Македонија
(Видео) Милевски: И покрај кризата реализиравме многу проекти
„Министерството за локална самоуправа не застана во спроведувањето на планираните активности иако и здравствената криза и изборите го направија процесот посложен, сепак клучните проекти се реализираат во континуитет, со голема поддршка од Амбасадата на Швајцарија, УНДП и Делегацијата на Европската Унија“, истакна во отчетот за сработеното за изминатите 100 дена од вториот мандат, министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
„Врз основа на претходно спроведената оценка на имплементацијата на Стратегијата за регионален развој, подготвивме нова Стратегија за наредниот десетгодишен период и нов Закон за рамномерен регионален развој, кои што веќе се усвоени од Владата. Создавање на поволно опкружување од страна на централната и на локалните власти за домашните и странски вложувања. Приоритет ни е обезбедување на одржлив систем на финансирање на општините со што ќе се зголеми нивното директно влијание на локалниот економски развој и вработувањето“, појасни тој.
Според Милевски, реализирани се нови 8 инвестициски и 8 иновативни проекти во сите 8 плански региони во вредност од 1,5 милиони швајцарски франци, средства од Буџетот и од швајцарската Влада. Зголемен е капацитетот и подобрени се условите во домот за згрижување на стари лица во Берово, целосно е реконструиран и адаптиран ученичкиот дом во Куманово, подобрени се условите за живеење и учење на 120 ученици, создадени се услови за ученици со лесна физичка попреченост и за згрижување на жртви на семејно насилство.
„Исто така опремивме сензорни соби во Кочани, Штип и во Делчево за психофизички развој на децата со потешкотии во развојот, набавивме опрема за стекнување на вештини и професионално оспособување и реинтеграција на маргинализирани лица во Југоисточниот плански регион, го реновиравме и обезбедивме греење на базенот за рехабилитација во болницата Св. Еразмо во Охрид“, вели Милевски.
На листата успешни проекти се и инсталираните 23 агрометеролошки станици во сите 10 општини во Југоисточниот плански регион како и комплетниот ремонт на агрометеоролошките станици во Пелагонискиот плански регион. Поставени се пластикмати за рециклирање на отпад во Североисточниот плански регион, реконструирано и доградено е полетувалиштето за параглајдеристи во Крушево за развој на авантуристистички туризам во Пелагонискиот плански регион, а по 40 години целосно се реконструирани двата ски лифтови на Пониква во должина од 692 метри,за развој на туризмот во Источниот плански регион.
„Во исто време имплементираме нови 26 проекти за рамномерен развој на 8-те плански региони во вредност од 321 580 000 денари, 18 проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби во вредност од 36 000 000 денари и 14 проекти за развој на селата во вредност од 15 460 000 денари, за подобра комунална и патна инфраструктура, сите финансирани од Буџетот на државата. Пред еден месец го објавивме третиот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија во вкупна вредност од скоро 5 милиони евра. Повикот е отворен до 15 февруари. Во рамките на оваа ИПА Програма досега се реализирани 14 проекти во вкупна вредност од околу 6 милиони евра“, дополни тој.
Според Милевски, во напредна фаза е процесот на програмирање на ИПА 3 за подготовка на новите Програми за прекугранична соработка на Северна Македонија со Грција, Бугарија, Албанија, Косово, Србија и на Програмата Балкан-Медитеран. Со надлежните министерства од соседните земји веќе ги идентификуваме и стратешките проекти за наредниот програмски период. Делегацијата на ЕУ објави јавен повик за проекти “ЕУ за општините”, во вредност од 5 милиони евра. Националното кофинансирање на проектите ќе се реализира преку Министерството за локална самоуправа, за што веќе се планирани средства во Буџетот за наредната година.
„Годината ја завршуваме со нова Програма за локален развој и децентрализација 2021-2026 година. Во моментов се одвива широк консултативен процес во кој учествуваат претставници на надлежните министерства, институции и граѓанскиот сектор. Уште во претходниот мандат Владата искажа политичка подготвеност за продолжување на процесот на децентрализација и финансиско консолидирање на општините. Во новиот мандат одиме кон подобрување на финансиската стабилност и самостојност на општините со воведување на систем за воедначување, како поддршка на помалите и посиромашни општини и систем за перформанси или наградување на поуспешните, подобрување на локалните административни услуги преку поголема дигитализација, подобрување на комуналните услуги преку поголемо инвестирање во комуналната инфраструктура и подобрување на функционалноста на јавните комунални претпријатија, подобрување на социјалните услуги преку редефинирање на блок дотациите. Попрецизно дефинирање и зајакнување на улогата на општините во одговорот на кризи. Имаме големо искуство од КОВИД кризата и решенија како може да се функционира на уште подобар начин. И она што е особено важно, подобрување на транспарентноста, отчетноста и поголема вклученост на граѓаните, затоа што локалната демократија е најважна за локалната самоуправа“, потенцираше Милевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Густата магла и лизгавиот пат ѝ помогнале на полицијата да го спаси Кајмакоски, тврди извор за српските медиуми
Густата магла и лизгавиот коловоз, по сè изгледа, одиграле клучна улога во спасувањето на Даниел Кајмакоски.
