Свет
Европа во страв од новиот вирус – се шири со голема брзина и не е под контрола
Од неделата речиси 21 милион луѓе се под построги мерки во Лондон, на југоистокот и на истокот на Англија и Велс, кои се воведени за да се запре ширењето на многу заразен нов вид Ковид-19. Британскиот премиер, Борис Џонсон, рече дека новиот вид може да биде и до 70 % попренослив од оригиналната верзија на болеста. Крис Вити, главен советник за здравство во британската влада на Англија, рече дека овој вид предизвикал над 60 % од новите случаи во Лондон во текот на изминатата недела.
Поради тоа, таканареченото ниво од 4 мерки беше воведено во голем дел од земјата, а Божик практично беше укинат. Луѓето од тој регион се советуваат да останат дома, освен во случај на итни патувања, закажување лекари и вежбање на отворено. На други им се препорачува да не патуваат во регионите каде што се воведени најстрогите мерки, а на оние што живеат во нив нема да им биде дозволено да заминуваат. Продавниците, кои не се неопходни, се затворени, како и спортските сали, кината, фризерските салони и салоните за нокти.
Шкотска одлучи да го направи истиот чекор и наместо предвидените пет дена за ублажување на ограничувањата, тој период ќе се сведе само на Божик. По тој повод, премиерката на Шкотска, Никол Старџен, им се обрати на граѓаните велејќи им дека новите правила доведуваат до солзи, но исто така предупреди дека вирусот не се грижи за ништо друго, освен што се шири што е можно повеќе.
„Ќе им дозволиме на луѓето да си го прослават Божик, но, како што рековме на почетокот, искористете ја оваа можност само ако навистина и навистина ви е потребна“, истакна Старџен.
Министерот за здравство, Мет Хенкок, предупреди дека новиот мутиран вид коронавирус е надвор од контрола и сугерира дека драконските ограничувања на нивото 4 ќе бидат во сила сè додека сите не ја земат вакцината, пишува „Дејли мејл“. Ханкок рече дека луѓето во погодените области, каде што има мерки од 4. ниво, треба да се однесуваат како да се заразени за да се борат против новата варијанта на болеста што се шири побргу од претходниот вирус.
„Новиот вид може полесно да се добие од помала количина присутен вирус“, рече тој.
Светската здравствена организација објави дека е во близок контакт со официјалните лица на Велика Британија поради новата варијанта на Ковид-19. „Тие (официјални лица во Велика Британија) ќе продолжат да споделуваат информации и резултати од нивната анализа и тековните студии. Ќе ги информираме земјите членки и јавноста додека дознаваме повеќе за карактеристиките на оваа варијанта на вирусот и сите импликации“, наведе СЗО на својот профил на „Твитер“.
Вирусот пристигна во повеќе европски држави
Нов вид коронавирус, кој се појави во југоисточна Англија, е пронајден во Данска, Холандија и во Австралија. По откривањето на новиот вид коронавирус во земјата, Холандија забрани летови на патници од Велика Британија до 1 јануари, соопшти холандската влада. Потоа, Белгија ѝ се придружи на Холандија во забраната на летови од Велика Британија, а исто така ги прекина и железничките врски во обид да спречи новиот вид на вирусот да стигне до земјата.
Премиерот Александер де Крој рече дека наредбата ќе стапи во сила на полноќ како мерка на претпазливост. „Постојат многу прашања во врска со оваа мутација, која можеби достигнала на континентот. Се надевам дека ќе знаеме многу повеќе до вторник“, рече Де Кроа.
По Холандија и Белгија, Австрија, Кувајт и Италија се решија на истиот чекор.
„Наша должност како влада е да ги штитиме Италијанците и токму поради тоа и откога ќе ја известиме британската влада, ќе ја потпишеме одредбата за прекин на летовите со Велика Британија“, напиша на „Фејсбук“ италијанскиот министер за надворешни работи, Луиџи ди Мајо. Германија исто така размислува да ги прекине летовите од Велика Британија и Јужна Африка за да спречи ширење на новиот заразен вид на вирусот, кој циркулира во двете земји. И Хрватска привремено, во времетраење од 48 часа, донесе одлука за прекин на воздушниот сообраќај со Велика Британија поради новиот вид на вирусот.
Каков е новиот вид на вирусот?
