Свет
Кина го потврди првиот случај на новиот вид коронавирус

Кина денес го потврди првиот случај на новиот вид коронавирус откриен во Велика Британија, соопштија здравствените власти.
Станува збор за 23-годишна девојка која на 14 декември од Велика Британија слетала во Шангај, соопшти кинескиот центар за контрола на заразни болести.
Властите предупредуваат дека случајот претставува голема потенцијална закана за напорите на Кина да го спречи и контролира ширењето на вирусот.
Поради новиот вид на коронавирусот, за кој се верува дека се пренесува многу побрзо, повеќе од 50 земји, вклучително и Кина, воведоа ограничувања за патување од Велика Британија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Од денеска за верниците се отвора гробницата на папата Франциско во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим

Од денеска гробницата на папата Франциско во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим ќе биде отворена за верниците, соопшти Ватикан.
Папата, кој почина на 88-годишна возраст на 21 април од мозочен удар, беше погребан вчера во гробница одвоена помеѓу две капели во римската базилика, по церемонија на жалост одржана во Ватикан. Церемонијата на поставување на ковчегот траеше околу половина час.
На погребот во базиликата Санта Марија Маџоре присуствуваа само најблиските, а едноставниот, дрвен ковчег на папата беше пречекан со ѕвона.
На мисата во Ватикан, според официјалните податоци од Ватикан, присуствуваа околу 250.000 луѓе, како и 170 странски делегации. Меѓу нив имаше шефови на држави и влади, монарси, поранешни државници, политичари од Италија и други земји, интелектуалци, уметници. Подоцна, италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози изјави дека најмалку 400.000 луѓе присуствувале на погребот на папата Франциск, собрани на плоштадот „Свети Петар“ и по улиците на Рим.
Целиот настан го следеа околу 2.700 акредитирани новинари.
Свет
Има жртви откако возило влета во публиката на уличен фестивал во Ванкувер, Канада

Неколку лица загинаа, а поголем број се повредени кога возило влета во публиката на уличен фестивал во Ванкувер, Канада, соопшти полицијата, без да го прецизира точниот број на жртви.
Полицијата соопшти дека возачот е во притвор по инцидентот во саботата во близина на улицата Фрејзер и Источна 41-ва авенија, објави канадската мрежа Си-Би-Си.
Се наведува дека полицијата ќе објави повеќе информации како што ќе се одвива истрагата.
Свет
Фон дер Лајен со порака до Зеленски: Европа секогаш ќе ја поддржува Украина во нејзината потрага по мир

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Европа секогаш ќе ја поддржува Украина во нејзината потрага по мир.
„Можете да сметате на нашата поддршка на преговарачката маса за да постигнете праведен и траен мир“, напиша таа на официјалните социјални мрежи по средбата со Зеленски во Рим, каде што двајцата присуствуваа на погребот на папата Франциско.
Претседателката на ЕК додаде дека со украинскиот претседател разговарала и за чекорите што ги презема Киев за да го заслужи своето место во европското семејство.