Забава
Психоделичната дрога ДМТ во Британија ќе се тестира како лек против депресија
Во прва студија од ваков вид здравственото регулаторно тело на Велика Британија даде зелено светло за клинички тестирања на „диметилтриптамин“ (ДМТ), со цел да се утврди дали оваа психоделична дрога е ефикасна во лекувањето на луѓето што страдаат од депресија, објави „Индипендент“.
ДМТ има халуциноген состав поради што овој психоделик се нарекува духовна молекула бидејќи силно ја изменува свеста и предизвикува „трипови“. Важи и за една од главните состојки на ајахуаската, јужноамериканската напивка што ја користат шаманите во своите ритуали.
Дрогата предизвикува халуцинации и промени на чувството за време, простор и звук, но овие ефекти се значително пократки во споредба со другите психоделични дроги, како што се ЛСД и магичните печурки, чии ефекти не запираат дури и по неколку часа, се додава во текстот на „Индепендент“.
Тестовите ќе ги води Центарот за психоделични истражувања во Кралскиот колеџ во Лондон, во соработка со компанијата „Смол фармa“, која ја опиша дозволата за тестирање како вистинска пресвртница во лекувањето на депресијата.
Идејата е да им се даде ДМТ на здрави волонтери, но во втората група ќе има волонтери што имаат депресија и кои паралелно ќе одат на психотерапија.
Керол Рутлиџ, шеф на медицинскиот тим и службеник за истражување на „Смол фарма“, рече дека одобрувањето од страна на регулаторното тело е вистинска пресвртница во трката за ефикасно и безбедно лекување на луѓето што страдаат од депресија бидејќи сè повеќе луѓе страдаат од оваа состојба поради пандемијата.
Неврофармацевтската компанија „Смол фарма“ се надева дека тестовите ќе го променат мислењето на јавноста за супстанцијата, која, како што велат, е жигосана бидејќи сега луѓето ќе може да видат дека таа е корисна и за медицината.
„Преку одговорно истражување засновано врз докази во психоделичната медицина се надеваме дека ќе го смениме мислењето за стигматизираните супстанции за на нив да се гледа како корисни за медицински цели и како на лекови што може да бидат интегрирани во сегашниот здравствен систем. Целта е да се направи супстанцијата достапна за секој што страда од депресија“, велат истражувачите.
Истражувачкиот тим се надева дека ќе почне со тестирање во јануари 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Забава
Односот со партнерот може да биде клучот за целиот ваш успех во новата година
Почетокот на новата година претставува природна можност за резимирање на животните достигнувања и поставување нови цели. Сепак, додека многумина се фокусирани на личен напредок, како што се подобрување на навиките во исхраната, физичка активност или стекнување нови деловни вештини, клучен елемент на личната благосостојба – квалитетот на партнерскиот однос – често се занемарува.
Наместо новогодишните одлуки да останат исклучиво индивидуални потфати, овој период може да послужи како поттик за заедничко размислување и обликување на визија за иднината што е исполнувачка за двајцата партнери, пишува Focus on the family.
Пред да се планира иднината, потребно е објективно да се погледне моменталната состојба на врската. Крајот на годината дава идеална можност за отворен и искрен дијалог за динамиката на вашата врска. Таквиот разговор не треба да се гледа како конфронтација, туку како конструктивна можност за продлабочување на врската.
Се препорачува да се обезбеди време и простор без надворешни одвлекувања на вниманието, што значи исклучување на електронските уреди. Клучот за успешен дијалог лежи во активното слушање, кое вклучува не само вербални пораки, туку и невербална комуникација. Емпатијата е од клучно значење; потребно е да се обидете да ги разберете емоциите на партнерот без прерана потреба да се нудат решенија.
Сфаќањето дека монотонијата почнува да се наметнува во долгорочната врска не треба да биде извор на загриженост, туку поттик заеднички да осмислите начини за воведување нови, освежителни елементи во вашиот заеднички живот.
Откако ќе се воспостави атмосфера на доверба и безбедност, може да започне процесот на планирање. Споделените цели одат подалеку од обичен список на задачи; тие претставуваат споделена посветеност на заеднички раст и развој. Тие даваат насока и цел на врската и го зајакнуваат чувството за партнерство и тимска работа.
Процесот на планирање како заедничка активност
На оваа задача не треба да се пристапува како кон формален деловен состанок, туку како пријатен споделен ритуал. Разговорот за соништата и желбите во опуштена атмосфера, како што е омилен ресторан или кафуле, може значително да придонесе за продуктивноста и интимноста на процесот.
Корисна техника што ја користат некои парови е индивидуална подготовка, каде што секој партнер однапред ги запишува своите одговори на клучните прашања. Потоа следува заедничка дискусија. Овој пристап осигурува дека перспективите на двајцата партнери се подеднакво застапени и почитувани.
Финансиско планирање и личен раст
Споделените цели треба да опфаќаат различни аспекти на заедничкото живеење, така што планирањето е сеопфатно. Важно е да се земат предвид финансиските цели, како што се штедење за поголеми инвестиции како што се патување или недвижности, или формирање фонд за непредвидени трошоци.
Забава
Како да се ослободите од мирисот на чад во вашиот дом
Новогодишната ноќ е зад нас, а по убавото време поминато дома, често следи помалку омилениот дел – чистењето. Покрај нередот, еден од најчестите проблеми по забавата е непријатниот мирис на чад од цигари што се задржува во собата со денови откако ќе се соберат семејството и пријателите.
За среќа, постојат неколку лесни начини брзо да го освежите вашиот дом и да го отстраните мирисот на чад.
Прво, важно е темелно да ја проветрите просторијата. Отворете ги прозорците и вратите за да овозможите максимален проток на свеж воздух, а вентилаторите дополнително можат да помогнат во исфрлањето на заробените честички од чад.
Отстранувањето на пепелта и празнењето на пепелниците е исто така важен чекор, бидејќи тие се чест извор на непријатни мириси. Природните апсорбенти како што се белиот оцет или активниот јаглен, исто така, можат да помогнат во неутрализирањето на мирисите, кои лесно можат да се распределат во мали садови низ целата просторија.
Мирисот на чад лесно се задржува на ткаенините, па затоа е препорачливо да се перат завесите, перниците, постелнината и другиот текстил што може да се пере. Додавањето сода бикарбона во алиштата за перење може дополнително да ги освежи ткаенините. Исто така, не заборавајте ги тврдите површини – полици, книги и мебел – кои е добро да се избришат со влажна крпа.
За теписи и тапациран мебел, содата бикарбона е ефикасна, бидејќи помага во апсорбирањето на мирисите, додека замената на филтрите во прочистувачите на воздух може дополнително да го подобри квалитетот на воздухот во вашиот дом.
Со малку труд и овие едноставни навики, вашиот дом брзо ќе се врати во свежа и удобна состојба.
Забава
Ана Ивановиќ објави фотографии од дочекот на Нова година: Еве што си посака себеси
Поранешната српска тенисерка Ана Ивановиќ објави неколку фотографии на кои позира покрај елка и ја покажува модната комбинација што ја носеше за Нова Година. Таа е облечена во сребрен фустан со светки и сребрени сандали, а комбинацијата ја комплетираше со часовник и обетки.
„2025… ти благодарам што си и најсилниот и најубавиот учител што некогаш можев да го побарам. Ти благодарам за лекциите, предизвиците и што ми покажа каде сè уште треба да растам. Влегувам во 2026 година со мир во срцето и голеа возбудува за сè што доаѓа. И низ сето тоа, засекогаш сум благодарна на моето семејство и пријатели – твојата љубов ме носеше повеќе отколку што некогаш ќе знаеш.“,
View this post on Instagram
За потсетување, 2025 година на Ана беше обележана со крајот на нејзиниот брак. Нејзиниот адвокат Кристијан Шерц потврди за германскиот „Билд“ кон крајот на јули дека поранешната српска тенисерка и светскиот шампион во фудбал Бастијан Швајнштајгер официјално се разделиле.
Ивановиќ и Швајнштајгер се венчаа во Венеција во 2016 година. Заедно имаат три сина: Лука, Леон и Тео, а својот семеен живот го поминуваа помеѓу Чикаго, Белград, Минхен и Мајорка.
фото/ЕПА