Станува збор за верзија на вирусот што носи одредени генетски мутации. Овој нов вид откриен во Велика Британија е верзија на Сарс-Ков-2, вирусот корона што ја предизвикува болеста Ковид-19, што ја прави позаразна од другите. Го доби името ВУИ-202012/01, што е шифра за првата варијанта од истрагата од декември 2020 година. Неговото техничко име е N501I + 69 / 70del, што се однесува на специфични генетски мутации.
Колку полесно може да се шири?
Врз основа на прелиминарните докази, научниците од британската влада веруваат дека се шири и до 70 проценти полесно од другите видови. Ова значи дека ќе се зголеми R, односно стапката на репродукција, што се однесува на просечниот број луѓе што може да го зарази едно инфицирано лице.
Борис Џонсон рече дека новиот вид може да го зголеми бројот на R за 0,4 или повеќе, но неговото влијание веќе се чувствува. Низ целата земја, “R” е околу 1,1 или 1,2, но е 1,4 во источна Англија и 1,3 во Лондон и југоисток, каде што новиот вид е најраспространет.
Каде и кога првпат се појави овој вид?
Се чини дека се појавил во Лондон или Кент во септември. Првпат беше официјално идентификуван од владината лабораторија за тестирање во Милтон Кејнс на 20 септември, но можно е и пред тоа да циркулирал кај луѓе што претходно не биле тестирани.
До каде се прошири досега?
Пред еден месец околу една четвртина од случаите на југоистокот, во Лондон и на истокот од Англија беа предизвикани од новата варијанта на вирусот, но до средината на декември тој веќе е причина за повеќе од половина од заразените, рече Крис Вити. Ако патувањата на луѓето не запрат, мутацијата може бргу да се прошири на друго место.
Главниот научен советник, сер Патрик Валанс, рече дека оваа варијанта на вирусот може да ја има и во други земји, што не би било изненадувачки бидејќи постои веќе три месеци. Тој не погреши во процените бидејќи Холандија објави дека открила нов вид вирус во земјата.
Што прават овие нови мутации?
Мутациите го олеснуваат врзувањето на вирусот со рецепторите на ACE2 во човечките клетки. Промените исто така може да помогнат вирусот да ги избегне човечките антитела, кои инаку би помогнале да се заштитиме од инфекција. Секојпат кога вирусот се повторува, постои можност неговите делови да мутираат поради познатата генетска грешка во копирање. Сите индивидуални мутации се случајни и повеќето практично не прават никаква разлика.
Одредени услови може да извршат еволутивен притисок врз промена на вирусот. Една група генетичари претпоставуваат дека растечкиот природен имунитет кај населението во Обединетото Кралство, поради што вирусот потешко се шири, го принуди вирусот да се приспособува. Друга теорија е дека мутацијата се случила кај пациент што долго време се борел против вирусот, а потоа го пренел на друга личност.
Дали предизвикува посериозна болест?
Според научниците, се чини дека одговорот е „не “, колку што може да каже во моментот. Нема докази дека тоа предизвикува поголема стапка на хоспитализации или смртни случаи, но ако се заразат повеќе луѓе, бидејќи новиот вид се шири полесно, тогаш неизбежно повеќе луѓе ќе завршат во болница. Трите главни симптоми за кои треба да внимавате остануваат исти: постојана кашлица, треска или висока температура и промена на сетилата за мирис или вкус.
Како се лекува новиот вид?
Бидејќи се чини дека мутациите не влијаат на сериозноста на болеста, оние што имаат нов вид ќе бидат третирани на ист начин како и оние што имаат други видови. Во Велика Британија се советуваат истите мерки на заштита против овој вид, односно редовно миење на рацете, носење маски и избегнување контакт со луѓе надвор од домаќинството.
Дали вакцината ќе биде ефективна при нови мутации?
Научниците сè уште работат на претпоставката дека одговорот на вакцината треба да биде соодветен за оваа варијанта, но дека треба внимателност. Научниците велат дека вакцината произведува антитела против многу делови на протеините во клетката на вирусот, па затоа е малку веројатно дека една промена или неколку би ја направиле вакцината бескорисна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Германскиoт министер за одбрана: Не можеме да испратиме нови „Патриоти“ во Украина
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека Берлин не е во можност да испорача дополнителни системи за воздушна одбрана Патриот во Украина.
Зборувајќи на заедничка прес-конференција со литванскиот министер за одбрана Арвидас Анушаускас, Писториус ги повика сојузниците да ја засилат поддршката за воздушната одбрана на Украина, истакнувајќи дека Германија има многу ограничени преостанати капацитети.
