Македонија
Како ќе се одрази спојувањето на предметите врз наставата и учениците
Промените во работата на воспитно-образовните институции, како и воспоставувањето на целосно нова образовна концепција за основно образование се во интерес на учениците, велат во видео обраќања Анита Анѓеловска, директорка на ОУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци и Иванка Мијиќ, советничка во Бирото за развој на образование, кои учествуваа во подготовката на новата концепција. Анѓеловска и Мијиќ зборуваа за интегрирањето на повеќе научни дисциплини во двата предмета општествени науки и природни науки и како тоа ќе се одрази на учењето на учениците, но и работата на наставниците.
„Концепцијата подразбира унапредување на секој поглед следејќи ги промените на законската регулатива преку концептот за граѓанско образование кој беше претходно изработен. Начелата на основното образование поттикнуваат најдобар интерес и целосен развој кај ученикот, еднаквост, достапност, пристапност. За да формирам мислење деновиве многу активно ги следев сите засегнати страни во воспитно-образовниот процес, стартувајќи од родителите, учениците и наставниците но ги анализирав и постоечките наставни програми кои во голем дел се застарени и бараат промена”, вели Анѓеловска.
Анѓеловска истакнува дека интегрирањето на историјата со граѓанското образование и содржини по географија е добро и потребно е од повеќе причини.
„Пред се затоа што сакаме учениците да ја имаат врската со реалноста, да ги разгледуваат настаните, случувањата и промените од повеќе перспективи да покажуваат проактивност и да развиваат критичко и креативно мислење, да развиваат способности и вештини за истражување и решавање проблеми и да се оспособат за натамошно образование и доживотно учење како изградени личности и активни граѓани на една демократска држава”, вели Анѓеловска.
Советничката од БРО, Ивана Мијиќ објаснува дека со новата концепција во основно образование наставниот предмет природни науки ќе биде застапен и ќе се изучува во текот на сите одделенија во основното образование, започнувајќи од прво заклучно со деветто одделение.
„Новината во оваа концепција е во третиот развоен период од трето до деветто одделение. Наставните предмети биологија, хемија и физика ќе се интегрираат во единствен предмет природни науки. Во овој наставен предмет од седмо до деветто одделение се интегрираат содржините и наставните теми од трите научни дисциплини биологија, хемија и физика. Тоа значи дека во наставниот предмет Природни науки од седмо до деветто одделение ќе бидат развиени во самиот наставен предмет три поодделни модули како што се модул биологија, хемија и модул физика. Со наставниот предмет Природни науки од седмо до деветто одделение ќе се обезбеди интегриран систем, ќе се обезбеди континуитет во изучувањето на научните дисциплини биологија, хемија и физика и она што е важно модулите биологија, хемија и физика ќе обединуваат содржини од научна област”, вели Мијиќ.
Мијиќ вели дека овие модули ќе корелираат меѓусебно, ќе обезбедуваат интегриран пристап и во текот на целата учебна година ќе се изучуваат синхронизирано, паралелно и на таков начин и соработката на наставниците во планирањето и организирањето на наставата ќе се подигне на многу високо ниво.
„Ваквиот начин на изучување на предметот природни науки применува во многу модерни образовни системи ширум Европа и светот. Наставните програми коишто ќе се изработуваат за наставниот предмет природни науки во основното образование ќе нудат еден современ концепт односно ќе се учи на база на истражување и примена на експериментот во наставата. Исто така ќе го фаворизираат и форсираат учењето со разбирање и размислување, а ќе развиваат и вештини кај учениците за решавање на проблеми како и примена на усвоените знаења во секојдневен контекст”, вели Мијиќ.
Со воспоставувањето на новата образовна концепција освен што го подигаме нивото на образованието формираме генерации коишто ќе развиваат научен поглед на светот. Всушност се овозможува приближување до меѓународните стандарди на учење како впрочем што го поставуваат и многу меѓународни студии, тестирања и истражувања, соопшти Министерството за образование и наука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со донаторска вечер, почна со работа Фондацијата „Фросина Кулакова“
Донаторска вечер насловена „Threads of Light“ официјално го одбележа почетокот на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“. Вечерта беше посветена на уметноста, креативноста и солидарноста како универзални јазици преку кои може да се зборува за животот, одговорноста и потребата од подлабока општествена промена.
Настанот обедини уметниците, културната јавност и граѓаните околу една заедничка идеја – дека уметноста не е само естетика, туку и моќен простор за сеќавање, дијалог и општествена свест. Во рамки на вечерта беа изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци од различни области – од сликарство и скулптура, до дизајн, мода и применета уметност – создавајќи една жива, разновидна и симболична мапа на современата креативна сцена.
Донаторската вечер „Threads of Light“ ја користи уметноста како начин да се поврзат личната емоција и јавната одговорност, а секое дело што ќе биде дел од аукцијата носи сопствена приказна и сопствен придонес кон една поголема, заедничка цел.
Средствата собрани од донаторската вечер ќе бидат наменети за развој на програмите на Фондацијата, меѓу кои централно место имаат обезбедувањето психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, како и формирањето фонд за стипендирање на млади талентирани уметници кои поради социјални или финансиски причини не можат да ја остварат својата креативност и да ја изградат својата иднина.
