Економија
Презентирана дигитална алатка за кариерно насочување
Дигиталната алатка за кариерно советување на Brainster од денес е достапна за користење. Ова е мошне корисна алатка која може секој бесплатно да ја користи и е одличен прв чекор во потрагата по вистинската професија. Она што ја прави важна во поширок контекст е дека ја истакнува потребатата да се посвети повеќе време на кариерно истражување и советување.
Во основа на градењето на оваа алатка се податоците до кои Brainster дојде преку 5000 интервјуа со студенти кои посетиле академија или обука во компанијата. Она што е очигледно и може да се извади како заклучок од спроведените интервјуа е дека младите луѓе не му придаваат соодветна важност на изборот на кариера, нешто што најчесто го разбираат прилично доцна. Оние пак кои биле свесни за важноста на изборот и биле подготвени да посветат време, мошне често немале со кого да се советуваат или не можеле да добијат релевантни информации за иднината на одредени професии, односно нивната перспектива.
„Повеќе од половината, односно над 60% доаѓаат кај нас за комплетна кариерна промена. Ова укажува на сериозен недостаток на време посветено на истражување на кариерните опции и перспективи, што резултира со години талкање и менување професии за да се најде онаа вистинската. Ова не е проблем само кај нас, туку и на глобално ниво. Според едно истражување објавено во британскиот Independent, 90% или 9 од 10 луѓе на возраст меѓу 21 и 65 години изјавиле дека чувствуваат дека можеби избрзале при изборот на кариера“, истакнува Петар Ниновски од Brainster.
Алатката која ја креираше Brainster се состои од три дела. Првиот дел од тестот има 32 прашања од Open Jungian Type Scales тестот на личност, преку кои се одредува припадност на еден од 16-те типови дефинирани според оваа методологија. Вториот сет на прашања нуди препорака за дигитални вештини што би одговарале според афинитетите и персоналните карактеристики на оној што го прави тестот. Овој сет на прашања е изработен од тимот на Brainster врз основа на досегашното искуство и спроведените 5.000 интервјуа со студенти. Резултатите за овој дел од квизот се само препорака кои кариерни патеки во дигиталните вештини би требало да се земат предвид при изборот на идна кариера. По завршувањето на сите прашања се добива детален персонализиран резултат со голем број информации кои можат многу да помогнат при изборот на кариера и тип на работна средина.
„Алатката е достапна за бесплатно користење за сите, забавна е лесна за пополнување. Таа е одлчен патоказ за избор на кариера на било која возраст. Но, мојата порака денес е особено насочена кон младите – пробајте ја и дознајте повеќе за себеси. За да ја откриете што порано својата мисија во животот, да имате повеќе време да напредувате во одбраната кариера и секако она што е најважно – да бидете среќни со тоа што го работите“, дополнува Ниновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.
Економија
Илон Маск го сруши сопствениот рекорд на богатство, има 347,8 милијарди долари
Богатството на американскиот тајкун Илон Маск достигна рекордни 347,8 милијарди долари во петокот, поттикнато од континуираните добивки во акциите на „Тесла“ и новата рунда на финансирање откако неговиот стартап со вештачка интелигенција беше проценет на 50 милијарди долари.
Многу компании на Маск забележаа пораст на нивната вредност откако изборната победа на Доналд Трамп го круниса со политичко внимание.
Акциите на Тесла пораснале за 3,8 отсто во петокот, продолжувајќи да го поттикнува оптимизмот дека плановите на тимот на Трамп за автономни возила и субвенции за електрични возила ќе и дадат предност на компанијата на Маск пред конкуренцијата.
Маск, најбогатиот човек на светот, сега го собори сопствениот рекорд од 340,4 милијарди долари поставен во ноември 2021 година, според индексот на милијардери на „Блумберг“.