Свет
(Видео) На комбето што експлодира во Нешвил бил поставен разглас кој одбројувал до детонацијата

Американската јавност сè уште е шокирана од експлозијата што се случи денеска, на Божиќ, во Нешвил, главниот град на сојузната држава Тенеси, јавуваат локалните медиуми.
Според тековните информации, најмалку три лица се повредени, а наводно еден од полицајците привремено го изгубил слухот поради детонацијата. Полицијата соопшти дека очигледно станува збор за намерен чин, а градоначалникот на Нешвил, Џон Купер, рече дека местото изгледа како да експлодирала бомба.
Портпаролот на полициската управа, Дон Арон, на утринската прес-конференција изјави дека по пријава за сомнително возило, службениците од Одделот за експлозиви биле испратени во центарот на градот, а набргу потоа, околу 6:30 часот наутро, дошло до силна експлозија поврзана со тоа возило.
Засега не е познато кога сомнителното комбе дошло на Втората авенија во централното подрачје на Нешвил, но се знае дека не било таму синоќа пред 23 часот.
„Веруваме дека експлозијата е намерно предизвикана“, рече Арон.
Според американските медиуми, жена сведок на настанот тврди дека слушнала снимена порака емитувана преку разглас, која ги предупредувала луѓето да се евакуираат, пренесува „Њуз ченел 5“.
„Како да слушнавме пет до шест пукања, мислевме дека не е ништо. По 5 минути повторно ги слушнавме, па повикав полиција. Слегов долу и го видов комбето и слушнав снимка: ‘Во ова возило има бомба, евакуирајте се’“, изјавила жената.
Според нејзините тврдења, по некое време снимената порака се променила, па на граѓаните им било порачано дека имаат 15 минути за да се евакуираат.
„Не успеав да видам дали има некој во комбето, но слушнавме снимена порака ‘Евакуирајте се, во овој автомобил има бомба’. Последното одбројување што го слушнавме беше кога беше соопштено дека ќе експлодира за осум минути, потоа си заминавме“, рекла жената сведок на настанот и додавајќи дека само виделе што се случило подоцна.
Во меѓувреме, претставници на полицијата, ФБИ и пожарникарите се обратиле пред новинарите на самото место, потврдувајќи дека на комбето бил поставен звучник, кој емитувал одбројување.
Органите на редот потврдија дека возилото потоа експлодирало, уверувајќи ја јавноста дека наскоро ќе има одговори што точно се случило.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Стејт департмент: Претседателот е задоволен од прекинот на огнот

Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е задоволен од прекинот на огнот меѓу Израел и Иран.
„Мислам дека кога ќе се погледне начинот на кој се одвиваше денот, имаше одредена активност од двете страни, но тоа сега престана и прекинот на огнот е на сила“, рече таа.
„Претседателот е задоволен. Затоа мислам дека можеме да го земеме тоа како показател за неговите чувства во овој момент“, додаде Брус.
Свет
Нетанјаху: Постигнавме историска победа

Постигнавме историска победа, објави во видео порака, израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Тој рече дека победата ќе се памети со генерации, додавајќи дека Израел никогаш немал подобар пријател во Белата куќа од Доналд Трамп.
„Елиминиравме две непосредни егзистенцијални закани – нуклеарната закана и заканата од балистички ракети. Доколку не дејствувавме, наскоро ќе се соочевме со опасноста од уништување“, додаде тој.
Свртувајќи го своето внимание кон „иранската оска“, тој рече дека Израел „мора да ја заврши кампањата“.
„Тоа значи поразување на Хамас и враќање дома на сите израелски заложници што остануваат во Газа, мртви или живи“, рече тој.
Свет
Иран објави крај на војната

Иранскиот претседател, Масуд Песекијан, денес објави крај на 12-дневната војна со Израел во порака до нацијата и рече дека не сака да се здобие со нуклеарно оружје, туку да ги реши сите несогласувања на преговарачката маса, објави новинската агенција ИРНА.
„Денес, по херојскиот отпор на нашата голема нација, која со решителност пишува историја, сме сведоци на стапувањето во сила на прекинот на огнот и крајот на таа 12-дневна војна наметната од авантуризмот и провокацијата на Израел“, напиша Песекијан.
Тој повтори дека неговата земја не се обидува да се здобие со нуклеарно оружје, но дека ќе продолжи да го брани своето легитимно право да развива цивилна нуклеарна програма.
Во телефонски разговор со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Мохамед бин Зајед, Песекијан рече дека „со оглед на нивните односи со САД, тој очекува ОАЕ да им објасни дека Иран сака само да ги оствари своите легитимни права“, додаде ИРНА.
Израел го нападна Иран на 13 јуни, обвинувајќи го теократскиот исламистички режим дека се обидува да се здобие со атомско оружје, уништувајќи стотици воени и нуклеарни објекти. Исламската Република одговори со лансирање стотици ракети и беспилотни летала кон Израел.
Во неделата, САД извршија невидени напади врз три ирански нуклеарни објекти. Двете страни остануваат длабоко поделени околу прашањето за збогатување на ураниум. Иран тврди дека тоа е право за кое не може да се преговара, додека Вашингтон го смета за „црвена линија“. Иран вчера испука ракети врз американската воена база во Катар.