Македонија
МЖСПП: Усвоени предлозите и изменувањата на 8 закони од областа на животната средина
На денешната 26. седница на Владата беа утврдени предлозите за измени и дополнувања на Министерството за животна средина и просторно планирање во поглед на 8 закони од областа на животната средина, и тоа: Законот за квалитет на амбиентен воздух, Законот за животна средина, Законот за заштита на природата, Законот за водите, Законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење бензини, Законот за планински патеки, Законот за заштита од бучава и Законот за генетски модифицирани организми.
„Дел од овие предлози веќе беа доставени еднаш до Собранието, но не беа усвоени зашто истото се распушти. На почетокот на мандатот беше доставен предлогот за предвидување можност за покачувањето на глобите во областа на животната средина во Законот за прекршоците до Собранието и сега соодветно ги изработивме измените и на сите посебни закони. За усвојување на овие предлози, неопходно е Собранието да ги донесе измените на Законот за прекршоците и се надевам дека тоа ќе биде сторено во најкус можен рок за да можат да бидат усвоени и овие клучни измени во областа на управувањето со воздухот и контаминираните подрачја и да започне спроведувањето на измените и во пракса“, порача министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, по повод успешното завршување на владината процедура за усвојување на предлозите.
Во овие измени и дополнувања се изврши усогласување со Законот за прекршоците и Законот за инспекциски надзор, при што е предвидено и дополнително зголемување на висината на глобите (до 20 пати), согласно претходно предложената измена на Законот за прекршоците која е доставена до Собранието на усвојување.
Со повисоките глоби за прекршоците во животната средина, како и воведување на обврската за надоместување на сторените штети, се очекува обезбедување поголема заштита на животната средина и превентивен, односно одвраќачки ефект кај загадувачите.
Покрај покачувањето на висината на глобите, во Законот за квалитетот на амбиентниот воздух и Законот за животна средина се предвидени дополнувања на материјалните одредби со цел подобра регулација на областите. Во Законот за квалитетот на амбиентниот воздух се врши транспозиција на ЕУ-директивата за воздух при што се предвидени попрецизни обврски за локалната самоуправа за изработка на планови за управување за воздух, со конкретни и задолжителни мерки што треба да се преземат при зголемени концентрации на загадувачки материи: регулација на транспорт, индустрија, работно време, ослободување на ранливи групи и слично.
Ова произлегува од фактот дека особено во зимскиот период имаме во повеќе наврати надминување на среднодневните гранични вредности на концентрација на ПМ 10 и ПМ 2,5 суспендирани честички во градовите низ целата држава и има потреба од спроведување на краткорочни и среднорочни мерки намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот. Постоечкиот начин на подготовка на плановите за квалитет на воздух на ниво на зона/агломерација се покажа како тешко применлив, и поради тоа со измените и дополнувањата на Законот се појаснуваат надлежностите и процедурите за изготвување и усвојување планови за квалитет на воздухот и на краткорочните акциски планови. Воедно се утврдуваат критериумите за тоа кои ЕЛС се должни да подготвуваат и спроведуват вакви планови. Исто така, измените и дополнувањата на законот дефинираат и надлежности на одредени органи на државната управа со цел да се олесни спроведувањето на одредени краткорочни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот при надминување на прагот на алармирање. Дополнително, се даваат овластувања на други државни инспекторати за вршење надзор во спроведување на краткорочните мерки за подобрување на квалитетот на воздухот.
Во случаите кога нема да постапат единиците на локалната самоуправа, се предвидува можност за преземање на задолжителните мерки од страна на Владата.Во Законот за животна средина, пак, главната измена е во поглед на контаминираните подрачја, односно историското загадување, при што се предвидуваат конкретна методологија за идентификација, обврска за изработка на План за ремедијација и содржина на планот.
Согласно постојната законска регулатива од областа на животната средина, статусот контаминирано подрачје не е препознаен, па оттука не се определени ниту прагови на степен на загаденост на медиумите на животната средина, по чие надминување подрачјата ќе можат формално да се идентификувани. Следствено, не е пропишана методологијата за воспоставување на тие гранични вредности, односно за прогласување на контаминираните подрачја и нивно управување со што нивното прогласување значително е отежнато.Покрај тоа има измени во поглед на висината на надоместоците за животна средина, заради стимулирање на поеколошки моторни возила, а предвидена е и можноста за усвојување на задолжителни еколошки стандарди од страна на министерот за животна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на починатите деца од „Пулс“ бараат новиот јавен обвинител да го преиспита случајот
Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска на 34. Марш за ангелите во Кочани побараа проширување на истрагата, утврдување на индивидуална одговорност и јавно образложение зошто одредени лица досега не се опфатени со постапка. Исто така, тие испратија порака до новиот државен јавен обвинител – да се преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, како што рекоа, за да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил.
-Гневни сме затоа што постојат и други лица за кои јавноста, а и ние како семејства, основано знаеме дека носат вина, а истите не се ниту осомничени, ниту предмет на видлива и транспарентна истрага. Нашите деца не се бројка. Тие имаат имиња. Имаат приказни. Имаат семејства што засекогаш ќе ги чекаат. Овој марш е порака: дека сме тука, дека паметиме, и дека нема да дозволиме вистината да се закопа заедно со нашите деца, рече Александар Наунов, татко на починато девојче од пред полициската станица во Кочани.
Пред зградата на Судот и Обвинителството во Кочани, Верица Трифунова, мајка на починатата Моника Спасова, нагласи дека оставката на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски е задоцнета.
