Македонија
Се расчистува депонијата во Визбегово

Град Скопје денеска почна акција за расчистување на дивата депонија во Визбегово, која претставува повеќедецениски еколошки проблем за Скопје, а особено за жителите на околните општини Шуто Оризари, Бутел и Чучер Сандево.
Од оваа депонија, која се протега на површина од 10 хектари (околу 10 фудбалски игралишта), ќе бидат расчистени околу 50.000 кубни метри шут и комунален отпад.
„Овој проблем овде постои повеќе децении и директно влијаеше врз квалитетот на воздухот зашто депонијата често беше предмет или на самозапалување или, пак, ја палеа несовесни граѓани“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Тој напомена дека веќе дојде до здружување на инспекциските служби на Град Скопје и на скопските општини и дека повеќе нема да се толерира несовесното постапување од страна на поединци што на вакви точки фрлаат отпад. Тој упати апел до граѓаните одговорно да се однесуваат кон животната средина и отпадот што го создаваат.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, рече дека отпадот и нелегалното депонирање е прашање со кое, за жал, сме соочени во повеќе региони.
„Иако депониите се надлежност на општините, ние како централна власт го разбираме предизвикот и се трудиме на разни начини да ја поддржиме локалната власт за надминување на долгогодишните проблеми во оваа област. Драго ми е што денеска почнуваме со чистење на една од најголемите еколошки закани на подрачјето на Скопје, која особено во зимскиот период влијае врз квалитетот на воздухот, но и на почвите. Свесни за тоа, со ребалансот на буџетот, Министерството побара средства за чистење на депонијата во Визбегово во вредност од 20 милиони денари за да помогне во санација на оваа локација. Очекувам дека ова е последен пат да го гледаме Визбегово во ваква слика и со заложбата заедно со општините и Град Скопје овој простор да стане успешен пример за рехабилитација и зелена животна средина“, рече Нуредини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Системски го решивме прашањето со набавка и испорака на учебници, испечатени се и доставени до сите училиштата

Четири министри во Владата на СДСМ раководеа со Министерството за образование и наука во период од седум години и не успеаја да обезбедат учебници ниту за основците, ниту за средношколците. Сега кога ситуацијата е надмината, оваа политичка партија чија слаба страна е образованието, се обидува токму во оваа област да собира политички поени, велат од МОН.
„Не им успева, бидејќи учебници има. Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан. Сегашното раководство системски го реши овој предизвик од минатото, со ново законско решение во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, како и со интензивен ангажман на надлежните институции, органи и тела.
Испечатени се сите претходно одобрени учебници по сите предмети. За прв пат по цели седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија. Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми од оваа учебна година“.
Најавуваат дека обновата на наставните програми и на учебниците ќе продолжи и во следниот период, затоа што, како што велат, тие се основата на квалитетното образование, заедно со наставниците и инфраструктурните услови.
„Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех“.
Македонија
18 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на штетни честички во воздухот: Европската зелена партија со поддршка за ДОМ

Европската зелена партија испрати јасна порака за поддршка на зелената партија ДОМ, истакнувајќи ја итната потреба од одлучни политики за чист воздух и одржливо управување со отпадот во Македонија, соопшти ДОМ.
Во својата објава, Европската зелена партија посочува дека речиси 18% од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на изложеност на штетни честички во воздухот. Лошото управување со отпадот предизвикува пожари и токсичен чад, што ја зголемува загриженоста кај населението.
„Како одговор, граѓаните излегоа на улица, барајќи чист воздух и безбедно управување со отпадот. Властите и локалните претставници мора да дејствуваат за да ги заштитат своите граѓани“, стои во реакцијата на Европската зелена партија.
Од ДОМ велат дека е нагласена поддршката за барањата на оваа партија за национален план за управување со отпад, современи мерни станици за квалитет на воздухот и итен мораториум на дивите депонии.
„Со оваа поддршка, зелената партија ДОМ ја зацврстува својата улога како автентичен глас за зелена иднина на Македонија и како дел од европското семејство на зелени партии. Во пресрет на локалните избори, зелената партија ДОМ заедно со граѓанските и политичките партнери во „Коалицијата за зелена иднина“ ќе продолжи да се бори за здрав воздух, чиста животна средина и фер управување со јавните ресурси – вредности што се темел на европска Македонија“.
Македонија
Утре со ведро и посвежо утро, преку денот сончево

Утре ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Во наредните денови следува период на сончево време со посвежи утра, а дневната температура ќе биде во постепен пораст. Особено топло ќе биде во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица.