Македонија
Нови 40 ковид-пациенти хоспитализирани во Скопје за 24 часа

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 40 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, информираат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека вкупно 495 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
„Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 19 приеми, и тоа двајца пациенти биле хоспитализирани на Клиниката за нефрологија, двајца во ковид-центарот на Клиниката за неврологија, шестмина на Институтот за ТБЦ, тројца на Клиниката за дерматовенерологија и двајца на Очната клиника. На ОРЛ се примени три нови болни, а во ковид-центарот на Клиниката за гастроентерохепатологија еден пациент. Во болницата ‘8 Септември’ имало 8 нови приеми на пациенти. На Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани 13 болни“, информираат од ресорното министерство и додаваат дека во изминатите 24 часа дома биле пуштени 32 оздравени пациенти.
Од речиси 500 пациенти кои се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град, голем дел се на кислородна поддршка.
И покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 20-тина слободни места, а се очекува во текот на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во „8 Септември“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Црвениот крст денеска исплати средства на 156 повредени од пожарот во Кочани

Во рамките на апелот на Црвениот крст на РСМ за поддршка на настраданите од катастрофалниот пожар во Кочани во периодот од 16.03.2025 до 16.06.2025, вкупно се собрани 153.931.166,00 денари. Црвениот крст на РСМ во неколку наврати изврши исплата на настрадани од пожарот во Кочани.
Со последниот денешен трансфер на 17.06.2025 година исплатени се средства на 156 лица, поделени во 5 категории, врз основа на направената проценка за степенот на повреди и прогнозата за нивното натамошно лекување, од страна на работната група на Министерството за здравство во вкупен износ од 39.750.000,00 денари.
Во престојните денови ќе се изврши трансфер на средства и на уште 11 лица за кои треба да се обезбедат потребни документи, односно изјави и согласност за користење на личните податоци, со оглед на тоа дека истите не се опфатени со досегашните исплати.
Вкупниот досегашен трансфер на средства на настраданите, заклучно со 17.06.2025 година изнесува 147.199.101,00 денари.
„Црвениот крст уште еднаш се заблагодарува на сите досегашни донатори што придонесоа и се уште придонесуваат за мобилизирање на хуманитарна поддршка за настраданите и нивните семејства. Остануваме и понатаму посветени во мобилизирањето на хуманитарна помош која ќе биде во функција на поддршка за настраданите од големиот пожар.
Црвениот крст продолжува со своите активности на терен со акцент на обезбедување на психолошка поддршка во обид да дадеме скромен придонес во надминување на последиците од катастрофалниот настан. Црвениот крст на РСМ наскоро отвара Регионален центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка во градот Кочани кој со своите активности ќе ги покрива потребите на населението во источниот дел на Македонија“, се наведува во соопштението.
Македонија
СДС да престане да ја политизира трагедијата во Кочани, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„СДС мора да престане да ја политизира трагедијата во Кочани. За разлика од нивното владеење, каде што освен Влада, беа и судии и обвинители, сега тие се оставени да си ја вршат сопствената работа и не им се врши никаков политички притисок“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на СДСМ.
„Судиите и обвинителите коишто се занимаваат со овој несреќен случај, се истите тие кои СДС и ДУИ, во нивно време си ги бираа во своите штабови во Зајас и Муртино.
Истрагата е потполно неселективна и правдата ќе биде исполнета. Но, прашањето е зошто истите тие судии и обвинители, не се позанимаваат со тоа на каков начин Филипче го добил луксузниот џип од 130.000 евра, од фирма добитник на тендер во време на СДС и ДУИ?
Зошто ЈО молчи за сите сомнежи кои секојдневно ги пренесуваме преку соопштенија и прес-конференции? Зошто ЈО го штити Филипче на некој начин и не се отвора постапка против него? Дали има некаква друга причина која јавноста не ја знае и затоа тие молчат кога Филипче е во прашање?
За ист таков случај, ЈО отворило постапка за Пеце Мирчевски, меѓутоа кога потрчкото на Заев е во прашање, за него нема никаква постапка?
Правда мора да има. Затоа потребни се итни реформи во судството, затоа што не смее за едни да е мајка, а за други маќеа“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Денес завршува првото пријавување од јунскиот рок за упис во средните училишта, досега поднесени над 13 илјади пријави

Министерството за образование и наука потсетува дека денес е последен ден за поднесување апликации во рамки на првото пријавување од јунскиот рок за упис во средно образование во учебната 2025-2026 година.
Апликации можат да се поднесуваат до крајот на денот. Второто пријавување е на 30 јуни, додека конечните ранг лист по двете пријавувања, училиштата ќе ги објават на 2 јули.
„Потсетуваме дека пријавувањето е електронски и се спроведува преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, каде учениците се најавуваат со сопствените кориснички сметки на schools.mk. Истовремено, реагираме и ги демантираме натписите во дел од медиумите, каде е наведено дека системот отежнато функционира или целосно е блокиран.
Не постојат никакви предизвици во работата на платформата, на која досега се поднесени 13.200 апликации, односно поголемиот дел од полуматурантите веќе се пријавени за продолжување на образованието. Министерството им излегува во пресрет на сите кои имаат потреба од поддршка при аплицирањето“, велат од МОН.
Конкурсот со слободни места е објавени на овој линк.