караманови поетски средби“ во Радовиш

Во организација на ОУ Центар за култура „Ацо Караманов“ и ОНБ „Браќа Миладиновци“ вчера и завчера во Радовиш се одржаа 47-те „Караманови поетски средби“.
На овие средби во поетскиот мозаик со македонски поети и поети од странство учествуваа поетите: Никола Маџиров, Борче Панов, Вања Изова Велева, Марина Мијаковска, Јовица Илиќ, Даниела Андоновска-Трајковска, Валерио Орлиќ, Звонко Танески, Мамта Сагар и други.
Лауреат на наградата „Караманов“ за 2020 година е Кристина Николовска за стихозбирката „Разден“, а промотори на лауреатот беа д-р Марина Мијаковска и проф. д-р Венко Андоновски.
Се промовираше првата „Антологија на Караманови поетски средби 1967-2020 година“, а нејзин приредувач и промотор беше поетот Борче Панов. Како дел од програмата беше и промоцијата на книгата на Маи ван Фан „Новогодишно бањање“ и на Раед Анис Ал-Јиши „Зачуден барут“, а промотор беше проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.
На овие средби се оддржа и трибината „Младите и новите трендови во македонската книжевност“ со проф. д-р Кристина Николовска, д-р Марина Мијаковска и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.
Средбите завршија со промоцијата на зборникот на поезија за деца и младинци „Тајна“ на приредувачот Славчо Атанасов, а промотор беше Изабела Ангелова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Ретроспективна изложба на слики “55 – години ликовно творештво” на Боро Арсовски – Бабата

На 23.09.2025 (вторник) со почеток во 20:00 часот во Национална устанoва Центар за култура “Трајко Прокопиев” Куманово, во изложбениот салон ќе биде отворена Ретроспективна изложба на слики “55 – години ликовно творештво” на Боро Арсовски – Бабата
Боро Арсовски – Бабата е роден 1952 година во с. Страцин, Република Македонија. Основно и Средно образование завршил во Куманово. Со сликарство се занимава од 1969 година како сликар наивец и воедно изработува скулптури во камен и керамика – теракота. Првпат излага во 1971 година со ДЛУК од кога е и член на друштвото со кое настапува на многубројни годишни изложби ширум Југославија. Член е на УСУ-Галерија “Југославија” Белград. Од 1986 година членува во УСУ “Трета димензија” Белград. Учествувал на преку 30 меѓународни ликовни колонии на наивна уметност во : Риека, Загреб, Петриња, Врбовец, Нови Винодолски – Р. Хрватска, Сански Мост, Лукавац – Р. Босна и Херцеговина, Врање, Светозарево – Р. Србија, Требње – Р. Словенија. Има учествувано на преку 200 групни изложби и 4 самостојни. Неговите дела се лицитирани на неколку аукции во Белград и Скопје, за кои имало најголем интерес, најдолго се лицитирани и најскапо продадени. Неговите слики се наоѓаат во многу Галерии, Музеи и приватни колекции ширум светот. За творештвото на Арсовски се снимени 2 документарни филма. Едниот во продукција на Македонска Радио Телевизија, а вториот филм е снимен за меѓународениот филмски фестивал “Златни сунцокрет” во Р. Србија кој е награден со златна плакета. Боро Арсовски – Бабата живее и работи во Куманово, како самостоен сликар – наивец и сопственик е на уметничка Галерија “Art Gallery Arsovski”.
За творештвото на Арсовски стручната уметничка фела на историчари на уметноста ќе запишат:
“Боро Арсовски слика композиции проткаени со етнографски елементи и Македонски народен фолклор. Сцените ги конципира на специфични односи на хипертрофирање или атрофирање на поедини облици и ликови со снажни симболички значења. Посебност во неговото сликарство го чинат портретите кои во натприродна големина ги вградува во зачудувачки сцени и ситуации”, вака пишува Јурај Балдани од Риека. “Далеку од големите центри на наива, без влијание на веќе афирмирани уметници, сам ги запознава и учи тајните на сликарството. Меѓутоа тоа му помогна да изгради свој сопствен ликовен ракопис, созрее во ликовен творец на оригинални дела препознатливи на пошироката јавност”, пишува Славомир Воиновиќ од Белград. “Сликите на Арсовски претставуваат иновација во наивната уметност, на кои се претставени занимливи варијанти со иреален свет”, ќе запише Мирослава Бошковиќ од Светозарево. Петар Трајковски од Скопје пак ќе запише “Сите се сложуваме дека во сликите на Боро Арсовски – Бабата, сликар наивец се чувствува огномет на бои. Секое делче од сликата е осветлено од чиниш сонце што само над него свети”. “Арсовски секогаш ни ја претставува Македонската земја со сонце печена и со пот залеана. Контрасните бои црвена и сина, како и комплементарните тонови, наговестуваат радост, вжарено небо, блесок на ретка молња”, пишува Милорад Ѓорѓевиќ од Лукавац. “Арсовски слика најразлични ликови, непредвидливи ситуации, неговите бои даваат живост на сликарската фикција. Уметникот во своите слики сака да изненади, да воодушеви, да го збуни гледачот. Волшебноста на преобразбата често пати ја приклонува кон хипертрофирана метаморфоза. При тоа посебно внимание посветува на детали полни со визионерство и драматизам. Во неговите слики легендата и реалното, прикажани се со иста сликарска дикција. Само мајстори како Боро Арсовски можат од привидно неспоивите работи да создадат импресивно единство на сликата. Неговата техника на сликарство ја досегна крајната точка од виртуозноста. Во некои негови слики е доловена апокалиптичноста и луминизмот во колоритот”, ќе запише Божидар Тодороски – Бодле.
Проектот е од националено значење во културата од годишната програма на Национални установи за 2025 година поддржани од Министерство за култура и туризам.
Култура
Петминутен аплауз и стоечки овации за македонските актери и „Ничија земја“ на фестивалот „Театар без граници“

