Македонија
Владата ќе одлучува за новите мерки за празниците
Владата денеска на седница ќе ги разгледа предлозите на Комисијата за заразни болести и на Главниот штаб.
Мерките што вчера ги препорача Комисијата до Владата се однесуваат на периодот од 18 декември до 21 јануари, со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 во претстојниот период на празници.
„Препораките за рестриктивни мерки се насочени во неколку сегменти, и тоа во делот на реорганизација на работното време на угостителите, препораки за јавни собири, препораки до верските заедници, до работните организации и препораки кои се однесуваат на работата на рестораните во хотелските објекти“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Препораката до Владата ќе биде угостителиските објекти да се затвораат во 18 часот, наместо до 21 часот како што беше досега.
Останува на сила забраната за собири на јавни места и се апелира до единиците за локална самоуправа да го засилат надзорот за почитување и спроведување на оваа мерка. Во претстојниот период Комисијата за заразни болести препорачува забрана за групирање по плоштади за дочек и прослава на Новата година, како и секаков вид собири во периодот на празниците.
Комисијата ќе достави и препорака за групирање во станови за претстојните празници, а ќе им препорача и на хотелите да ги затворат своите ресторани по 21 часот.
Во однос на верските празници, Комисијата за заразни болести укажува на тоа дека на сила е забраната за собири надвор на отворено на повеќе од четири лица, додека внатре во објектите на сила е препораката максималниот број лица да е не повеќе од 30 проценти од капацитетот и сите лица да се со маски.
Предлог на Комисијата е да се забранат секакви прослави во рамките на работните организации.
„Апелираме и препорачуваме да нема домашни собири за претстојните празници и да не се излегува од дома по 18 часот доколку за тоа нема потреба“, вели министерот Филипче.
Независната угостителска комора го изрази несогласувањето со новиот пакет-мерки што се однесува на реорганизација на работното време на угоститетлските објекти и достави до Комисијата нивни предлози.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од улицата Партение Зографски денес без струја
ЕВН Македонија извести дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од ул.Партение Зографски од раскрсницата со ул.Рилски Конгрес до Бул. Тодор Александров ( општина Центар )
Македонија
Поради сообраќајка во прекин сообраќајот на патот Битола-Државна граница со Грција
Во 20:00 часот на крак А-3 Битола – Државна Граница со Р.Грција во близина на крстосница за с.Бистрица и с.Оптичари, случена е сообраќајна незгода, поради што сообраќајот на патниот правец Битола – Држ. граница е во прекин и истиот ќе се пренасочи низ.с.Бистрица и с.Породин соопшти АМСМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова со Ахмет бин Мохамед Ал Џарван: мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ахмет бин Мохамед Ал Џарван, претседател на „Глобалниот совет за толеранција и мир“, во придружба на неговите соработници.
Информирајќи дека семејството на пријателите на „Глобалниот совет“ постојано се проширува, Ал Џарван потенцираше дека стотина парламенти, ширум светот, потпишале меморандуми за соработка со оваа препознатлива и почитувана институција.
Тој, во парламентарната демократија и во меѓукултурниот дијалог препознава мировни механизми за промоција и гаранција на мирот и толеранцијата на сите нивоа и во сите средини.
Претседателката ја поздрави хуманата мисија на Глобалниот совет, истакнувајќи дека е добредојдена и делотворна во амбиент на сериозни безбедносни закани.
За неа, Меморандумот за соработка, којшто деновиве го потпиша Глобалниот совет со македонското собрание е чекор напред во одбраната и поттикнувањето на хуманите цели на човештвото, без оглед на разликите по било кој основ.
Таа особено се радува на потпишаниот договор за стипендии на студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“, нејзината матична институција, како охрабрувачки за најдобрите студенти, но и оние со лоша материјална положба и неопходна потреба од финансиска помош.
За соговорниците, мирот и толеранцијата се императивни претпоставки за демократија, развој и просперитет во национални, регионални и меѓународни рамки.

