Македонија
Владата даде согласност за набавка на вакцини за наредните три години
Владата на редовната седница ја разгледа и усвои Информацијата за давање согласност за преземање обврски на Министерството за здравство за набавка на вакцини за континуирана имунизација и вакцини по епидемиолошки индикации за потребите на населението за тригодишен период и тоа од јануари 2021 – декември 2023 година.
Притоа Владата даде согласност за преземање обврски во програмите опфатени со развојниот дел од буџетот и беше утврдена динамиката за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во наредните 2021, 2022 и 2023 година на Министерството за здравство со задолжение за текот и прогресот на активностите во врска со ова прашање да ја информира Владата на секои девет месеци, сè до конечна реализација на набавката.
Владата го усвои и записникот од последниот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Ковид-19. Притоа, министерот за здравство, Венко Филипче, ги информираше и членовите на Владата за она што претходно беше објавено во јавноста, односно дека по интензивни преговори се обезбедени количини на вакцини за цела 2021 година и дека од компанијата „Фајзер“, се очекуваат првите над 5.800 вакцини и дека во тек се преговори и со други компании.
Министерот за здравство информираше дека значително е намален притисокот на болниците и дека капацитетите за сместување на ковид-болните лица се полупразни и беше констатирано дека мерките кои беа донесени од Владата во последниот период, а кои се однесуваат на намалување на ширењето на вирусот донеле резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за движење на камиони на ГП Ники (ГП Меџитлија) до утре до 10:00 часот
На ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила до 10 јануари до 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.

