Македонија
НВО Инфо: Локалните власти да ја зајакнат транспарентноста при трошење на државните пари
Набљудувањето на транспарентноста и вклучувањето на граѓаните во општините Велес, Крива Паланка и Неготино, во време на пандемијата Ковид-19, покажа дека локалните власти треба да ја зајакнат транспарентноста и отчетноста на својата работа особено во спроведувањето на постапките и трошењето на буџетските средства, заклучува НВО Инфоцентарот по мониторингот во овие општини, а во врска со нивното работење за време на ковид-кризата.
Од НВО Инфоцентарот укажуваат на неопходноста општините интензивно да работат на целосна дигитализација на општинските услуги и нивна стандардизација. Исто така, треба да ја подобрат и дигиталната писменост на општинската администрација. Општинските интернет-страници мора да бидат сервисно ориентирани, а не да служат главно како промотивна алатка на локалната власт. Тие треба редовно да се унапредуваат и редизајнираат, за да им обезбедат квалитетни информации и услуги на граѓаните, како и да бидат лесни за користење и пребарување.
Општините мора да воведат и применуваат механизми и практики за интензивна дигитална комуникација и вклучување на граѓаните. Форумите, јавните расправи и консултациите со граѓаните не само што треба да продолжат, туку треба да се надградат со нови форми и платформи. Не смеат да замрат како што се случи годинава, порачуваат од НВО Инфоцентарот.
Понатаму во препораките се наведува дека соработката и поддршката за локалните граѓански организации треба да се зголеми. Пандемијата треба да претставува поттик за продлабочување на соработката со локалниот граѓански сектор, а не да биде изговор за запирање на поддршката како што беше случај оваа година. Општините мора да креираат или да ги унапредат програмите, политиките и критериумите за доделување финансиска поддршка на граѓанските организации. Тие политики и процедури мора да бидат транспарентни, отчетни и јавно достапни.
Општините треба да ја подобрат и поттикнат работата на месните заедници и соработката со нив. Бидејќи месните заедници се основна алатка за директно вклучување на граѓаните, општините треба да се залагаат за законски измени со кои ќе се унапреди нивниот статусот. Општините во кои нема месни заедници (како на пример, во општина Неготино) треба да го започнат процесот на нивно формирање.
Мониторингот на општините Велес, Крива Паланка и Неготино, во текот на 2020 година, го реализираше НВО Инфоцентарот во соработка со граѓанските oрганизации Спектар од Крива Паланка, Активо од Велес и СПО КУЛ од Неготино, во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржан од меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК: Излезноста на повторените локални избори во четири општини до 18:30 часот е 28,07 проценти
Државната изборна комисија соопшти дека излезноста на повторените избори до 18:30 часот изнесува 28,07 отсто.
По општини:
– Врапчиште: 31,76 %
– Гостивар: 28,22 %
– Маврово и Ростуше: 28,04 %
– Центар Жупа: 13,18 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека поради задоцнето отворање, ќе има продолжување на пет избирачки места, три во Гостивар и две во Маврово-Ростуше. Најдолгото продолжување на гласањето во траење од 2 часа и 45 минути ќе биде на избирачко место 503 во Гостивар.
На избирачкото место 0782 во Ќафа немало гласање бидејќи тоа воопшто не било отворено.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.

