Македонија
Османи во посета на четири земји членки на ЕУ – ќе бара поддршка за евроинтеграциите

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оваа недела ќе ги посети европските метрополи Прага, Букурешт, Будимпешта и Виена како дел од дипломатската турнеја за посета на поширокото соседство на Западниот Балкан.
Веќе од утре Османи е во работната посета на Република Чешка, каде што ќе оствари средба со министерот за надворешни работи, Томаш Петжичек. Во рамките на посетата, Османи ќе се сретне и со Милена Хрдинкова, државен секретар за ЕУ прашања во канцеларијата на премиерот Андреј Бабиш.
Веќе наредниот ден (16 декември), Османи заминува за Романија на средби со својот хомолог и домаќин, министерот за надворешни работи на Романија, Богдан Ауреску, а ќе оствари средба и со привремениот романски премиер, Николае Чука.
Од Букуреш, Османи директно ја продолжува турнејата со работната посета на Унгарија (17 декември), каде што ќе оствари средба со својот домаќин, министерот за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто. За време на престојот во Будимпешта, Османи ќе оствари средби и со советниците за надворешна политика на премиерот Орбан: Јанош Бала и Јанош Мате.
По завршувањето на овие работни посети, Османи на 21 декември ќе отпатува за Виена каде што ќе ја заокружи мини турнејата на средби со својот колега Александар Шаленберг, а превидена е и средба со министерката за Европа во рамките на кабинетот на канцеларот на Република Австрија, Каролине Едштадлер.
Работните посети на Османи на овие земји доаѓаат веднаш по одржаните состаноци и Совети на Европската Унија со цел да ја реафирмира поддршката за европската перспектива на Република Северна Македонија.
На агендата на разговорите ќе се најдат прашањата за билатералните односи, со посебен акцент на соработката на економски и трговски план, а ќе бидат разгледани и повеќе актуелни теми врзани со соработката во рамките на НАТО и во меѓународните организации, најновите состојби во регионот, како и други актуелности од меѓународната политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Во време на СДС и Димова, парите од Агенцијата Еразмус + завршуваа кај судиите и обвинителите, така Заев си ја купи слободата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Во време на СДС и Димова, парите од Агенцијата Еразмус + завршуваа кај судиите и обвинителите, така Заев си ја купи слободата. 120 илјади евра Европски пари, преку Димова и Агенцијата беа доделени на омилениот судија на Заев и Филипче, Лазар Нанев. Нанев беше човек послушник и спроведувач на насоките од страна на Заев, прогонуваше градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во знак на благодарност, Заев преку Димова му додели проект во вредност од 120 илјади евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Да е уште потрагична работата, Нанев конкурирал со невладина организација, која била составена од едно лице, самиот Нанев. Го добил проектот на начин којшто претходно не бил вообичаен, а во тој момент извршувал висока функција во судската власт.
Додека во другите земји, овие пари завршуваа кај еминентни факултети и институти, во Македонија Зоран Заев преку Димова си купуваше судии и обвинители, за кои денес гледаме како ги штитат. Зоран Заев си ја купи слободата преку проекти од Агенцијата Еразмус +.
Затоа довербата во судството е ниска. Затоа што СДС, Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција и неспособност. Затоа СДС, Филипче и Заев купуваат судии и обвинители, и ги бираа од нивните тефтери.
До ден денес, ниту еден функционер од мината власт не е под истрага од страна на Јавното обвинителство. Затоа што тие ги купуваа. Тоа време завршува, доаѓа времето на правдата и одговорноста“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Шукова: Имаме јасен остварлив план за чисто Скопје, ќе го исчистиме градот во првите три месеци

