Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ мавта со соросова студија која не е став на Европскиот Парламент

Се потврди дека главниот извор на лажни вести е СДСМ, мавтаат со соросова студија која не е став на Европскиот Парламент, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која кажа дека профилите на социјалните мрежи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се нотирани како извор на лажни вести.
„СДСМ не запира да ги злоупотребува имињата на ЕУ и европските институции. Наводната студија на која се повикуваат не е став на ЕУ, туку соросова студија која самата е лажна вест. Заев и СДСМ со злоупотребата на наводната студија потврдија дека се фабрика за лажни вести. Наместо фабрика за работа тие се фабрика за криминал и лажни вести. Заев рајхт се легитимираше како главен лажливец. Заев и СДСМ лажеа дека се затворени сите отворени прашања со соседите. Сега гледаме дека лажеле“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Заев и СДСМ лажеле дека ќе направат 600 километри автопат за еден мандат, дека ќе добиеме датум во март, па во мај, па во октомври, дека платите ќе бидат 30.000 денари, дека платите на лекарите ќе бидат 100.000 денари и дека не преговараат за идентитетот.
„Заев и СДСМ излажаа за сѐ што кажаа. Заев и СДСМ се најголем извор на лажни вести“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Тренчевска за амандманот за поддршка за настраданите во трагедијата во Кочани: Да покажеме дека сме единствени кога е најпотребно

Пратеничката група на СДСМ и коалцијата поднесе комисиски амандман за ребалансот на Буџетот, со кој се предлага обезбедување на средства во висина од една милијарда и дваесет милиони денари за финансиска поддршка на повредените и семејствата на починатите лица во трагедијата што се случи во дискотеката „Пулс“, во Кочани, како и за реновирање и набавка на неопходна медицинска опрема за Општата болница во Кочани.
„Во март се случи најголемата трагедија во историјата на нашата држава. Загинаа 62 млади животи, а над 200 лица беа повредени, од кои многу со трајни последици. Владата досега не инвестираше доволно за справување со последиците, а најголем дел од помошта стигна од граѓаните и општествено одговорни компании преку Црвениот крст и Сапорт Кочани“, рече пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска.
Таа додаде дека амандманот е одговор на секојдневните апели на семејствата на загинатите и на повредените, кои со месеци бараат поддршка и правда.
„Сведоци сме секојдневно на излегувањето низ улиците на Кочани на семејствата на загинатите. Сведоци сме секојдневно на барањето на помош и поддршка од настраданите и повредените од оваа трагедија, од овој пожар, и од тие причини сметаме дека овој амандман навистина ќе помогне и во справувањето со проблемите во болницата, и за обезбедување на средства за реновирање и за обезбедување на медицински материјал, меѓутоа и во оној дел што значи поддршка и помош на семејствата и на повредените од пожарот во Кочани“, рече Тренчевска.
При тоа, Тренчевска апелираше до сите пратеници да го поддржат амандманот, испраќајќи порака дека Собранието треба да стои зад граѓаните во најтешките моменти.
„Да покажеме дека сме единствени кога е најпотребно – за да помогнеме, да обновиме и да вратиме надеж таму каде што е најмногу изгубена“, изјави Тренчевска.
Македонија
Царинска управа: Раст на наплатата на приходи од 105 милиони евра, 181 кривична пријава, за една година поставени темелите за забрзан еконосмки раст

Царинската управа за една година наплати приходи во висина од две милијарди евра или 105 милиони евра повеќе средства во Буџетот од годината претходно. Преку Секторот за контрола и истраги до Основното јавно обвинителство и Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција поднесена е 181 кривична пријава за сторени кривични дела. Вкупно сузбиени се над 520 случаи на криминални активности. Изготвен е нов Царински закон и се имплементираат проекти во вкупна вредност од 24,4 милиони евра, што ќе овозможи забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ. Ова го истакна директорот Бобан Николовски по повод „Една година резултати“ на кој во присуство на државниот врв, бизнис заедницата и меѓународните организации беа презентирани резултатите од изминатата една година. На настанот се обратија и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Во знак на признание за континуираните заложби и поддршка за унапредување на царинската служба, директорот во име на Царинската управа на премиерот му врачи Плакета со повелба.
„Тргнавме силно уште од првиот месец. Денеска Царинската управа претставува еден од главните столбови на кои се потпира државата, симбол за просперитет, симбол за безбедност. Во изминатиот период, заеднички покажавме дека институциите можат да бидат двигател на позитивни промени кога се водат со визија, а тимската работа е ставена во прв план. Не зборуваме веќе за индивидуални успеси – Царинската управа стана симбол на институционален капацитет што колективно испорачува резултати, истакна Николовски.
Мицкоски, нагласи дека за една година, со напорна работа, со визија и домаќински пристап државата е вратена на нозе, дел по дел, институција по институција, систем по систем.
„Овие бројки значат повеќе за пензии, за плати, за болници, училишта, патишта и за иднината на нашите деца. Тие пари до вчера завршуваа во сивата економија. Денес се враќаат кај народот. Се отвори и борбата против сивата економија и криминалот, а за тоа говорат и бројките – до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за организиран криминал поднесени се 181 кривична пријава“, нагласи Мицкоски.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска потенцира дека бројките и податоците се импресивни и се јасен доказ за посветеното, професионално и транспарентно работење на Царинската управа.
Македонија
До крајот на август ќе бидат пуштени уште 18 километри од автопатот Кичево – Охрид, целосно во употреба во 2027 година

За речиси еден и пол месец, премиерот Христијан Мицкоски очекува во употреба да бидат пуштени уште 18 километри од автопатот Кичево – Охрид. Со нив и со делот што викендов беше пуштен во употреба, Мицкоски вели дека ќе има 34-35 километри автопатско решение, а преостанатите до 57 километри колку што има вкупно делницата Кичево – Охрид ќе бидат пуштени во употреба најдоцна во првиот квартал од 2027 година оти треба да се санираат свлечиштата.
„Се привршува секцијата од Климештани до Охрид. Тоа се исто така 17-18 километри, кои очекувам до крајот на август да бидат пуштени во функција, со што од вкупната делница од 57 километри, до крајот на август 34-35 км ќе бидат автопатско решение. Минус се оние пет километри кај Ботун и минус оние 17 од излезот на тунелот до Кичево, кои очекувам да бидат завршени до крајот на 2026 година или почетокот на 2027 година. Еве нека биде најдоцна првиот квартал од 2027 година“, рече премиерот Мицкоски денес на отчетот за сработеното оваа година на Царинската управа.
Дополнително, треба да се заврши делницата од Врбјани до Кичево, која е долга 17 километри и има 10 свлечишта. Премиерот Мицкоски вели дека проектите за стабилизирање на свлечиштата се готови и очекува во август да почне да се работи на нив, а целосно да бидат завршени на крајот на 2026 година или почетокот на 2027 година.
Во истиот период премиерот вели дека ќе се работи и на свлечиштата на петте километри од автопатот кај Ботун за кои смета дека се попредизвикувачки, но и за нив проектите се готови.
Премиерот Мицкоски најави дека ќе се зголеми и кредитот за доизградба на автопатот Кичево – Охрид.
„За сето ова за што зборувам е потребно зголемување на рамката на кредитот бидејќи, за жал, тоа не било предвидено во минатото“, рече премиерот, без да прецизира за колку ќе се зголеми кредитот.
Според јавно достапните податоци, изградбата на автопатот Кичево – Охрид досега чини 598 милиони евра место првично планираните 374 милиони евра. Изградбата почна во мај 2014 година, а во јануари 2014 година беше склучен договорот за заем помеѓу банка на НР Кина и Јавното претпријатие за државни патишта.