Македонија
МОН: Не укинуваме ниту една научна дисциплина, учениците треба да научат да размислуваат
Реформите кои се подготвуваат во основно образование не значат укинување на ниту една научна дисциплина. Напротив, со нив се подобрува концептот на кој учениците ќе ги изучуваат сите предмети, наведуваат од Министерството за образование и наука во врска со спојувањето на повеќе наставни предмети во еден.
Оттука образложуваат дека новото основно образование на ученикот ќе му даде целосна слика за одреден настан или тема, што се постигнува со интердисциплинарен и интегриран пристап, односно поврзување на информациите од повеќе предмети. Ваквиот пристап, според МОН, им овозможува на учениците полесно да ги поврзат наставните содржини со реалноста и да ја согледаат смислата на она што го учат.
„Министерството за образование и наука ги основа овие реформи врз современи концепти и приоди, а со цел учениците да се стекнат со знаења од сите области – историја, географија или содржини од друга научна дисциплина. Но, тоа ќе биде на начин прилагоден на нивната возраст, начин кој ги руши строгите граници меѓу дисциплините и го претставува светот, процесите и појавите во нивната поврзаност и единство. Ваквите наставни планови успешно функционираат во речиси сите земји во Европа, Америка, Австралија, односно во наставниот план на ИБ програмата“, наведува МОН.
Велат дека во овој момент, пред јавната расправа се зборува и презентира Концептот. Конкретните наставни програми во кои ќе бидат поставени очекуваните резултатите од учењето, а врз основа на нив и содржините што учениците треба да ги совладаат од одделните научни дисциплини (историја, географија, граѓанско образование) ќе бидат дефинирани понатаму. Во овој процес, како што додава Министерството, при изработката на наставните програми, ќе бидат вклучени универзитетски професори и наставници од соодветните области.
„Согласно истражувањата, извештајот на ОЕЦД за нашата земја како и резултатите од меѓународните студии, постигнувањата и знаењата на нашите ученици се меѓу најниските на листата на учесници во тие студии. Ова е директна последица на начинот на кој е оформен образовниот систем. Учениците учат факти, не умеат да ги поврзуваат информациите и знаењата од различните дисциплини што ги добиваат преку изучувањето на различни наставни предмети во основното образование. Затоа е особено важно да се промовира учењето преку истражување кое е можно единствено преку интеграција и интердисциплинарно изучување. Тоа е начинот да го подобриме образованието и негуваме креативни и иновативни ученици“, наведува МОН во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

