Македонија
(Видео) Николоски: Пендаровски им сврте грб на Македонците и затоа ВМРО-ДПМНЕ му сврте грб нему
Затоа што Пендаровски им сврте грб на Македонците, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ му свртеа грб нему и ја напуштија седницата на Собрание, изјави Александар Николоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата го напушти обраќањето на претседателот на државата поради неколку причини: првата причина е што Стево Пендаровски докажа дека не е претседател на сите граѓани на Република Македонија, туку извршител на една политичка структура и извршител на Зоран Заев. Со тоа Стево Пендаровски сврте грб на македонските граѓани и затоа денес пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата му свртеа грб нему и ја напуштија салата во којашто беше обраќањето. Второ, Стево Пендаровски е прв што кажа дека нашиот национален херој Гоце Делчев е Бугарин и со тоа ги сруши македонските национални позиции, ја отвори пандорината кутија, ги оневозможи историчарите на научна основа да разговараат за историјата, во преговорите за историјата внесе политика и драматично ги поткопа темелите на македонската самобитност, македонски национален идентитет, самобитноста на македонскиот јазик и посебноста на македонската историја“, кажа Николоски.
И трето, додаде тој, Стево Пендаровски е претседател на држава којшто е нелегитимно избран затоа што, како што кажа Николоски, се појавило сведоштво на лидер на верска заедница кој кажал дека гласовите за Стево Пендаровски биле купени, а за возврат му биле ветени пари и земјиште на скопско Кале.
Поради сето ова, ВМРО-ДПМНЕ ги продолжува замрзнатите односи со Стево Пендаровски.
„Стево Пендаровски наместо да обединува, поларизира. Имаше историска шанса да биде првиот претседател на Македонија којшто не е оспоруван, за жал ја прокоцка заради теснопартиски интереси и теснопартиски наредби, како и заради стилот и карактерот на однесување“, рече Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлог-законот за пушењето не е удар по угостителството, туку заштита на здравото работно место, велат од Министерството за здравство
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони, велат од Министерството за здравство.
Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.
„Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни. Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

