Македонија
Објавени резултатите од конкурсот за стипендии за ученици
Министерството за образование и наука ги објави резултатите од конкурсот за стипендии за ученици.
Од таму велат дека оваа година е зголемен бројот на стипендии за ученици Роми. Па така, велат од МОН, покрај тоа што е распределен првичниот фонд од вкупно 880 стипендии, дополнителни 39 ученици чии апликации согласно рангирањето добија идентичен број на бодови во две од вкупно пет понудени категории, исто така, се стекнаа со правото на стипендија.
Резултатите од конкурсот се објавени на следниот линк.
Сите добитници на стипендија треба да испечатат и пополнат три примероци од договорот за соодветната стипендија (договорите се објавени заедно со резултатите) и заедно со копија од лична трансакциска сметка, најдоцна до 18.12.2020 година да ги достават до Министерството за образование и наука (директно во писарницата на МОН или по пошта – препорачана пратка со повратница на адреса бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје). Одбиените кандидати пак, ќе имаат можност за приговор откако на адресата која ја имаат посочено при аплицирањето ќе добијат решение од МОН во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена.
Учениците Роми запишани во прва, втора, трета и четврта година од јавните и приватните средни училишта имаа можност да аплицираат за стипендија во пет различни категории согласно постигнатиот општ успех.
Освен припадноста кон ромската заедница и статус на редовен ученик, секој кандидат беше потребно да исполни и неколку други услови, односно да е државјанин на Република Северна Македонија, да не е корисник на друга стипендија и да има примерно поведение, при што предност при селекцијата се даде на кандидатите со повисок општ успех во секоја од категориите.
Зависно од категоријата, висината на стипендиите се движи од 600 до 2.200 денари месечно за осум месеци во годината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без струја делови од Центар и Аеродром
Без струја денеска ќе останат дел од корисниците од општините Центар и Аеродром.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат: – во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Наум Наумовски Борче бр. 65 и околните стамбени објекти околу него. (општина Центар). Во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул.Ѓорѓи Андеевиќ Кун во близина на училиштето Димитар Македонски (општина Аеродром)“, информира РЦУК – Скопје.