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, заедно со заменик-претседателката на партијата Фани Каранфилова Пановска, кандидатот за градоначалник на општина Гази Баба Влатко Митовски и кандидатот за општина Ѓорче Петров Костадин Ацевски, одржа работен состанок посветен на системските решенија за управување со отпадот во главниот град и општините.
Шукова потенцираше дека ситуацијата е критична: „Четири години гледаме како градот тоне во отпад. Скопје мириса како никогаш досега, загаденоста и прашината се секојдневие, а отпадот шири болести. Граѓаните се жалат, а моменталната администрација не реагира.“
Таа најави дека еден од првите чекори по преземањето на функцијата ќе биде темелно чистење на целиот град и сите општини во рок од три месеци. Овој процес ќе вклучува: отстранување на сите диви депонии и уредување на критичните црни точки, контрола и мониторинг за да се спречи повторно создавање на депонии, како и силна координација меѓу градот и сите општини, без префрлање на одговорности.
Паралелно со ова, Шукова најави модернизација на системот за управување со отпад:
• Нови возила за побрзо и поефикасно собирање, бидејќи постојната механизација е застарена.
• Повеќе претоварни станици за скратување на времето за транспорт до Дрисла, особено за општините кои сега можат да направат само една-две тури дневно.
• Поставување на паметни контејнери со сензори за следење на нивната исполнетост во реално време, со што ќе се избегне преполнување и ќе се оптимизираат турите.
• Јасен јавен распоред за собирање отпад, по видови и по денови.
Шукова истакна дека ќе се воведе и систем за селекција и преработка на отпад, како дел од кружната економија. „Хартијата, стаклото, пластиката, алуминиумот и градежниот шут ќе ги третираме како ресурс што повторно ќе се користи, а не како отпад што загадува.“ – потенцира Шукова.
Дополнително, ќе се работи на подобро управување со депониите Вардариште и Дрисла, како и на искористување на европските фондови, вклучително и програмите LIFE и ИПА, за современи и одржливи решенија.
„Граѓаните плаќаат за чист град – и ќе го добијат.“ Шукова истакна дека законите во државата уредуваат како секој тип на отпад треба да се управува, но спроведувањето на законите на ниво на градот Скопје и на општините не е целосно, значи е делумно и ќе треба да се направат сериозни интервенции за да се постави ефикасен систем кој ќе работи во корист на граѓаните.
„Ова нема да биде еднократен кампањски потег, туку системска промена која ќе обезбеди трајна чистота и подобро здравје за сите жители на Скопје.“ заклучи Шукова.
Македонија
Влада: Од денес училишниот прибор со нови намалени цени од 10 и 15 проценти

„Од денес почнува кампањата на Владата за намалување на цените на училишниот прибор за 10 и 15 проценти. Имајќи предвид дека дел од трговците пред почетокот на новата учебна година енормно ги зголемуваат цените на училишниот прибор, со што директно влијаат за зголемување на трошоците на семејниот буџет на илјадници граѓани, Владата на последната седница донесе одлука и ги задолжи трговците да ги намалат цените за најмалку 10 и 15 проценти, која ќе важи од денес 15 август до 15 септември“, соопштуваат од Владата.
„Трговците на големо ќе го намалат училишниот материјал за најмалку 10 проценти, додека во трговија на мало за најмалку 15 проценти.
Со оваа одлука се намалуваат цените на ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала (економични, пластични), дрвени и мрсни боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли и етуи, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни и материјали за изработка, како и други производи потребни за учениците, што ќе значи пониски цени и пристапност за сите наши граѓани.
Исто така трговците се должни покрај новата намалена цена на производите да ја објават и старата цена која важела на 01.06.2025 година, која цена се зема како базична цена на која се утврдува намалувањето, потоа пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место во продавницата, треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб страницата на Министерството за економија и труд, како и натпис: ПОПУСТ НА УЧИЛИШЕН ПРИБОР, од најмалку 15%.
Апелираме да не се прават обиди за изигрување на одлуката, бидејќи Државната пазарна инспекција ќе следи на терен дали истата се почитува. Во спротивно ќе следуваат санкции, бидејќи секоја одлука донесена во интерес на граѓаните мора да се применува.
Со ова не само што цените на училишниот прибор драстично ќе се намалат, туку и според одредени анализи, трошоците на илјадници семејства што имаат ученици би се преполовил на половина.
Владата е насочена кон носење на конкретни мерки кои значат подобрување на животниот стандард и економската состојба“, се додава во соопштението на Владата.