Македонија
Хелсиншкиот комитет: Текстилните работнички и во кризниот период останаа една од најпогодените групи
Здравствената криза инстантно предизвика низа социо-економски потреси. Како резултат на тоа, Хелсиншкиот комитет годинава регистрира рекорден број од 600 барања за бесплатна правна помош. Повеќето од нив, односно повеќе од 300 пријави, се однесуваат на работниците и нивните права, чие грубо прекршување почна веднаш по прогласувањето на вонредната состојба.
Од Хелсиншкиот комитет наведуваат дека губењето на работните места, незаконските откази, намалувањето на платите, како и несоодветните услови за работа во новонастанатата состојба, се меѓу најчестите последици од ударот на пандемијата врз работниците.
Исто така, велат од Хелсиншкиот комитет, родовата нееднаквост е еден од клучните проблеми на општествата и во нормални услови, па неминовно било кризата да има и родова димензија.
„За тоа говори фактот што две третини од пријавите што пристигнаа во Комитетот се поднесени од жени. Текстилните работнички и во кризниот период останаа една од најпогодените групи и во однос на несоодветниот превоз и услови за работа во време на пандемијаа и во однос на непродолжување на договорите за работа и ослободување од работните обврски на хронично болните. Една од најчесто прекршуваните мерки беше ослободувањето на еден родител од работа, која иако беше замислена како родосензитивна мерка, не се оствари како таква во пракса“, се наведува во соопштението по повод Денот на човековите права.
На ова, додаваат од таму, се надоврзува и состојбата со семејното и родово базираното насилство, на која се предупредуваше уште на почетокот на кризата, со оглед на тоа што рестриктивните мерки како изолација и карантин беа оценети како причини за зголемен ризик од насилство.
„Најавите за усвојување на Законот за семејно и родово базираното насилство даваат надеж дека на повеќето од проблемите зајакнати со кризата ќе им се пристапи системски, а жртвите, конечно, ќе добијат соодветен третман и заштита. Домот не е безбедно место за многу жени, но и за многу припадници на ЛГБТИ-заедницата, за кои изолацијата во домот што не ги прифаќа претставуваше дополнителен ризик за нивното физичко и ментално здравје“, пишува во соопштението.
Од Хелсиншкиот комитет наведуваат и дека пандемијата нè соочи со евидентните социјални разлики и продлабочувањето на огромниот јаз помеѓу сиромашните и богатите. Кризата покажала дека и групите што се маргинализирани се несразмерно погодени од кризата – лицата со попреченост, старите лица, бездомните лица, а со специфични последици се соочија и децата, како и лицата сместени во затворени институции.
Што се однесува до пристапот до здравствената заштита, Комитетот констатира дека на површина излегле сите болни точки на македонското здравство како последица на долгогодишните нерешени проблеми во здравствениот систем. Според Комитетот, евидентна е и појавата на кризно профитерство преку астрономски цени на услуги во приватните здравствени установи, кои се недостижни за поголемиот дел од населението.
Од Хелсиншкиот комитет велат и дека тензиите предизвикани од рестриктивните мерки, во комбинација со политичките настани, го зголемиле и говорот на омраза во јавниот дискурс, како и појавата на лажни вести и дезинформации поврзани со пандемијата.
„Кризата потврди дека отсуството на санкции и други мерки за справување со овој негативен феномен ги потхранува нетрпеливоста и конфликтите, а таквата атмосфера дополнително го отежнува справувањето со криза од вакви размери кога солидарноста и емпатијата се неопходни за зацелување на општеството“, пишува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без струја делови од Центар и Аеродром
Без струја денеска ќе останат дел од корисниците од општините Центар и Аеродром.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат: – во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Наум Наумовски Борче бр. 65 и околните стамбени објекти околу него. (општина Центар). Во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул.Ѓорѓи Андеевиќ Кун во близина на училиштето Димитар Македонски (општина Аеродром)“, информира РЦУК – Скопје.

