Македонија
ВМРО-ДПМНЕ поднесува кривични пријави поради хонорарите на обвинителите од СЈО

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривични пријави за обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), поради хонорарите кои ги добивале за време на работата во ова обвинителство.
Партискиот портпарол, Наум Стоилковски рече дека СЈО во текот на четири години од 2015 до 2019 година противправно си исплаќале надоместоци и додатоци на плата, со што го оштетиле буџетот за 4.6 милиони евра.
„Специјалниот јавен обвинител Катица Јанева, иако донела Правилник за утврдување и исплаќање на додатоци на плата, не се придржувала кон законите и посебните акти, и неосновано исплатила додатоци на плата на вработените во Специјалното јавно обвинителство во висина од 282.896.000 денари, односно околу 4,6 милиони евра за кои што нема законско покритие, по основ на надоместоци за почитување на принципот на тајност“, рече Стоилковски.
Тој тврди дека обвинителите сториле низа продолжени кривични дела, и тоа: Злоупотреба на службена должност и овластување од чл. 353 од Кривичен законик, несовесно работење во служба чл. 353 од Кривичен законик, проневера во служба чл. од Кривичен законик, измама во служба чл. 355 од Кривичен законик.
„4.6 милиони евра народни пари, без било каков основ си исплатиле Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Ленче Ристоска, Лиле Стефанова, и другите обвинители од СЈО. ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе кривични пријави против сите овие лица“, рече Стоилковски.
Опозицијата бара да се изврши суспензија на обвинителите од поранешното СЈО, а Јавното Обвинителство веднаш да постапи по кривичните пријави, и во најкус можен рок да извршат враќање на незаконски стекнатите средства.
Стоилкосвки додаде дека согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за платите на јавните обвинители во декември 2015 година со него е уредено дека вкупниот износ на висината на додатоците не може да изнесува повеќе од 35 проценти од основната плата на јавниот обвинител, додека за висината и начинот за утврдување на додатоците, потребно е јавниот обвинител да донесе посебен акт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Петрушевски: Кога СДС повторно лажно ќе прашаат за истрагата за Кочани, нека погледнат накај главниот обвинител Коцевски кого го спасија и држат на функција

Кога СДС повторно лажно ќе прашаат за истрагата за Кочани, нека погледнат накај главниот обвинител Коцевски, кого го спасија и го држат на функција, кажа денеска на прес-конференција, Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и главниот обвинител Коцевски, играа пинг-понг во јавноста, се до моментот кога тој требаше да си замине од позицијата, па СДС мораше јавно да истапи и да го брани, за да се спасат себе си. Кога граѓаните се прашуваат до каде е случајот, треба да знаат дека е на линија помеѓу главниот обвинител Коцевски и СДС. Вторите лажно го напаѓаа првиот, за да создадат привид во јавноста, операција која не им успеа затоа што мораа да го бранат во Собрание, да не останат без него“, вели Петрушевски.
Тој додава дека „на фолирањето на СДС му дојде крај. Не додржаа ниту еден месец, па СДС мораше да се соголи, и да покаже дека ќе направат се само главниот обвинител, Љупчо Коцевски, да остане на позиција“.
„Сега е многу очигледно и зошто СДС држеше пресови за Кочани, каде со лажно душегрижништво го напаѓаше ВМРО-ДПМНЕ, а всушност договорени со нивниот обвинител Коцевски, сакаа да креираат хаос. Сите обиди за хаос и сценарија на СДС се изјаловија. Секој може да види каде е вистината, а таа е дека СДС го спаси главниот обвинител Коцевски, кој има задача да ги спасува нив од одговорност, но и да им креира наративи за политички прес-конференции, како во случајот со Кочани“, истакна пратеникот Петрушевски.
Македонија
АМСМ: На Табановце се чека 40 минути, на Богородица и Дојран околу еден час

АМСМ информира дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
„Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце околу 40 минути и ГП Богородица и ГП Дојран времето на чекање за влез е околу 1 час“, велат од АМСМ и додаваат дека на останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Поради изведување на градежни активности на Вијадукт на Сарички дол кој се наоѓа на државниот пат А1 Градско – Прилеп, обиколница на градот Прилеп, државниот пат (од раскрсница кај бензинска станица “ Лукоил” до клучка кај бензинска станица “ Салида “), ќе биде целосно затворен за сообраќај од 03 август (недела) од 07.00 часот до 06 август (среда). Сообраќајот ќе биде пренасочен низ градот Прилеп.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Македонија
Ангелов: Словенечкиот тим и чешкиот хеликоптер си заминуваат, нема активни пожари

Денеска заминува словенечкиот тим од 61 пожарникар специјализирани за гаснење на шумски пожари, со 18 возила, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
„Во завршниот збор им се заблагодарив од име на македонската влада и македонските граѓани а од име на Дирекцијата за заштита и спасување им доделив пригодни благодарници. Утре заминува и чешкиот Блек Хок со седумчлената посада. За гаснење на пожарот на територијата на општина Долнени во атарот на с. Стровија на местото викано Гајдарец – Клепало, рано утрово со полициски хеликоптер беа исфрлени екипи на Национални Шуми со неколку доброволци ловци кои за неколку часа целосно го изгаснаа овој пожар на отворен простор кој имаше зафатено поголема површина со сува и висока трева по гребенот на планината“, вели Ангелов.
Тој додава дека пожарот на планината Готен е целосно изгаснат и од радовишката и од беровската страна.
Во овој момент нема активни пожари.