Македонија
Во Македонија хоспитализирани 1.271 пациент позитивен на коронавирус

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 1.271 лице и има речиси 240 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
По извештаите на болниците што пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болниците во Скопје хоспитализирани се уште 43 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, а вкупно се лекуваат 477 пациенти.
Во Битола се хоспитализирани 74 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 60 пациенти.
На инфективното одделение во Тетово има 45 пациенти, во Велес се лекуваат 43 болни, а во Куманово 96 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 90 пациенти, во Прилеп – 99, во ковид-центарот во Гостивар – 73, а во Струга – 39 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 79 пациенти, во Кочани – 17 во Кичево – 13, Кавадарци – 53, во Гевгелија – 13 лица, а во Дебар 7 позитивни и суспектни на коронавирусот.
Бројките се менуваат од час на час според направените приеми и исписи на пациенти. Во текот на денот се прават и исписи на оздравени пациенти, со што ќе се ослободат дополнителни легла.
Инаку, сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството за здравство е во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид-одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Митески: Наместо Градот, ние го собираме отпадот во Аеродром

Кандидатот за градоначалник на општина Аеродром, Дејан Митески, изјави дека општината самоиницијативно се справува со зголемените количества отпад, иако надлежноста за комуналната чистота е на Град Скопје.
„Сликата е жалосна во цело Скопје, но ние во Аеродром не чекаме – дневно депонираме повеќе од 10 тони отпад во Дрисла,“ изјави Митески.
Тој нагласи дека, пред да се воведат казни, неопходно е граѓаните да имаат услови каде да го одлагаат отпадот.
„За првпат како општина воведовме редовни акции коишто траат два месеци на пролет и на есен за одлагање на кабаст отпад, понудивме услуга преку нашето јавно претпријатие да може на повик, граѓаните дојдат и го депонираат отпадот за симболичен надоместок, за првпат лиценциравме јавно комунално претпријатие коешто може да одвезува и да транспортира неопасен отпад“, рече Митески.
Во гостување на Телма, тој додаде дека Аеродром веќе има лиценцирано јавно комунално претпријатие што може да одвезува и транспортира неопасен отпад.
Покрај тоа, Митески најави и дел од инфраструктурните и еколошките проекти од програмата – топлификација на Лисиче, нов културен дом и зелена офанзива со засадување нови садници во соработка со инвеститорите.
Македонија
Во тек голема акција: Финансиската полиција ја тресе прилепската болница, има приведени

Во тек е голема акција на финансиската полиција во Прилеп, поврзана со сомнежи за криминал во работењето на прилепската болница.
Според информациите за „Макфакс“, приведени се повеќе лица кои раководеле со болницата.
Од Основното јавно обвинителство, попладнево, соопштија дека Финнсиската полиција постапува по нивна наредба.
„Се преземаат дејствија во врска со постапка за наводи против повеќе лица за злоупотреби во работењето на прилепската болница. Акцијата е во тек“ соопштија од Обвинителството.
Повеќе детали ќе бидат познати во текот на утрешниот ден.
Македонија
Мециновиќ: Не планирам да водам деструктивна политика, ќе соработувам со сите советнички групи

Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, на првата прес-конференција по почетокот на вториот изборен круг обвини дека Левица е неправедно исклучена од медиумскиот простор, откако АВМУ не ѝ дозволи политичко рекламирање.
Според него, со тоа, нанесен е удар врз демократијата, но најавува позитивна и проактивна кампања, иако, како што рече, условите не се рамноправни.
„Јас не сум најпаметен, ниту најдобар од сите скопјани“, рече тој. „Но знам дека скопјани заслужуваат град каде што нивниот глас нешто значи. Локалната политика е нашето секојдневие: улиците, воздухот, јавниот превоз, зеленилото. Тие работи не смеат да зависат од партиски договори“.
Тој порача дека нема да води деструктивна политика и ќе соработува со сите советнички групи. Нагласи и дека проблемите во претходниот мандат произлегле од партиски суети и лични конфликти. Ги повика и разочараните граѓани да излезат на гласање:
„Овојпат изборот е реален – старите партии веќе не се најголемиот фактор.“
На крај, му порача на својот противкандидат: „Подготвен сум на дебата, па и на јавен дуел под отворено небо. Нека народот нè слушне и избере.“