Македонија
Во Скопје хоспитализирани 29 нови пациенти, а пуштени се 30, кои оздравеле од коронавирус

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 29 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 370 лица сомнителни и потврдени на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие на интерните клиники имало 10 приеми, и тоа по еден пациент бил хоспитализиран на Клиниката за гастроентерохепатологија, на Клиниката за неврологија, на Клиниката за нефрологија и на Институтиот за ТБЦ. Тројца болни се примени на Клиниката за дерматологија.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 8 нови приеми на пациенти и 11 на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 30 оздравени пациенти.
Во моментот на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 18 пациенти, на Клиниката за неврологија – 19 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 25 пациенти со симтоми на коронавирусот, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментот се сместени 14 пациенти, на Клиниката за очни болести – 4 пациенти, а на ОРЛ – 12 болни. На Клиниката за гастроентерохепатологија лежат 17 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 105 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 126 пациенти, а на Иститутот за белодробни заболувања кај децата во Козле има 30 пациенти.
Вкупно 370 пациенти потврдени и сомнителни на Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите е на кислородна поддршка.
Бројот на приеми во изминатите денови е намален и утрово до 8 часот имало 120 слободни места, а се очекува во текот на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места.
Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и може да згрижат пациенти што имат потреба од кислородна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски: Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес

Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес, изјави премиерот Христијан Мицкоски, на заедничката прес – конференција со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, по лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан посветен на Планот за раст што се одржува во Скопје.
Тој кажа дека Западен Балкан се приближува кон Европската Унија не со зборови, туку со дела, со реформи, резултати и со интеграција што се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните.
„Фактот што сме домаќини на овој лидерски самит е важна симболична потврда за нашата регионална и европска релевантност. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на политичкиот капитал кој го вложивме во стабилноста, реформите и конструктивниот пристап. Ова е признание за улогата што нашата држава ја има во градењето мостови и создавањето решенија. На денешните разговори се фокусиравме на реализација на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој претставува историска шанса за сите нас. Тоа е механизам кој ни овозможува не само пристап до инвестиции и фондови, туку и мотивирачка рамка за унапредување на владеењето на правото, ефикасноста на институциите и економската конкурентност“, рече Мицкоски.
За нас, додаде тој, овој план не е формалност. Според Мицкоски, тоа е алатка преку која ќе ја трансформираме земјата, ќе ги модернизираме јавните услуги, унапредиме образованието, ќе инвестираме во енергетска и дигитална инфраструктура и ќе ја направиме татковината вистински европски дома – пред да стане формално дел од ЕУ.
Но, исто така, додаде Мицкоски, сакам да бидам јасен дека нашите чекори по европскиот пат се со отворено срце и разум. Со прифаќање на европските вредности.
„Меѓутоа се противиме на уцените кои не се дел од тие вредности. Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес. Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме – сè друго е туѓо за Европската Унија, и туѓо за нас“, рече премиерот.
Македонија
(Видео) Костовски: Максим Димитриевски е најголемо разочарување, лажен патриот и приврзок на Мицкоски

Максим Димитриевски е најголемото политичко разочарување и најголема измама. Ветуваше независност и чесност, а заврши како тројански коњ, слеп извршители на политичката агенда на ВМРО-ДПМНЕ, небитен фактор и лажен патриот, целосно заглавен во криминал и корупција, изјави Мартин Костовски – организациски секретар на СДСМ.
Тој обвини дека за само една година, Димитриевски ги погазил сите свои изборни ветувања.
„Неговиот лажен патриотизам излезе на виделина, се што кажа порече. Максим јавно се колнеше дека нема да прифати внесување на Бугарите во Уставот без одложена примена. Пред два дена, смени лента, се откажува од тој став, сега веќе не е за одложена примена. Ветуваше борба за правда, а денес молчи пред корупцијата на коалициските партнери од ВЛЕН. Ваква сервилност, вакво коленичене пред ВЛЕН досега немало“, рече Костовски.
Според него, вистината е едноставна – Максим Димитриевски не е ништо друго освен обичен привезок на Христијан Мицкоски и слуга на политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тој е безгласна буква во владината коалиција, единствено способен за делење функции и удобни фотелји, без ниту еден резултат. Освен становите и парцелите вредни 300.000 евра. Максим Димитриевски е прочитан од граѓаните и ќе биде казнет токму од граѓаните. Македонија заслужува одговорни луѓе, а не лажни патриоти кои за фотелја се откажуваат од сè што ветиле“, рече Костовски.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Зад заканите за животот на новинар од Костадинов стојат Филипче и Заев

Зад заканите по животот на новинар од Костадинов, стојат Филипче и Заев, затоа и нема осуда и оградување од СДС, обвини Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено, не сме изненадени што Венко Филипче молчи. Тоа што Костадинов зема сила и се заканува со убиство на новинар е и директно мотивирано од Венко Филипче, кој шири атмосфера на паника и хаос, а со цел дестабилизација. Венко Филипче и СДС стојат зад заканите на Костадинов, а со тоа што досега не се оградија, ниту го осудија, говори дека со таквиот однос сакаат да мотивираат и други да го направат истото. Венко Филипче нема друг начин како да привлече внимание, па ги пушта своите пулени како Костадинов да разгоруваат тензии“, рече тој.
Петрушевски кажа дека очекува обвинителството да постапи и да отвори постапка против Костадинов.
Истовремено, додаде тој, очекуваме од Филипче јасно да каже што точно застапува и која му е целта.