Свет
(Видео) Кина ќе им подели примероци од Месечината на повеќе држави
Врз основа на меѓународна конвенција, Кина ќе сподели со другите земји податоци и примероци од Месечината собрани во мисијата Чанг-5 (Chang’e 5), иако таквата размена со САД може да биде спречена од американските ограничувања.
Капсулата слета во северната провинција Внатрешна Монголија рано утрово и ги донесе првите примероци од карпи и почва од Месечината по 70-тите години.
Материјалот донесен со капсулата Чанг-5, именуван по митската кинеска божица на Месечината, треба да им помогне на научниците да дознаат повеќе за настанокот на Месечината, нејзиното формирање и вулканската активност на нејзината површина.
Со оваа мисија, Кина стана третата земја што собрала примероци од Месечината, по Соединетите Држави и Советскиот Сојуз во 60-тите и 70-тите години на минатиот век. Ова беше прв ваков обид по мисијата „Луна 24“ на Советскиот Сојуз, која беше успешно завршена во 1976 година.
„Во согласност со Меѓународната конвенција за соработка и договорите за мултилатерална и билатерална соработка, ќе донесеме регулативи за управување со податоци и примероци од Месечината“, рече Ву Јанхуа, заменик во Национална вселенска управа на Кина.
„Така ќе ги споделиме со релевантни држави и научници, а некои од нив може да бидат и донирани во согласност со меѓународната пракса“, додаде тој.
Со мисијата „Чанг 5“, Кина прва лансираше вселенско летало од друго небеско тело и ја тестираше способноста да собира далечни примероци од вселената како подготовка за посложени мисии за истражување на Сончевиот Систем.
Мисијата „Чанг-5“ беше лансирана на крајот на ноември, а двата модула се спуштиле на Месечината на 1 декември, при што собрале примероци од површината и од внатрешноста, правејќи дупка од два метра, под Месечевата кора. Не се знае точно колкаво количество материјал е собрано, а примероците биле складирани во запечатен контејнер и однесени до модул во орбитата кој ги донел на Земјата.
На прашањето дали Кина е подготвена да сподели примероци со САД, кои ја ограничуваат сопствената вселенска агенција НАСА на директна соработка со Кина, Ву рече дека, за жал, има пречки.
„Кинеската влада сака да сподели примероци од Месечината со институции и научници од разни земји, но соработката со Соединетите Држави зависи од американската политика“, нагласи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Политико“: Сојузниците сè повеќе ја губат довербата во САД поради Трамп
Клучните сојузници на САД, меѓу кои Германија, Франција и Канада, сè почесто ја доживуваат Америка како непредвидлива и проблематична сила на светската сцена поради политиките на претседателот Доналд Трамп, покажува ново меѓународно истражување, објави Политико.
Анкетата на POLITICO–Public First покажува дека значителен дел од испитаниците во Германија и Франција, како и мнозинството во Канада, сметаат дека САД се негативна глобална сила. Во Обединетото Кралство ставовите се поделени, но повеќе од една третина имаат негативна перцепција.
Речиси мнозинство во сите четири земји верува дека САД почесто создаваат проблеми отколку што ги решаваат. Повеќето Канаѓани и речиси половина од испитаниците во Германија и Франција сметаат дека САД ги предизвикуваат своите сојузници, додека значаен дел од Британците велат дека на Америка не може да се смета во време на криза.
Свет
Полска поставува противдронски систем на границата со Белорусија
Полска постави прв противдронски одбранбен систем на новa набљудувачкa кула во близина на границата со Белорусија, како дел од зајакнатите безбедносни мерки, објави Еуроњуз.
Системот е инсталиран во местото Ожерани и ќе биде оперативен од јануари, потврди министерот за внатрешни работи, Марчин Кервински.
За време на божиќните празници, повеќе од 6.000 припадници на армијата, граничната полиција и полицијата ќе бидат распоредени на границата. Полските власти соопштија дека годинава спречиле речиси 30.000 обиди за нелегален премин.
И покрај засиленото обезбедување, хуманитарната состојба на границата останува тешка, при што активистите предупредуваат дека и натаму има жртви меѓу мигрантите. Во исто време, опозициската група БЕЛПОЛ тврди дека во близина на Минск се гради фабрика за оружје, која наводно ќе произведува артилериска и ракетна муниција за Русија.
Свет
Зеленски: Подготвени нацрти за завршување на војната со Русија
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Украина и САД подготвиле неколку нацрти на документи поврзани со безбедносни гаранции, обнова и рамка за завршување на војната со Русија, по неколку рунди разговори одржани за време на викендот во Мајами, објави „Кијив Пост“.
Зеленски наведе дека работата била продуктивна и дека документите се структуирани со цел да обезбедат „вистински крај на војната и да спречат трета руска инвазија“, но додаде дека и понатаму постојат разлики меѓу договореното на хартија и состојбата на бојното поле.
Разговорите уследија по дипломатски тензии предизвикани од протекување на американски мировен план од 28 точки, кој предвидувал откажување од членство во НАТО и територијални отстапки од страна на Украина. По реакцијата на Украина и европските партнери, бил подготвен алтернативен план од 20 точки, кој бил детално разгледан со американската страна.
Иако нацртот од 20 точки е речиси завршен, Зеленски призна дека некои одредби остануваат неприфатливи и за Киев и за Москва, а траен прекин на огнот сè уште е далеку.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите продолжуваат и дека „одат добро“, без да открие конкретни чекори или рокови. Украинските власти предупредуваат дека без јасни и применливи безбедносни гаранции, секој договор може брзо да пропадне.

