Македонија
Маричиќ: Должни сме будно да ги следиме реформите во правосудството

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во своето обраќање на прес-конференцијата по повод презентирањето на планот за проверки во правосудството, кажа дека со овој процес кој започнува во јануари ќе биде клучен за враќањето на довербата на граѓаните во правната држава.
„Овој процес како на Влада и на министерство ни е од исклучително значење и веруваме дека истиот ќе придонесе кон враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем, која во моментот е на загрижувачко ниско ниво. Ние не сакаме на кој било начин да правиме притисок врз судството и обвинителството, но должни сме да се грижиме и будно да го следиме процесот со кој ќе добиеме реформиран, транспарентен, ефикасен и од какви било притисоци ослободен правосуден систем. Тоа им го должиме на граѓаните“, кажа министерот Маричиќ.
Министерот за правда го нотираше делот од извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава во делот на правосудството, во кој се забележува дека како резултат на реформите, воспоставени се механизми кои обезбедуваат независност и отчетност на правосудството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со локални врнежи од дожд, особено претпладне

Времето денеска променливо облачно со локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи, особено претпладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 14, а максималната ќе достигне од 18 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и грмежи, особено претпладне. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло со мала до умерена облачност. Од почетокот на следната седмица повторно ќе настапи дестабилизирање на времето со локални врнежи од дожд и појава на грмежи.
Македонија
Без струја дел од општина Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Видое Смилевски Бато, делот кај што се вкрстува Февруарски Поход спроти Рамстор Ново Лисиче, во општина Аеродром.
Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.