Тој нагласи дека Германија веќе завршила „несразмерно голем дел од работата“, бидејќи предала повеќе од една третина од своите системи Патриот на Украина.
„Во моментов, не можеме да направиме ништо повеќе бидејќи самите чекаме замена за системите што веќе се испорачани“, изјави тој.
Германскиот министер, исто така, призна дека бројот на системи за воздушна одбрана ИРИС-Т што Германија ги испорача на Украина е недоволен. Тој истакна дека Германија во моментов е единствената земја што може да му ги обезбеди на Киев овие системи и дека тоа го прави, како што изјави, „во одредена смисла континуирано“.
И покрај ова, поради значителното зголемување на руските напади, досегашните испораки сè уште не ги задоволуваат потребите на Украина.
Писториус апелираше до партнерите во НАТО и Европската Унија, предупредувајќи за критичната потреба на Украина од муниција и воена опрема. Тој истакна дека задачата на сите сојузници сега е заеднички да ги разгледаат сопствените залихи, особено оние земји што сè уште имаат простор да го зајакнат украинскиот противвоздушен штит.
Системот „Патриот“ е ракетен систем земја-воздух наменет за одбрана од балистички и крстосувачки ракети и авиони. Опремен е со напреден радар што овозможува откривање и следење на цели на долги растојанија и се смета за еден од најефикасните системи за противвоздушна одбрана во светот.
Украинското Министерство за одбрана на 1 јануари објави дека уште два системи „Патриот“ се ставени во борбена употреба за заштита на украинските градови и клучната инфраструктура.
Свет
(Фото) Објавена фотографија од Нетанјаху како зборува на телефон, камерата му е покриена со селотејп
Фотографија од израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, на која зборува на телефон брзо стана жешка тема на дискусија на социјалните медиуми и во меѓународните кругови.
Детал што никој не го пропушти е селотејпот преку камерата на неговиот мобилен телефон.
Иако на прв поглед изгледа невообичаено за лидерот на технолошки напредна земја, експертите истакнуваат дека станува збор за строга безбедносна мерка.
Се верува дека Нетанјаху го користи селотејпот за да спречи неовластено снимање во чувствителни области, хакерски напади што би можеле да овозможат камерата да се активира од далечина, како и дигитален надзор и собирање класифицирани визуелни податоци.
Netanyahu’s mobile phone camera covered with tape pic.twitter.com/Rvp2x4TKTF
— Globe Observer (@_GlobeObserver) January 26, 2026
Овој потег не е изолиран случај. Сè поголем број високи политичари и безбедносни службеници ширум светот прибегнуваат кон слични „аналогни“ методи на заштита во дигиталното доба. Во време кога софистицираниот шпионски софтвер како што е Пегазус стана вистинска закана, дури и наједноставната физичка бариера, како што е парче лента, се смета за ефикасна заштита.
„Во светот на високата политика, приватноста на комуникацијата е бесценета. Камерата со лента е јасен сигнал дека никој, дури ни премиерот, не е имун на потенцијални дигитални упади“, велат безбедносните аналитичари.
Додека некои ја фалат претпазливоста и свеста на премиерот за сајбер безбедноста, други на социјалните мрежи коментираат за иронијата во која лидерот на една од водечките светски сили во областа на сајбер технологијата мора да користи селотејп за да се чувствува безбедно.
Фотографијата повторно разгоре поширока дебата за ранливоста на паметните телефони и ризиците на кои се изложени личните податоци на сите корисници, не само на владини претставници.
фото/Depositphotos
Свет
Aмерика го напушти Парискиот договор за климатски промени
САД по втор пат официјално се повлекоа од Парискиот договор за климатски промени, по одлука на претседателот Доналд Трамп, кој ја потпиша извршната уредба на денот на инаугурацијата, 20 јануари 2025 година. Повлекувањето стапува во сила денес, една година откако Обединетите нации ја примиле официјалната нотификација.
Со ова, САД повеќе не се сметаат за обврзник во напорите за ограничување на глобалното затоплување, а се создава и значителна финансиска празнина, бидејќи земјата досега финансирала програми за ублажување и адаптација на климатските промени, особено во посиромашните држави.
САД се втор најголем емитер на стакленички гасови во светот, по Кина. Според проценките на ОН, врз основа на сегашните политики, светот се движи кон пораст на глобалната температура од 2,8 степени до крајот на векот. Повлекувањето на САД може да придонесе за дополнително зголемување од 0,1 степен, што, според научниците, значително ги влошува климатските последици.

