Свет
(Видео) Зголемената активност на НАТО во близина на руските граници може да доведе до сериозен инцидент

Москва предупреди дека зголемувањето на западната воена активност во близина на руските граници на крајот може да доведе до опасни последици. Оваа година се забележани повеќе бродови и авиони на НАТО, кои се приближуваат до територијата на земјата.
Зборувајќи за владиниот весник „Росијскаја газета“, заменик-министерот за одбрана на Русија, Александар Фомин, потсети на неодамнешните блиски средби и ги обвини САД и нивните сојузници дека користат и агресивна реторика.
„Во 2020 година активноста на воздушните и поморските сили на НАТО значително се зголеми, а сè повеќе се појавуваат ситуации што може да доведат до сериозни инциденти. Овие активности беа отворено провокативни. Инциденти беа избегнати само благодарение на високото ниво на професионална обука на руските пилоти и морнари“, рече Фомин.
Тој посочи дека НАТО одржа поморска вежба на истиот ден со прославата на Денот на победата од Втората светска војна и дека се забележани повеќе летови на американски авиони во непосредна близина на руската граница.
Заменик-министерот потсети и на неодамнешните инциденти во кои британски и американски разорувачи влегоа во, како што смета Русија, нејзините територијални води.
Минатиот месец, по упадот на американскиот носач „УСС Џон Мекејн“, што руската морнарица се закани дека ќе го протера од своите води во близина на Владивосток, САД ги нарекоа морските територијални претензии на Москва прекумерни.
„Подготвени сме за професионален и конструктивен дијалог под услов да се почитуваат принципите на меѓусебно почитување и меѓусебните интереси“, заклучи Фомин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп нема да се кандидира за трет мандат

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека не планира да се кандидира за трет мандат како шеф на државата, иако во изминатите недели имаше спекулации за тоа.
Трамп, кој постојано ја споменуваше можноста за трет мандат откако се врати во Белата куќа во јануари, ја отфрли таа можност, што е забрането со Уставот.
„Тоа не е она што се обидувам да го направам“, рече Трамп.
„Сакам да имам четири многу добри години, а потоа да се повлечам и да направам место за некој друг, идеално за одличен републиканец“, додаде Трамп, кој ги именуваше својот потпретседател Венс и државниот секретар Марко Рубио за потенцијални наследници.
„Ќе бидам претседател осум години, претседател со два мандата. Секогаш мислев дека тоа е важно“, рече Трамп во интервју за Ен-Би-Си – Њуз.
На прашањето дали на странците на американска почва треба да им се обезбеди фер судење, како што е предвидено во Уставот, републиканскиот милијардер рече дека не е адвокат и не знае.
Трамп ја стави борбата против нелегалната имиграција на прво место, зборувајќи за „инвазија на криминалци од странство“ и организирајќи полициски операции за нејзино спречување.
Свет
Украинската воздушна одбрана собори 69 од 165 дронови користени во рускиот напад врз Украина

Украинската воздушна одбрана собори 69 од 165 дронови користени во рускиот напад врз Украина во текот на ноќта, соопшти украинската војска.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека 80 од дроновите исчезнале од радарот, веројатно поради мерки за електронско војување преку кои тие биле пренасочени, или биле мамки што не носеле експлозиви.
Најмалку 11 лица се повредени во рускиот напад со беспилотни летала врз Киев во текот на ноќта, во кој беа запалени неколку станбени згради во украинскиот главен град.
Меѓу повредените се двајца малолетници на возраст од 14 и 17 години.
Регионалниот гувернер на регионот Черкаси во централна Украина, Игор Табуретс рече дека во нападот со руски беспилотни летала доцна синоќа се предизвикани неколку пожари. Украинската служба за вонредни ситуации соопшти дека едно лице е повредено.
Регион
Сведоштво по страшната сообраќајка во Хрватска: „Се слушна силен тресок, врескање, а луѓето излегуваа низ прозорците“

Две лица загинаа, а повеќе од 30 се повредени во страшната сообраќајка што се случи на автопатот А3 низ Хрватска вчера ноќта. На кобната несреќа, во која учествувале автобус и автомобил од Босна и Херцеговина, ѝ претходел „судир“ на автомобил голф и срна, која излетала на автопатот.
„Автомобилот налета на срна која истрча на патот. Возачот очигледно не можел да го придвижи автомобилот после тоа, но излегол на патот и мавнал кон другите автомобили за да ја намали брзината и да застане. Возачот на автобусот што доаѓал не застанал и удрил во тој автомобил, ја пробил заштитната ограда и се превртел и завршил во спротивен правец“, изјавил Мирослав Голуб од противпожарната служба, пренесува 24сата.
Очевидци раскажале за ГП Маљевац како изгледале застрашувачките моменти по судирот. “Тоа беше како на филм.
„Се слушна силен тресок, а потоа и врескање. Луѓето се обидуваа да излезат низ скршените стакла на автобусот. Возачот на автомобилот стоеше на страна и мавташе за да ги предупреди другите, но не успеа”, рекол сведок на хоророт на автопатот.