Синоќа, Македонскиот народен театар имаше чест да ја отвори првата фестивалска вечер на новиот европски фестивал „Acting Europe – Театар без граници“ во Ќустендил, Бугарија. Претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ и во режија на Александар Морфов, беше одиграна пред преполна сала со 700 гледачи, кои ја наградија маестралната актерска игра со громогласни стоечки овации и петминутен аплауз.
Универзалната тема за апсурдноста на војувањето, која режисерот Морфов умешно ја преточил во претстава, силно ја допре публиката во Ќустендил, меѓу кои имаше и гледачи дојдени од Софија и од Македонија. Иако беа обезбедени преводи на бугарски и англиски јазик, речиси никој од присутните активно не ги следеше, затоа што публиката чувствено ја доживеа приказната преку импулсите на актерите, разбирајќи ја нивната емоција.
Во претставата играат врвните и искусни актери: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Александар Михајловски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.
Фестивалот „Acting Europe – Театар без граници“ е нова европска иницијатива, која ја степенува важноста на меѓукултурната разновидност на театарската сцена, преку претставување класични и современи продукции од различни земји. Целта е поттикнување уметничка размена, дијалог меѓу културите и создавање долгорочни партнерства.
Организаторите се фокусирани на копродукции создадени во духот на меѓународната соработка, кои го акцентираат потенцијалот за вмрежување, интердисциплинарни пристапи и поврзување преку границите.
Првото издание на фестивалот обединува реномирани театарски куќи од Македонија, Србија и Бугарија, со програма која освен претстави, нуди и палета на професионални и културни активности: работилници и обуки со претставници на Европската комисија од Брисел, посветени на европско финансирање и мобилност за театри. Настанот се реализира под покровителство на Европската Унија, со поддршка на Претставништвото на Европската комисија во Бугарија, општина Ќустендил и Сојузот на артисти во Бугарија. Македонското учество е овозможено со поддршка на Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија, преку Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, финансирана од ЕУ.
Култура
Сликата со тажна приказна од Пикасо излегува од сенка: портретот на Дора Мар на продажба

Француската аукциска куќа „Хотел Друо“ ќе ја понуди на продажба сликата „Портрет на жена со цветна шапка“ на Пабло Пикасо, посветена на неговата партнерка Дора Мар и насликана во јули 1943 година. Делото масло на платно со димензии 80 x 60 см, се проценува на речиси осум милиони евра, но се очекува цената да порасне на аукцијата закажана за 24 октомври.
Сликата се наоѓала во сопственост на истакнат француски колекционер, дедото на сегашните наследници, и никогаш досега не била јавно изложена. Според експертите, ова е едно од ретките дела, кое претставува клучен момент во уметноста на Пикасо – создадено во време кога тој ја напуштал Дора Мар поради помладата Франсоаз Жило.
Автентичноста на портретот е потврдена, а досега била позната само преку архивски фотографии и каталози.