Регион
(Видео) Не престанува да се тресе тлото кај Петриња – изутринава уште два нови силни земјотреси
Не престанува да се тресе тлото кај Петриња. Централна Хрватска рано утрово беше погодена од два нови силни земјотреси со епицентар во областа Петриња, со интензитет од 4,6 и 4,8 степени според Рихтеровата скала. Земјотресот во 6:15 часот беше со интензитет од 4,6 степени, а малку подоцна и нов од 4,8 степени со епицентар во областа Петриња.
По вчерашниот потрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, во Петриња се почувствуваа серија послаби земјотреси. Во вчерашниот земјотрес животот го загубија седум лица. Предизвикана е огромна материјална штета, а во Петриња речиси нема објект којшто не е оштетен од разорниот земјотрес.
Од почетокот на 20 век во Хрватска се регистрирани најмалку седум земјотреси со ист интензитет како оние почувствувани вчера во близина на Петриња, а најмалку четири посилни од нив, според стручните сеизмолошки истражувања. Според истражувањето објавено во 1966 година од хрватскиот сеизмолог Драгутин Цвијановиќ, земјотреси со јачина од 6,2 степени се случиле на 2 јануари 1906 година во Кашина кај Загреб, на 30 мај 1925 година во близина на Книн и на 20 јули 1937 година во Јелса на Хвар. Разорни земјотреси од 6,2 се случија на 27 март 1938 година на Билогора, на 7 јануари 1962 година во Подгора на Биоково и на 13 април 1964 година на Диj Гора.
#potres (#earthquake) Naknadni potresi, 30.12.2020. u 6:15 (M 4.7), 6:26 (M 4.8) i 6:29 (M3.9). Ako ste osjetili, molimo da javite na https://t.co/RJDaIJlwpM
— Seizmološka služba HR (@seizmo_hr) December 30, 2020
Најсилните земјотреси од почетокот на 20 век, кои Цвијановиќ ги категоризира како 6 и три четвртини, се случија на 8 септември 1909 година во Покупско, на 29 декември 1942 година во Имотско Поле и на 11 јануари 1962 година во Макарска, четири дена подоцна по разорниот земјотрес во блиската Подгора.Најсилниот земјотрес е регистриран на црногорското крајбрежје во 1979 година. Неговата јачина беше 7 степени според Рихтеровата скала, но епицентарот беше надвор од Хрватска, а делумно го погоди и Конавле во Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Следната година е многу важна, ќе ја одреди судбината на Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја оцени 2026 година како исклучително важна година поради изборите што ќе „ја одредат судбината на Србија“ и големите инвестиции планирани како дел од подготовките за изложбата ЕКСПО 2027, пишува „n1info.rs“.
Вучиќ изрази надеж дека граѓаните ќе „судат според постапките“ кога гласаат и ќе дадат поддршка на Српската напредна партија.
„Донесете ја одлуката со ладна глава и рационално. Погледнете што е направено, разгледајте ги плановите, програмите и луѓето кои се способни да спроведат нешто или не се способни“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека за него е важно што знае колку народот дал за да ја спаси земјата.
„Знам колку разбравте дека вашата земја е загрозена и колку сакавте да помогнете, и затоа сум ви бескрајно благодарен. Благодарение на вас и вашата сила, успеавме да се бориме, успеавме да ја одбраниме и зачуваме Србија и сега само гледаме како Србија може да продолжи напред. Ви благодарам за вашата поддршка“, рече тој.
Фото: депозитфотос
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos

