Македонија
Почна втората фаза од изградбата и проширувањето на бул. Никола Карев до Момин поток

Екипите на Град Скопје денеска ја почнаа втората фаза од изградбата и реконструкцијата на булеварот Никола Карев, на потегот од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин поток. Градежни работи ќе се изведуваат на траса долга околу еден километар, а покрај реконструкцијата на постојниот коловоз предвидено е и негово проширување на четири сообраќајни ленти со ширина од 3,5 метри, разделно зеленило и мешани пешачко-велосипедски патеки од двете страни.
На почетокот на градежните работи за реализација на овој капитален проект присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалниците на општините Центар, Карпош и Чаир, Саша Богдановиќ, Стефан Богоев и Висар Ганиу.
„Се работи за исклучително фреквентна сообраќајница која е најмногу искористена од жителите на Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба, но како транзитна сообраќајница ја користат и оние кои само минуваат низ овој дел на градот“, рече Шилегов.
На булеварот Никола Карев, во оваа втора фаза од реконструкцијата, дополнително се предвидува изведба на нова атмосферска канализација, изведба на потпорен ѕид во должина од 690 метри и ново лед осветлување од двете страни. Реконструкцијата на оваа улица ќе се искористи и за замена на дел од старата и поставување на нова подземна инфраструктура онаму каде што е потребно од страна на различни субјекти, за да се избегне прекопување на новиот асфалт по завршувањето на реконструкцијата.
Вредноста на договорот за оваа фаза изнесува околу 160 милиони денари со вклучен ДДВ, а градежните работи се очекува да завршат во рок од шест месеци.
Градоначалникот Шилегов денеска упати апел до граѓаните да покажат разбирање додека траат градежните работи на оваа делница и да ги следат информациите за привремен режим на сообраќај што ги објавува Градот Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Дали „Алказар енерџи“ има дозвола за градба

СДСМ денеска на прес-конференција обвини дека во енергетскиот сектор се случуваат нетранспарентни зделки и побара од ВМРО-ДПМНЕ да одговори дали компанијата „Алказар енерџи“ поседува одобрение за градба.
Пратеникот Јовица Јанковиќ истакна дека јавноста не знае ништо за најавените инвестиции во енергетиката, кои, според ВМРО-ДПМНЕ, тежат над 1.5 милијарда евра. СДСМ побара конкретни информации за јавниот интерес, цената на струјата и бенефитот за граѓаните.
Јанковиќ рече дека државната ЕСМ произведува сѐ помалку струја, додека приватни компании како „Казанџи“ и „Алказар“ добиваат поголем удел, со што, според СДСМ, се загрозува јавниот интерес.
СДСМ повторно побара јавно објавување на дозволата за градба за „Алказар енерџи“ и повика надлежните институции да го истражат случајот.
Македонија
Мицкоски: Имаме 16 нови авиолинии, за повеќе од 20 проценти е зголемен број на странски туристи

Апсолутно сум задоволен. Имаме 16 нови дестинации. Буџетот за субвенционирање е зголемен на 250-260 милиони денари оваа година, а истиот ќе биде и следната година. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на субвенционираните летови.
Премиерот рече дека резултатите се видливи и во секторот туризам, бидејќи како што посочи за повеќе од 20 проценти е зголемен бројот на странски туристи во државата во првите 5 месеци од годината.
„Впрочем резултатите се гледаат и во секторот туризам, имаме повеќе од 20 проценти зголемен број на странски туристи во првите 5 месеци од годината. И ова се субвенции на доаѓање, практично на тие летови, не на заминување, и во таа насока ќе продолжиме и во периодот кој што следи“, нагласи Мицкоски.
Македонија
Петрушевски: Коцевски е штит на Сoцијалдемократскиот сојуз, делегитимиран и без интегритет

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека главниот обвинител Љупчо Коцевски избрал да биде штит на Социјалдемократскиот сојуз, а тие, како што рече, го бранат по секоја цена за да не одговараат за, според него, бројните криминали изминатите седум години.
Петрушевски истакна дека Коцевски нема легитимитет и дека со поддршка под 2 отсто од граѓаните, со интерпелација и барање од пратениците, сепак не си поднесува оставка.
Тој додаде дека, според ВМРО-ДПМНЕ, столбот на криминалот на опозициската партија е во обвинителството, и таа јавно застанала во одбрана на Коцевски за да ги заштити поранешните функционери.
Пратеникот рече дека главниот обвинител е целосно делегитимиран и нема интегритет за функцијата.