Свет
Норвешка забрани послужување алкохол во рестораните и баровите
Норвешка воведува нови ограничувања за да го спречи ширењето на коронавирусот, изјави премиерката Ерна Солберг.
Според неа, новите мерки вклучуваат забрана за послужување алкохол во рестораните и баровите, а собирите во домовите се дозволени само за членовите на семејството.
Нордиската земја бележи зголемување на случаите на коронавирус во последниот месец, па се проценува дека едно заразено лице заразило 1,3 лица, според норвешката влада.
Солберг оцени дека зголемувањето на бројот на пациенти се должи на прославата на Божиќ и Нова година, но и поради појавата на новиот вид на вирус во Велика Британија кој се пренесува побрзо.
Во четвртокот, Осло воведе задолжителни тестови на Ковид-19 за сите луѓе кои влегуваат во Норвешка, веднаш по пристигнувањето или во рок од 24 часа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бербок ја повика ЕУ да ја зголеми помошта за Украина до крајот на годината
Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок денеска ја повика ЕУ да ја зголеми помошта за Украина пред Нова година и порача дека Германија ќе продолжи непоколебливо да стои покрај Украина заедно со своите партнери.
„Од почетокот на руската војна, само Германија насочи повеќе од 37 милијарди евра во целост за да и помогне на Украина, но и да се заштитиме себеси. Германија до крајот на оваа година ќе предаде уште два системи за противвоздушна одбрана ИРИС-Т“, изјави Бербок по состанокот на министрите за надворешни работи на Г7, пренесува Укринформ.
Таа истакна дека министерот за одбрана Борис Писториус јасно ставил до знаење дека веќе е започната работа на трансфер на дронови со вештачка интелигенција, од кои се ветени вкупно 4.000. Бербок укажа и на потребата да се погледне и провери што сè уште може да се направи до крајот на годината на национално, но и европско ниво и кои финансиски и други ресурси сè уште може да се насочат.
Шефицата на германската дипломатија повтори дека „агресивната руска војна против Украина“ е истовремено и напад на европскиот мировен поредок и на светскиот поредок воопшто, кој се заснова на закони и правила.
Таа тврди дека рускиот претседател Владимир Путин се обидел да ги искористи последните 1.000 дена за да го поврзе нападот на Украина со другите кризи во светот и да ги обедини оние сили кои сакаат да го уништат заедничкиот мир. Како што истакна таа, Путин не сака да зборува за праведен мир и да ја доведе во прашање ефикасноста на светските демократии.
„Неговата стратегија е намерно да ги дестабилизира и подели демократските општества, да ги сврти луѓето едни против други. И покрај тоа, да се лансираат илјадници ботови со пропаганда, да се спречи функционирањето на GPS сигналите, да се уништи кабелот за пренос на податоци на дното на морето. Сето ова не може да биде случајност“, кажала Бербок, пренесува Танјуг.
Свет
Спасени уште пет лица, потрагата по исчезнатите од потонатиот туристички брод во Египет продолжува: имало туристи од 11 земји
Петмина преживеани беа спасени, а четири тела извлечени од Црвеното Море откако потона туристичкиот брод, изјави локален претставник.
Се верува дека двајца Британци се меѓу исчезнатите.
Египетските воени сили, кои ги координираат операциите, сега спасија 37 лица од 44 на бродот. Тоа значи дека седум лица се уште се водат како исчезнати, а спасувачките тимови ги „интензивираат напорите“ за нивно пронаоѓање, пренесуваат светските медиуми.
Гувернерот на регионот на Црвеното Море, Амр Ханафи изјави дека во вторникот биле спасени двајца Белгијци, еден Швајцарец, еден Финец и еден Египќанец, а биле пронајдени четири тела, но нивната националност не е позната.
„На преживеаните им се пружа потребната медицинска нега“, рече тој во изјавата на Фејсбук, пишува „Скај њуз“.
Туристичкиот брод „Sea Story“ долг 34 метри потона во понеделникот јужно од египетскиот крајбрежен град Марса Алам. Меѓу странските државјани на бродот имало од Велика Британија, Ирска, САД, Германија, Полска, Белгија, Швајцарија, Финска, Кина, Словачка и Шпанија.
Според зборовите на лицата на бродот, „висок морски бран го погодил бродот и предизвикал да се преврти за околу пет или седум минути“, рече Ханафи.
Некои патници биле во кабините, поради што не можеле да излезат од бродот, се додава во неговата изјава.
„Sea Story“ го напушти Порт Галиб, 63 километри северно од Марс Алам, во неделата и требаше да пристигне на својата дестинација во Хургада на 29 ноември. Официјалните лица рекоа дека повикот за помош бил примен во 5:30 часот по локално време во понеделникот. Бродот потонал на 46 наутички милји од брегот на Марс Алам.
Свет
Жителите на Бејрут на улица, во пресерт на најавата за прекин на огнот
Во пресрет на најавата за прекин на огнот, жителите на либанската престолнина Бејрут вечерва излегоа на улиците, јавува Anadolu.
Имено, според написите, израелската армија издаде нови предупредувања за напад на Бејрут, во екот на најавите за евентуално неизбежно прогласување на прекин на огнот по предлогот поддржан од Соединетите Американски Држави.
Во изјавата на социјалните мрежи, портпаролот на израелската војска Авичај Адраи рече дека цел ќе бидат и ограноците на финансиската институција на Хезболах, која има ограноци во многу региони на Бејрут.
По оваа изјава, многу жители на Бејрут ги напуштија своите домови поради загриженост дека Израел ќе изврши воздушни напади низ главниот град.
Луѓето во Бејрут излегоа на улиците и се упатија кон областите за кои сметаат дека се побезбедни. Сообраќајот во многу делови од градот е отежнат поради метеж, а многу луѓе пеш ги напуштаат областите за кои се смета дека се можни цели на напади, пренесува медиумот