Македонија
(Видео) Осомничени шест лица за двата тона марихуана

МВР во координација со ОЈО презема мерки и активности за акцијата разбојништво што се случи во петокот кога беа одземени 2 тони марихуана.
Од МВР информираат дека осомничени се 6 лица. По извршените претеси приведени се дел од нив, а најден е и дел од дрогата.
„По добиената пријава, преземени се мерки и активности за расчистување на случајот и по добиени сознанија извршени се низа претреси во Арачиново, Горно Мојанци, Скопје, како и други локации, при што е пронајден дел од дрогата, како и други предмети поврзани со кривичното дело, а приведени се и дел од осомничените. За случајот до сега се осомничени шест лица и за нив се обезбедени докази. Истрагата продолжува и се проширува. Во координација со обвинителството од Гевгелија, преземаме дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот“, рече портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со метален предмет го убил брат му па го закопал во дворот од заедничката куќа: расчистено убиство во Кавадарци

Денеска (06.08.2025), ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против С.И.(43) од Кавадарци поради постоење основи на сомнение дека сторил кривичнo делo „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
Тој се сомничи дека на 27.07.2025 во семејниот дом во Кавадарци со метален предмет нанел повреди на неговиот брат И.И.(42) од Кавадарци, од кои тој починал, по што телото го закопал во помошен објект во дворот од заедничката куќа.
Имено, вчера (05.08.2025), нивната сестра В.О.(44) во 11:00 часот во ОВР Кавадарци го пријавила за исчезнат нејзиниот брат И.И.. Додека, во 13:00 часот пријавила дека во помошниот објект во дворот од куќата на нејзините браќа, каде што отишла со сопругот, забележале дека има ископ покриен со ровка земја, по што се посомневале дека е можно нејзиниот исчезнат брат да е закопан внатре.
Веднаш по пријавата, на местото излегле јавен обвинител, полициски службеници и претставници од Институт за судска медицина Скопје, а од погребално претпријатие откопана е дупката и било пронајдено телото на И.И..
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција и вештачење. Истиот ден во 14:40 часот, по извршени оперативни проверки и добиени сознанија и во координација со јавен обвинител, полициски службеници го лишиле од слобода С.И., по што го спровеле во јавното обвинителство, каде во службен разговор го признал делото.
Македонија
Само за спортско навивање има место на трибините: МВР најстрого ќе го санкционира говорот на омраза

Министерството за внатрешни работи во континуитет апелира до сите граѓани и членови на навивачки групи да ги бодрат своите спортски клубови, но да навиваат спортски, исклучиво во спортски дух, без говор на омраза, без било какви навреди по лична, етничка, верска или било која друга припадност што не соодветствува на спортски натпревари и е спротивно на законот.
МВР нагласува дека во рамки на обезбедувањето на мирни и непречени спортски натпревари, како во минатото така и сега и во иднина, полицијата ќе биде крајно ригорозно по однос на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, односно било какви навредливи скандирања и друг начин на ширење на говор на омраза.
Потсетуваат дека во врска со кошаркарскиот натпревар што се одржа на 02.08.2025 во Спортската сала во Куманово, во СВР Куманово веќе се повикани неколку осомничени лица со кои што е извршен службен разговор, и по извршени анализи во координација со ОЈО Куманово ќе бидат преземени конкретни законски мерки а едно лице е лишено од слобода и против него ќе следи соодветен поднесок.
Што се однесува за фудбалскиот натпревар кој се одржа на арената Тодор Проески во Скопје на 05.08.2025, СВР Скопје врз основа на снимениот и документиран материјал презема мерки во координација со надлежен јавен обвинител, информираат од министерството. Појаснуваат дека е доставено писмено известување до Обвинителството врз основа на веќе утврдениот материјал, по што МВР ќе постапува согласно своите надлежности во координација со ОЈО и за било какви утврдени законски прекршувања ќе следуваат соодветни поднесоци, за што јавноста благовремено ќе биде информирана.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец јули 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 06 Август 2025 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците кои не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа:
– 06.08.2025– А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ; И, Ј, К, Л, Љ
– 07.08.2025– М, Н, Њ, О;П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш