Македонија
(Видео) Мицкоски: Во 100 дена Владата бележи само загуби и покажа дека не може да испорача европска иднина
Стоте дена од старо-новата Влада се продолжение на низата промашувања, криминал и силни неуспеси, што трае четири долги години, рече денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, овие 100 дена од вториот мандат на Владата се најлошите 100 дена на која било влада што досега била на чело на современата македонска држава.
„Ветуваа живот, а по оној предизборен инжерениг во избори во кои се служеа со сè, само не со предизборна програма, уценуваа, се закануваа, поткупуваа, менуваа закони, буквално сè, само не со политичка платформа, составија влада со ветување ‘Можеме подобро’, а за 100 дена добивме вето на патот кон ЕУ, влеговме во економска рецесија, пропадна банка – втора ТАТ-афера тешка 200 милиони евра, поскапе електричната енергија, 1.400 животи се загубија поради отсуство на стратегија и акутна неспособност во здравството“, посочи лидерот на опозициската партија.
Според Мицкоски, оваа власт не знае како во економијата, во здравството е хаотична, а во надворешната политика, наместо со принципи и мудрост, постојано се коцка со идентитетските прашања.
„И многу лажат, но тоа за нив е веќе секојдневие“, додаде тој.
Во своето излагање Мицкоски посочи дека Владата на Заев носи замо загуби и потоа наброи низа од нив во сферите на економијата, здравството, земјоделството, образованието и инфраструктурата.
Според него, оваа Влада била потресена и од многу скандали и афери, а на крајот го спомена и ветото за ЕУ.
„Требаше да добиеме датум за преговори, но добивме вето. Вето што не е само кочница за иднината, туку и израз на исклучителната неспособност на Владата, на Зоран Заев и на неговата домат-меѓународна политика. По четири години лаги дека само што не сме почнале преговорите, денес е јасно дека имаме Влада што не може да испорача европска иднина“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, Владата на Заев не успеала во намерата да се откаже од идентитетот затоа што, како што рече, се случил народ.
Сепак, нагласи дека додека Заев е премиер, идентитетот и иднината на земјата се под закана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Насилен упад во студиото на Инфомакс, ЗНМ бара најстрога санкција за напаѓачот
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) најостро го осудува бруталниот напад што вчера се случи во редакцијата на „Инфомакс“ за време на емитување програма во живо, од страна на непознато лице, со што беше загрозена безбедноста на новинарите Александар Митовски и Милош Милошевски, како и на вработените во редакцијата.
Според информациите од колегите од Инфомакс, непознато лице пристигнало со такси пред редакцијата за време на емисијата. Напаѓачот започнал агресивно да удира и тропа по влезната врата, која била заклучена и обезбедена со шифра. По кратко време, успеал насилно да ја скрши и да влезе во дворот на редакцијата. Во моментот кога екипата направила пауза од емитувањето, новинарот Милош Милошевски излегол да провери што се случува. Напаѓачот, продолжил да се движи кон другиот дел од објектот, каде што со сила искршил уште една врата обидувајќи се да стигне до студиото.
Според сведочењата нa колегите, лицето упатувало навреди и закани по живот, а насилното упаѓање во редакцијата довело и до насилно прекинување на емитувањето на програмата, со што директно било спречено новинарите да ја вршат својата професионална должност и слободно да информираат.
Ваквото однесување, може да биде опфатено со одредбите од член 382 од Кривичниот законик Спречување службено лице во вршење службено дејствие, со предвидени казни до три години затвор, со оглед дека напаѓачот насилно упаднал во студиото, кршел инвентар и насилно ја прекинал работата на новинарите а со тоа и нивната обврска слободно да информираат.
Овој инцидент, како што велат од ЗНМ, претставува сериозно нарушување на безбедноста на медиумските работници и директен напад врз слободата на изразување. Настанот уште еднаш ја потсетува јавноста и институциите на неопходноста од обезбедување безбедна и заштитена средина за работа на медиумите.
Здружението бара најстрога санкција за сторителот, со цел спречување на идни напади и нулта толеранција кон насилство врз новинари.
„Очекуваме сите надлежни институции, вклучително и полицијата и обвинителството, да постапат професионално, ефикасно и без одлагање, со цел случајот целосно да се расчисти во најкус можен рок“, се додава.
ЗНМ ќе продолжи внимателно да го следи случајот и ќе реагира секогаш кога е загрозена безбедноста на новинарите и медиумските работници.
Фото: Pexels
Македонија
(Видео) Станкоска: Дали со еден стан Орце го реши проблемот на жените жртви на насилство?!
„Со отстапување на еден единствен стан од 30 м², кој наводно е „сè што градот има на располагање“ градоначалникот на Град Скопје, Орце Георгиевски „го реши“ проблемот со сместувањето на жртвите на семејно насилство. Оваа предлог-одлука предвидува токму тој мал, единствен стан да стане новиот простор за најранливите жени во градот“, велат од партијата Левица.
-Град Скопје нема извршено попис на сопствениот недвижен имот, не постои јасна евиденција што поседува градот, во каква состојба е имотот, колку објекти стојат празни, неискористени или пропаѓаат. А кога институцијата не знае што има, секогаш се прогласува дека „може“ само најмалку, на штета на најранливите, истакна Евгенија Станкоска, советничка од Левица и укажа дека вакво „решение“ е симптом на подлабок системски хаос.
Според неа понудениот стан не претставува решение за овој сериозен проблем, туку понижувачки и импровизиран обид да се создаде впечаток дека проблемот се решава. „Жртвите на семејно насилство не смеат да се третираат како ПР-позадина, туку како сериозна обврска која бара системски пристап и одговорно управување со градскиот имот.“
Во своето обраќање посочи и дека секоја година во Македонија стотици жени пријавуваат семејно насилство, а земјата веќе брои повеќе случаи на фемицид кои остануваат како траен доказ за институционалниот неуспех да се спречи ескалацијата на насилството.
„Во такви услови, Левица одамна предложи законски измени семејното насилство да се гони по службена должност, со што би се спречил притисокот врз жртвите да го повлекуваат пријавувањето и би се обезбедила проактивна државна заштита – но мнозинството во Собранието, предводено од ДПМНЕ, го одби овој предлог“, рече Станкоска и додаде дека токму ова одбивање е доказ дека властите не се подготвени за суштински мерки, туку остануваат на симболични гестови кои не ја менуваат реалноста на жените кои живеат под закана.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)

