Македонија
(Видео) Заев во родната куќа на Конески: Овој великан ги запиша најубавите стихови во слава на нашиот идентитет
Премиерот Заев денеска ја посети родната куќа на великанот Блаже Конески, положувајќи цвеќе пред споменикот во чест на неговиот роденден.
„Оваа посета ја правиме и во пресрет на 100 годишнината од неговото раѓање која како настан за одбележување е запишан во календарот на УНЕСКО за 2021 година“, рече Заев додавајќи во таа насока, 2021 година ќе биде уште една глобална афирмација на македонскиот јазик.
Премиерот нагласи дека животот и делото на Конески се судбински врзани и со раѓањето на македонската државност, со што, како што кажа, се исполнил вековниот сон на редици и редици генерации.
„Конески ги поврза стремежите на неговите претходници, Рацин, Мисирков, Миладиновци и многу други преродбеници од 19-тиот и 20-тиот век, кои ја прифатија светлината на просветителската мисија на светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум, која тие им ја дарија на сите словенски народи во Европа. Конески ја проучи и разработи суштината на македонскиот јазик, го насочи неговиот развој како современ литературен јазик сообразен со светски прифатените стандарди“, посочи Заев додавајќи дека Конески ги запишал и најубавите стихови во слава на нашиот национален идентитет.
Според премиерот, кога го чествуваме Конески не го чествуваме само неговиот придонес за македонскиот јазик, туку и неговото останато научно дело, неговата поезија, неговата културна и национална мисија, кои ги претставуваат највисоките и највозвишените богатства на македонскиот и на другите народи во земјата.
„Богатството што Конески го остави зад себе засекогаш ќе ги исполнува со љубов и љубопитство, со постојан интерес за истражување сегашните и идните поколенија научници, поети, и најважно од сѐ – искрените вљубеници во вистината и убавината“, нагласи Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

