Македонија
(Видео) Николоски до Заев: Грешка е што потпишавте договор со Бугарија

Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во Собранието на пратеничко прашање до Зоран Заев истакна дека власта направи грешка што потпиша договор со Бугарија со кој историјата одлучува за иднината на Македонија, односно со историската комисија му е дадена можност на секој бугарски премиер кога сака да ја блокира Македонија.
„Мислам дека е огромна грешка, договор во којшто директно зависи европската перспектива на Македонија да се стави историска комисија на тој начин да му се даде ас во рака не само на Борисов туку на кој било иден бугарски премиер да ја блокира Македонија како што сме блокирани во моментов и тие да можат да имаат легитимно право да излегуваат со договорот во раце и да речат дека комисиите не напредуваат со својата работа затоа што двете држави се согласиле да има ваква историска комисија. Тоа е апсолутна грешка и е недозволиво на Балкан да се направи таква грешка, односно да се стави историска комисија во договор од којшто ќе зависи европската иднина на Македонија“, потенцира Николоски.
Тој истакна дека е добро да се постигнуваат договори, но многу е важно какви договори се постигнуваат, односно дека тие договори треба да се во интерес на Македонија, а, за жал, неколку одредби во овој договор не се такви.
„Македонскиот народ е ставен пред невозможна мисија, или национално да се обезличи, односно да прифати нешто што не е, или да не напредува кон Европската Унија. Во таа насока не можам да се согласам дека Македонија и Бугарија имаат заедничка историја, прецизна е формулацијата во договорот и со истата не се согласувам која вели дека има заедничка држава помеѓу двете држави и нивните народи. Не пишува двата народа, не пишува кои народи, што отвора голем простор во преамбулата за манипулации од бугарска страна, особено во услови кога се во ЕУ, ние надвор и имаат повеќе сила да прават проблеми и не губат ништо и можат само да добијат“, нагласи Николоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Даниловски алармира: Глувците во Скопје шират ризик од болести, преминат е Рубиконот, потребна е итна интервенција

Епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски предупреди дека Скопје се соочува со закана за јавното здравје, повикувајќи на итна, координирана интервенција на сите надлежни институции.
Тој потсети дека неодамна дете било каснато од глушец во училишен двор во чија близина имало насобран отпад, што, според него, е „црвена линија што не смееше да се премине“. „Преминат е Рубиконот. Нема назад“, порача Даниловски.
Епидемиологот предупредува дека во услови на постојано натрупан отпад и недоволна дератизација, градот станува биолошки резервоар на зарази.
„Купиштата ѓубре создадоа идеални услови за развој и размножување на глувци и стаорци – познати преносители на сериозни заразни болести: лептоспироза, хантавирус, па дури и бубонска чума. Тие болести се пренесуваат преку урината, изметот, плунката и болвите на глодарите. Познато е дека стаорците се размножуваат според експоненцијална прогресија: во период од само 18 месеци еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци. Тоа е биолошки факт. Експоненцијалниот модел претпоставува неограничени ресурси како храна, вода и простор. Таа претпоставка во Скопје е исполнета!“, напиша Даниловски.
Додава и дека историјата нè потсетува дека неконтролираното ширење на глодари може да има катастрофални последици. Во Средниот век, меѓу 1347 и 1352 година, како пример во таа насока, бубонската чума („црната смрт“) однесе од 75 до 200 милиони животи – речиси половина од населението на Европа.
Повика на најитна, координирана интервенција на сите надлежни институции – по потреба и со прогласување вонредна состојба на делови од територијата на градот. Првенствено заради дезинфекција, дезинсекција, дератизација и отстранување на ризикот по јавното здравје.
„Во медицината постои еден етички принцип – Primum non nocere („пред сè, не прави штета“). Тој принцип мора да важи и надвор од медицината: за сите професии и институции што имаат допир со граѓаните. Причините – организациски, политички или финансиски – стануваат ирелевантни кога се доведува во прашање здравјето и безбедноста на децата и граѓаните.“ нагласи тој.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска да каже која одлука за „Комунална хигиена“ не била изгласана од нашите советници

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата реагираше на тврдењата на градоначалничката Данела Арсовска, која утрово на социјалните мрежи напиша дека одговорноста за состојбата со ѓубрето низ Скопје е кај кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН во Советот на Градот и управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“.
Од партијата велат дека сите одлуки предложени од Арсовска и поврзани со претпријатието биле усвоени од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, и ја обвинуваат градоначалничката дека „измислува“ криза за политичка корист.
„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата гласаа за сите одлуки предложени од страна на Арсовска, а кои беа поврзани со ‘Комунална хигиена’. Апелираме да каже која одлука врзана со тековното работење на претпријатието не е изгласана од советниците?“ стои во реакцијата.
Од партијата додаваат дека тезата на Арсовска дека проблемот е намерно создаден е „површна, неточна и нелогична“.
„Зошто ВМРО-ДПМНЕ во сред изборна кампања би го ставило Скопје во ѓубре, ако се знае дека товарот и негативата ќе одат на сметка на ВМРО-ДПМНЕ? Арсовска треба да одговори зошто не се собира ѓубрето и што се прави со парите кои граѓаните уредно ги плаќаат“, наведуваат од партијата.
Тие побараа да се испита и кривичната одговорност на надлежните за хаосот со сметот, оценувајќи дека зад него стои „тајна коалиција која четири години ја поддржуваше Арсовска“.
„Ова го прави некој што сака да наштети на ВМРО-ДПМНЕ во изборна кампања. Ќе дојде крајот на ова и ќе има одговорност“, се вели во реакцијата.
Во објавата претходно, Арсовска обвини дека Советот не презел мерки за нормално работење на претпријатието, ниту ги разрешил управниот и надзорниот одбор на „Комунална хигиена“ кое е составено од кадри на ВМРО-ДПМНЕ и Влен, и надлежно за носењето на сите одлуки поврзани со работата на претпријатието.
Македонија
Мециновиќ прифати дебата на Телма телевизија

Амар Мециновиќ, кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на Левица, утрово на социјалните мрежи сподели дека прифатил покана за дебата на телевизија Телма.
„Добро утро Скопје, дебата на Телма за следниот четврток.
Со задоволство ја прифаќам поканата на телевизијата Телма за учество во дебатата за главниот град со мојот противкандидат.
Во духот на демократијата и витешката борба, сметам дека сите дебати се добродојдени“, напиша тој на социјалните мрежи.