Економија
(Видео) Фирмите, трговците поединци и занаетчиите може да аплицираат за новата линија бескаматни кредити

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, денес на заедничка прес-конференција со ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир и директорот на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов, изврши промоција на новата, трета по ред бескаматна кредитна линија „Ковид 3“, која од денес станува достапна за микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии, а со која на располагање се ставаат 31 милион евра.
„Би сакал да ѝ се заблагодарам на Европската Унија, која преку механизмот EU4Resiliance од ИПА-програмата обезбеди 30 милиони евра за реализација на оваа мерка, а еден милион евра е државната поддршка од наменските програми во буџетот за справување со коронавирусот од страна на Владата“, соопшти вицепремиерот Битиќи.
На јавниот повик може да аплицираат сите микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии, чие работење е погодено од коронавирусот, а може да се измери преку падот на приходите.
„Во оваа трета кредитна линија, по барање на занаетчиските комори, првпат е проширен таргетот на кредитната линија и им е дадена шанса и на занаетчиите што имаат пад на своите приходи најмалку 20 % да може да поднесат кредитно барање за кредит со 0 % камата“, рече Битиќи.
Оваa мерка е континуитет на претходните две кредитни линии „Ковид 1“ и „Ковид 2“, со кои беа обезбедени бескаматни кредити во вредност од 13,5 милиони евра за 1.376 компании за зачувување на речиси 18.000 работни места во овие компании.
Директорот на развојната банка на Република Северна Македонија, Кире Наумов, ги презентира сите детали на јавниот повик, при што посочи дека кредитите ќе бидат без камата, со три години рок на отплата и вклучен грејс-период до шест месеци, а ќе може да се користат за набавка на основни и обртни средства заради непречено финансирање на тековните активности и потребата од обртен капитал на субјектите.
„Минимален износ на кредит за кој ќе може да се поднесе барање е 3.000 евра, а максималниот износ изнесува 5.000 евра за трговец поединец и занаетчија; и 15.000 евра за микро и мали трговски друштва. Објавата на јавниот повик ја правиме денес, а почетокот за доставување кредитни барања за ‘Ковид 3’ е на 16 декември од 00.01 часот на полноќ. Кредитни барања ќе може да се доставуваат сè до 30 декември до 23.59 часот, односно повикот трае вкупно 15 дена. Пристигнатите кредитни барања ќе се обработуваат по завршување на јавниот повик, хронолошки, по принципот прв дојден, прв услужен, појасни директорот Наумов.
Аплицирањето ќе биде исклучиво електронски на имејл-адресата [email protected].
Новина во оваа кредитна линија е грант-компонентата од 30 % која корисниците на кредит од „Ковид 3“ ќе може да ја добијат. Грант-компонентата се однесува на четири категории субјекти, и тоа:
– прва категорија субјекти се оние што се управувани од жена или, пак, имаат во сопственичката структура жена или жени со учество од најмалку 50 %;
– втора категорија субјекти се оние што се управувани од млади лица до 29 години согласно со европската дефиниција за млади или, пак, имаат млади во сопственичката структура од најмалку 50 %;
– трета категорија субјекти се извознички компании кај кои учеството на приходите од странство во вкупните приходи е најмалку 50 %; и
– четвртата категорија е најширока, а се однесува на субјекти што реализираат активности, односно проекти во областа на зелената економија, модернизација и дигитализација на деловните процеси преку набавка на опрема или воведување нов начин на продажба, како и иновација од аспект на воведување нови производи и нови услуги;
Правото на грант ќе може да го остварат кредитокорисниците на „Ковид-3“ по отплата на 50 % од износот на кредитот, со поднесување барање за грант до Развојната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Во салата на киното „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.
Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.
„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.
Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:
– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;
– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;
– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.
Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на Законот за царинските тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царинските давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од 4 проценти забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти, на 72,40 долара за барел, а американската референтна нафта West Texas Intermediate (WTI) скокна за 5 проценти, на 71,40 долар за барел.
Според „Ројтерс“, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година кога почна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на ‘Брент’ ги одразува не само тековните ризици за снабдување туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува „Танјуг“.