Македонија
Филипче: Бројот на хоспитализирани лица е голем, но слободни места има

„Во ковид-центрите во земјата минатата недела се лекувале помеѓу 1.300 и 1.400 пациенти, болниците и понатаму се под голем притисок, но слободни кревети постојано има“, изјави министерот за здравство, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција во Владата.
„Добро се менаџира делот на хоспитализацијата на пациентите. Имаме речиси 150-200 слободни кревети на територијата на целата држава секој ден последователно повеќе од една недела. Вчерашната анализа на Р0-факторот на преносливост упатува на некои позитивни трендови, првпат по подолго време, тоа е под 1, односно изнесува 0,95“, истакна министерот Филипче.
Сепак, овие бројки, смета тој, се нешто што не треба да нè опушти поради тоа што имаме голем број заболени и сè уште има сериозно голема бројка на дијагностицирани пациенти секој ден.
„Не смееме да си дозволиме поинаков пристап што може да доведе до влошување на ситуацијата. Ја следиме и состојбата во регионот и иако има некои трендови на забавување, во регионот сè уште има голем број новодијагностицирани и починати лица“, изјави Филипче.
Информациите од соседството покажуваат дека во Хрватска во изминатото деноноќие имало 65 починати, 44 во Словенија, а 60 во Грција. Во однос на модуларните болници, министерот истакна дека се во фаза на поставување.
„Во Гевгелија е завршена инсталацијата, сега следуваат модуларните болници во Штип, Кичево, Струга, Битола. Спремна е подлогата и во Струмица. Тоа е нешто што се очекува во следниот период со оваа динамика да продолжи. За жал, има одредено доцнење поради блокадата на опозицијата во техничката влада“, објасни Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: За состојбата со депониите во Скопје виновни се кадрите на ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ обвини дека Скопје е задушено во чад поради горење на депониите и дека граѓаните со сопственото здравје ја плаќаат цената на, како што велат, неспособноста и лагите на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека Даме Димитровски, советник на премиерот Христијан Мицкоски за животна средина и поранешен претседател на комисија на ВМРО-ДПМНЕ, воедно е и претседател на Управниот одбор на „Дрисла“.
„Ќе побара ли сега Мицкоски одговорност од него?“ прашуваат од СДСМ и додаваат: „ВМРО-ДПМНЕ имаше и директор на Дрисла – Јане Мицевски, човек без никакво соодветно искуство, магистер за туризам и менаџмент.“.
Тие потсетуваат дека со депонијата Вардариште со децении управувале градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, како и дека партијата и нејзините кадри пред четири години ветувале фабрика за селекција на отпад во „Дрисла“, затворање на Вардариште и „зелена зона“ со рекреативни содржини, но ништо од тоа не е реализирано.
„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не само што не решија ништо, туку ги оставија депониите да го трујат градот. Вината за еколошката катастрофа е кај нивните кадри и градоначалници,“ стои во реакцијата на СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го прозва Коцевски: Не молчете за незаконското следење на Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ побара Јавното обвинителство и обвинителот Љупчо Коцевски веднаш да реагираат и да спроведат темелна и транспарентна истрага за, како што велат, незаконското следење на претседателот на партијата Христијан Мицкоски, новинари, бизнисмени и други функционери.
„ЈО и Коцевски повеќе да не молчат, туку да откријат кој ги злоупотребил АНБ и АР за политички пресметки и кој наредил да се следи претседателот Мицкоски,“ се наведува во соопштението.
Од партијата обвинуваат дека последните пет години службите биле под партиска контрола на СДСМ и ДУИ и дека институциите биле злоупотребувани за теснопартиски интереси. „СДС и ДУИ со тоа нанеле директен удар врз демократијата и правната држава,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според соопштението, молкот на ЈО и на Коцевски претставува „соучество и организирано прикривање“ на незаконското следење.
Македонија
Шабан Салиу – кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари официјално е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ

На свечена церемонија во Скопје, претседателот на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу го стави својот потпис на документот „Декларација за Македонија на граѓаните и за општини што создаваат иднина“. Со овој чин, ДСР и официјално станува дел од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Коалицијата обединува 25 партии кои ја рефлектираат мултикултурната и мултиетничка структура на нашето општество. ДСР влегуваат во ова здружување со силна заложба да го засилат политичкиот глас на ромската заедница и да обезбедат рамноправен пристап до јавните ресурси во сите општини, а особено во Шуто Оризари – единствената ромска општина во светот’, велат од партијата.
За нив, како што додаваат, ова е историска можност: речиси сите општини каде живеат Роми ќе добијат директен партнер и во локалната и во централната власт и јасен пат кон одржлив развој.
„Само преку солидарност и обединување ќе ги реализираме проектите што ќе донесат подобра инфраструктура, нови училишта, унапредени здравствени услуги и работни места за нашите семејства“. изјави Салиу.
Со потпишувањето на Декларацијата, коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува на инвестиции во клучни сектори: обновување на улици и водоводна мрежа, изградба на социјални станови, поддршка за локалните претприемачи и зелени технологии.
Во претстојните недели, Демократските сили на Ромите ќе организираат јавни трибини низ Шуто Оризари и другите општини, каде што, како што најавија, ќе презентираат конкретни планови и ќе ги слушнат приоритетите на локалните заедници. Салиу ги повикува и сите жители на општината без разлика на партиската припадност да се приклучат во заедничкото дефинирање на проектите што ќе ги менуваат животните услови во нашите населби.
ДСР и коалицијата „Твоја Македонија“ даваат взаемна поддршка за кандидатите за градоначалници, вклучувајќи го и кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.