Македонија
(Видео) Богдановиќ: Наместо со празни обвинувања, ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат со конкретни предлози
„ВМРО-ДПМНЕ и вчера, по којзнае кој пат, повторно излезе со паушални и шпекулативни обвинувања за работата на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.За Мартин Талески, член на ВМРО-ДПМНЕ, таканаречениот „мораториум на градби“, односно Одлуката за неспроведување на деталните урбанистички планови е само една голема лага.Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ, категорично ги отфрлаат овие обвиненија како тенденциозни и неосновани“, се вели во реакцијата.
Според нив, ВМРО-ДПМНЕ имаа доволно време за да ги решат проблемите на Центар и на центарци, но освен криминален кич, разни преплатени споменици и неквалитетни градби кои попуштија веќе на првиот дожд и за кои сведоци се сите граѓани, друго ништо посебно не направија. Одлуката за неспроведување на деталните урбанистички планови, која Советот на Општина Центар по втор пат ја донесе откако Уставниот суд ја поништи првата Одлука и покрај сите притисоци, на долг рок се покажа како издржано решение, со цел да се стави ред во урбанистичкото планирање во општината. Првичната одлука за неспроведување на плановите во себе вклучуваше 31 ДУП, 6 веќе планови се веќе донесени, а на останатите се работи интензивно.
„Се наоѓаме на една од локациите, тоа е познатиот памп-трак кој што го изгради Град Скопје, во соработка со Општина Центар. На ова место во плановите од 2012-та година тогашните советници, предводени од ВМРО-ДПМНЕ и тогашното раководство на ова место вцрта хотел од 6 спрата и поткровје, а ново општинско раководство заедно со Советот ја избриша таа маркица и денес тука имаме памп-трак, односно место што е во корист на граѓаните, а не во корист на бизнис кои ги имало општинското раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е само еден пример. Имаме неколку вакви примери каде што се дислоцирани сите објекти кои претставуваа пречка на граѓаните, избришани се неколку катни гаражни, неколку згради и објекти, а на нивно место се вцртани паркови, детски игралишта, сѐ на барање на жителите“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Ова раководство на Општина Центар, за разлика од минатите, кога Детални урбанистички планови се гласаа доцна во ноќта и без присуство на јавноста, во целост го почитува процесот на донесување на ДУП-овите. Граѓаните и стручната јавност се вклучени во изработката на ДУП-овите и информациите за постапката и фазите на донесување на сите планови се објавени на општинската веб страна. Општина Центар работи во интерес на граѓаните, а не за нечии бизнис интереси, нешто што беше карактеристично за локалните раководства, но и централната власт во време на ВМРО-ДПМНЕ. Ги повикувам колегите од ВМРО-ДПМНЕ, додаде Богдановиќ, да дадат конкретни и конструктивни предлози како да дојдеме до подобри и похумани планови за живеење, а не како плановите што ги имаат донесено во нивно време, каде освен за бизнис интереси, воопшто не се размислувало за јавниот интерес.
„Општина Центар најде начин, даде решение и веќе има резултати. Доколку ВМРО-ДПМНЕ се толку загрижени, нека го кажат нивниот став што мислат за Деталните урбанистички планови донесени во 2012-та и порано, со кои што луѓето се незадоволни и нека го кажат ставот за донесувањето на плановите на Општина Центар денес“, се додава во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