На настанот беше претставена химната „Фросина“, отпеана од Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева, со текст на Огнен Неделковски. Баладата е создадена како искрена, лична и достоинствена почит, но и како јавна порака дека музиката, како и уметноста, може да биде форма на паметење, завет и повик за промена.
Фондацијата „Фросина Кулакова“ е основана од семејството на трагично починатата Фросина со цел да создаде долгорочна и одржлива платформа за градење култура на грижа, правда и свесност. Преку кампањи за општествена одговорност, културни и едукативни проекти и директна поддршка, Фондацијата има за цел да го претвори личниот губиток во јавна мисија што создава смисла и општествено дејствување.
Од Фондацијата посочуваат дека зад секоја сообраќајна трагедија не стои само еден трагичен момент, туку долг и тежок процес на соочување со последиците, и дека токму затоа овој настан не е замислен само како еднократна вечер, туку како почеток на една поширока и подлабока општествена иницијатива.
Донаторската вечер „Threads of Light“ претставува прв јавен чекор во работата на Фондацијата „Фросина Кулакова“ и почеток на една мисија во која уметноста, културата и човечката солидарност стануваат сојузници на промената.
На настанот присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој вели дека Фондацијата носи важна мисија за унапредување на безбедноста во сообраќајот, поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, иницијативи за подобрување на законската заштита и поддршка на млади таленти.
„Вечерва присуствував на свеченото отворање на Фондацијата „Фросина Кулакова“ – иницијатива што произлезе од огромна болка, но и од уште поголема сила да се спречат идни трагедии. Фросина беше млада девојка со живот пред себе, кој прерано и неправедно беше прекинат во сообраќајна несреќа. Ова не е само лична трагедија за едно семејство, туку потсетник за сите нас колку е кревка безбедноста во сообраќајот и колку сериозно мора да ја сфатиме одговорноста зад воланот. Фондацијата носи важна мисија за унапредување на безбедноста во сообраќајот, поддршка за семејствата погодени од сообраќајни несреќи, иницијативи за подобрување на законската заштита и поддршка на млади таленти“, напиша Тошковски на социјалните мрежи.
Македонија
Парламентарното собрание на Советот на Европа донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Македонија: „Значаен успех“
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информираше дека Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со нашата држава, процес што беше отворен во 2000 година.
Како што истакна министерот Муцунски, оваа одлука претставува важно институционално признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите и стандардите на Советот на Европа, како и јасна потврда за остварениот напредок во областите на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните земји.
Министерот нагласи дека посебна заслуга за успешно заокружување на овој долгогодишен процес има македонската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, предводена од пратеничките Марија Петрушевска и Иванка Василевска, како и Постојаната мисија на Република Северна Македонија при Советот на Европа.
Одлуката, како што посочи Муцунски, претставува значаен успех и недвосмислена потврда за посветеноста, професионализмот и ефективноста на македонската дипломатија во унапредувањето и заштитата на темелните европски вредности.
Македонија
(Видео) Исмаил до Љутков: Следува милионска штета по буџетот по ваша вина, кога планирате да си поднесете оставка?
Пратеникот Реџеп Исмаил, од Левица, на седницата за пратенички прашања се обрати до министерот за култура Зоран Љутков, оценувајќи дека предупредувањата упатени уште во првите сто дена од неговиот мандат, дека ќе стане најлошиот министер за култура во историјата на државата, денес, на половина од мандатот целосно се оствариле.
Според Исмаил ваквата оценка не е политичка квалификација, туку емпириски факт, поткрепен со состојбата во културата, кршењето на законите и последиците што веќе се мерат во судски спорови и финансиска штета.
Главен проблем според Исмаил е свесното и системско кршење на Колективниот договор за култура.
„Колективниот договор е донесен многу пред вашиот мандат, повеќепати беше оспоруван и секогаш потврден како уставен и легитимен. То сѐ уште важи и вие сте должни да го почитувате“, истакна пратеникот и додаде дека со доаѓањето на Љутков на функција започнало намерно саботирање на колективниот договор преку упатство од министерот со кое биле воведени незаконски пресметки на плати.
„Со тоа упатство директно го прекршивте Колективниот договор. Ова не е политика, ова е правен факт“, рече Исмаил.
Пратеникот посочи дека како резултат на ваквото постапување, во моментов има околу 800 тужби за пресметка на плати низ сите судови во Македонија, а дел од нив веќе се добиени во корист на работниците. „Речиси е извесно дека и останатите тужби ќе имаат ист исход. Прашање е дали сте свесен за штетата што ја нанесовте врз државниот буџет, штета која ќе биде поголема од онаа доколку Колективниот договор се почитуваше“.
Опишувајќи ги состојбите во културата Исмаил се осврна и на случајот со Филхармонија кога на средина од конкурсот името на директорот беше јавно соопштено од коалицискиот партнер во Владата, а конкурсот се претворил во фарса. Дополнително потсети дека во март минатата година над 3.000 работници во културата останаа без плата, што, како што нагласи е директна последица на неспособното и неодговорно раководење со Министерството за култура. Укажа и на фактот дека во два последователни буџетски циклуси се намалуваат средствата за култура, додека истовремено значително расте буџетот за НАТО.
На крај, Исмаил своето обраќање го заврши со прашањето: „После сето ова останува само едно прашање – кога планирате да си поднесете оставка?“.