Како што вели извор на Курир.рс, можно е киднаперите, поради намалената видливост, да се дезориентирале и на кружниот тек кај Рума пропуштиле да скршнат во планираниот правец, па продолжиле право и изгубиле контрола над возилото, кое излетало од патот и удрило во банкина.
„Токму тој тек на околности доведе до прекин на нивната намера. Интересно е што киднаперите, заедно со жртвата во автомобилот, успеале да поминат две наплатни рампи – во Шимановци и во Рума. Но ударот во заштитната ограда го запрел нивното бегство. Откако го оштетиле автомобилот, двајцата осомничени, за кои се верува дека се турски државјани, продолжиле да бегаат пеш. Истрагата продолжува, а надлежните ги испитуваат сите околности, вклучително и движењето на осомничените пред инцидентот“, изјавил изворот.
Според досегашните информации двајца странци во ноќта меѓу сабота и недела го пресретнале Даниел Кајмакоски по негов настап во локал во Белградската Бетон хала. Со закана со нож и пиштол му наредиле да влезе во својот бел „волво“, каде што го врзале. Киднаперите од пејачот барале 20.000 евра.
„Прво се обидела да ги запре патрола на сообраќајна полиција во Белград, но откако возачот на ‘волвото’ не застанал, туку дал гас, се активирале алармите. Наскоро некој од блиските на пејачот ја повикал полицијата и пријавил дека ‘исчезнал’. Во потрагата, покрај сообраќајната полиција, се вклучиле и други полициски единици. Белото ‘волво’ било пронајдено на автопатот кај исклучокот за Рума, каде што имало сообраќајна незгода, односно удрило во банкина“, додава изворот.
Полицијата во возилото го пронашла пејачот, кој бил во шок. Киднаперите сè уште се во бегство, а потрагата продолжува.
Македонија
Војници во влага, на перници стари со децении, со прибор стар 20 години и руинирани тоалети – синдикатот алармира по појавата на шуга во велешката касарна
Независниот синдикат на професионални војници, реагира поради појавата на шуга кај новопримените професионални војници во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, обвинувајќи за катастрофални услови за живот и работа во касарните низ државата.
Оттука посочија дека случајот во Велес е само еден од ретките кои добиле медиумска покриеност, иако слични инциденти се случувале и порано, но останувале тајни.
„Професионалните војници имаат најлоши услови за работа, од нечиста постелнина, неисперена со години, од перници стари по 15-20 години, исто така и за кебињата и чаршавите со години стари и необновени. Просториите каде што спијат војниците се најчесто со влага , со многу инсекти по просториите, храната се дава во нехигиенски услови со прибори стари над 20 години и нејзиниот квалитет е на најслабо ниво, храната е еднолична и недоволна, санитарните јазли се нереновирани и руинирани повеќе од 15-20 години. Професионалните војници многу често работат во услови кога немаат струја во објектите за да се загрејат и техничка вода за да се одржава личната хигиената и хигиената на објектите, ваквите состојби траат со години“, се наведува во соопштението на сидникатот.
Александар Насковски, претседател на синдикатот потенцира дека военото раководство и сите министри за одбрана досега не покажале грижа за војниците, и покрај долгогодишните апели. Според него, се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите каде што живеат и престојуваат 24/7 професионалните војници.
„Со зголемениот буџет согласно барањата на НАТО, треба приоритет да бидат условите за работа и човечкиот фактор, а не само набавки на оружје. Залудно е да се инвестира во опрема ако нема кој да ја користи“, се наведува во соопштението.
Синдикатот го обвинува министерот за одбрана Владо Мисајловски за игнорантски однос, отсуство на социјален дијалог и непочитување на основните човекови права на припадниците на Армијата.
Меѓу причините за растечкото незадоволство ги посочуваат: немање покачување на плати три години поради правни измени, дискриминација и мобинг и масовен одлив на војници.
Синдикатот најавува дека во наредниот период ќе продолжи јавно да информира за состојбите во Армијата низ целата држава.
АРМ и Министерството за одбрана претходно информираа дека двајца професионални војници од велешката касарна се зарезени со шуга. Заразените се дел од 296-темина нови професионални војници кои на 16 јануари положија заклетва.
Од страна на стручните лица на АРМ и Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) биле преземени мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуално ширење на заболувањето. Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна на ВМЦ и се постапувало согласно препораките на стручните лица.
Македонија
Српската полиција се огласи по киднапирањето на Даниел Кајмакоски: Се трага по двајца осомничени
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека полицијата трага по две лица осомничени за киднапирање на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, нагласувајќи дека пејачот, кој бил пронајден со врзани раце, е згрижен.
Како што е наведено, по полициска потера, возилото во кое се наоѓале двете непознати лица, било запрено на територијата на општина Рума. Киднапираниот бил затекнат во возилото со врзани раце, додека киднаперите успеале да го напуштат возилото и да побегнат во непознат правец.
Двајцата претходно со нож и огнено оружје го киднапирале Кајмакоски.
Српското МВР потенцира и дека киднапирањето се случило во утринските часови во Белград и дека киднаперите барале пари од пејачот.