-Денес, во време кога ние повторно чекориме со сликите на нашите деца во срцата, државниот обвинител Коцевски поднесе неотповиклива оставка. Оставка што доаѓа предоцна. Затоа што немаше храброст и волја самостојно да го отвори предметот од денот на трагедијата. Наместо вистинска истрага, тој бараше информации од МВР, а постапките што следеа беа насочени кон лица осомничени уште од 2024 година и претходно, додека вистинските носители на моќ и одговорност останаа заштитени, децидно рече Трифунова.
Таа смета дека новиот државен обвинител треба да го преиспита целокупниот предмет од самиот почеток, од денот на трагедијата, да се утврди кој знаел, кој дозволил, кој премолчел и кој не постапил, и на обвинителна клупа да се најде секој што директно или индиректно придонел за убиството на нивните деца.
Протестниот марш, вообичаено, започна од „Паркот на Револуцијата“, преку Трговскиот центар и Управата за јавни приходи, кон полициската станица и Судот. На двојниот мост кај кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, запирајќи, родителите направија застој во сообраќајот, на што возачи реагираа со свирежи од нивните автомобили и не знајќина од кои причини е стојат подолго време во место.
Македонија
Петти конгрес на ДУИ – Ахмети бара нов историски договор
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на денешниот Конгрес на партијата во Скопје најави нов „Национален договор за напредок“ и побара целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години. Ахмети предложи и воведување на „извршен Бадентер“ при избор на Владата, примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд и нова фаза на функционална и фискална децентрализација.
Лидерот на ДУИ истакна дека иницијативите имаат за цел да го зајакнат унитарниот карактер на државата преку еднакво партнерство на сите заедници, да ја зацврстат довербата во институциите и да обезбедат стабилна, функционална и праведна држава.
– Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Во таа насока, предлагаме три клучни мерки кои обезбедуваат правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор од Охрид. Прво, избор на Владата со двојно мнозинство, односно извршен Бадентер; Секој нов состав на Владата да ја добие довербата на Собранието не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници, смета Ахмети.
Ова, според него, ќе овозможи Владата да ужива двоен легитимитет и реално да ги претставува сите заедници. – Овој механизам обезбедува двоен демократски легитимитет и гарантира реална застапеност на сите етнички заедници, како и зачувување на меѓуетничката кохезија на највисоките нивоа на извршната власт, рече Ахмети.
Како втора мерка, лидерот на опозициската ДУИ ја посочи примената на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд.
-Законите усвоени со двојно мнозинство во Собранието не смеат да бидат поништени од Уставниот суд без двојно мнозинство и во рамките на судскиот состав. Предлагаме уставно-правни измени со кои одлуките што ги засегаат правата на немнозинските заедници нема да се донесуваат без заемна согласност меѓу судиите, рече Ахмети.
Трета мерка, додаде, е продлабочување на децентрализацијата и локалната самоуправа, односно, како што рече, „финансиска автономија на единиците на локалната самоуправа, преку правична распределба и враќање на даночните и таксените приходи во општините каде што тие се создаваат“.
Во делот за владеењето на правото, Ахмети изјави дека ДУИ ја поддржува идејата за темелна истрага на потеклото на имотот, приватизацијата и дејствијата на безбедносните служби од 1945 година до денес, нагласувајќи дека „правдата не смее да биде селективна“.
Најави дека нивниот предлог за „Национален договор за напредок“ ќе ги обедини сите заедници и експерти за заедничка визија на државата „во која достоинството е гарантирано, а соништата се остварливи“. На крајот од обраќањето Ахмети упати повик до младите, жените, професионалците и дијаспората активно да се вклучат во, како што рече, процесот за изградба на европска иднина, бидејќи „иднината не се гради со поделби, туку со еднаквост, не со експерименти, туку со државничка одговорност“.
На Конгресот, партијата усвои четири резолуции – за зајакнување на унитарниот карактер на државата и консолидирање функционална еднаквост, за владеење на правото, независното судство и враќање на довербата во институциите, за национален договор за напредок и одржливиот развој на државата и за европската интеграција.
Македонија
Откажани летови и отежнат авиосообраќајот на скопскиот аеродром поради маглата
Како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина денеска до 14 часот на Меѓународниот Аеродром Скопје има пет откажани, два пренасочени и шест летови со доцнење. Од 12 часот временските услови се подобрени, така што три лета пристигнаа, еден полета, а три лета се спремни да полетаат, информираат од ТАВ Македонија.
Од ТАВ Македонија апелираат до сите патници дека временските услови се менуваат постојано и во однос на нивните летови да ги следат насоките кои им ги дава нивната авиокомпанија.
-Денеска, 20 декември 2025, од 00:00 часот до 14 часот, на Меѓународниот Аеродром Скопје има 5 откажани летови, 2 пренасочени летови и 6 летови со доцнење, како резултат на ниската видливост предизвикана од густата магла што ја зафати скопската котлина. Од 12 часот временските услови се подобрија, така што 3 лета пристигнаа (од Дортмунд, Истанбул и Париз), 1 лет полета (за Истанбул), а 3 лета се спремни да полетаат (за Осло, Љубљана и Баден-Баден), информираат од ТАВ Македонија.
Маглата, што го зафати денеска Скопје го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб-страница, има откажани и летови што се реализираат со задоцнување, додека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, но со намалена видливост на одредени патни правци.

