Македонија
Милевски: Селото Гермијан го заштитивме од штетите што ги правеа поројните дождови

Завршени се градежните активности за уредување на коритото за заштита од поројни дождови во селото Гермијан со должина од 340 метри, така што жителите можат да бидат спокојни и да ги вршат своите активности навремено во текот на целата година, потенцираше министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
„Завршено е заштитното корито коешто ќе го штити селото од поројните дождови кои во минатото нанесувале голема штета по имотот на жителите. Инвестицијата е во износ од 148.883 евра во кои Министерството за локална самоуправа учествува со 15 проценти поточно 22.224 евра, и со истата се решава проблемот со поплавувањето на земјоделското земјиште како и станбените и фармерските објекти во овој дел од регионот, кои често се случуваа во изминатите години како последица на поројните дождови и слабиот систем за заштита од поплави“, изјави Милевски.
Тој рече дека останува да се регулира уште канализационата мрежа, со што Гермијан ќе стане модерно европско село каде што жителите ќе живеат по сите европски стандарди.
Од ресорното министерство посочуваат дека уредувањето на коритото се реализира во рамките на проектот „Заедничка прекугранична соработка за заштита на населението од природни непогоди и катастрофи предизвикани од човечки фактор (Ј-CROSS)“ кој Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион го имплементира во рамките на Програмата за прекугранична соработка Interreg – IPA CBC помеѓу Северна Македонија – Грција, финансиски поддржана од ЕУ и Министерството за локална самоуправа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре сончево време со температура до 30 степени

Времето утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 23 до 30 степени.
Во Скопје, сончево, со слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 30 степенiи.
Продолжува периодот на претежно сончево време со посвежи утра и постепен пораст на дневната температура.
Македонија
Почна реконструкцијата и изградбата на шест спортски терени во Гостивар

Општина Гостивар започна со реконструкција и изградба на 6 спортски терени, од кои 4 се спортски терени, еден парк со спортски терен и едно спортско игралиште, на различни населени места во градот.
Од нив, 3 постоечки терени ќе бидат реновирани и опремени со модерна опрема и тартан подлога, додека 3 нови терени ќе се изградат од почеток, според најсовремените стандарди за безбедност, квалитет и функционалност.
„Нашата цел е јасна: да создадеме простори каде што младите ќе поминуваат квалитетно време, ќе се занимаваат со спорт и ќе растат здрави. Овие инвестиции се инвестиции за иднината на нашите генерации,“ – истакна градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани.
Македонија
Злоупотреби со регистрација на половни возила: 11 осомничени, меѓу нив и вработена во МВР

Секторот за внатрешни работи Куманово, во соработка со Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги при МВР, поднесе кривични пријави против 11 лица поради повеќе кривични дела поврзани со плаќање давачки за увоз и регистрација на половни моторни возила.
Меѓу пријавените е и 43-годишна вработена во МВР – Одделение за управни работи Куманово, осомничена за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавен е и 29-годишен контролор во станица за технички прегледи поради „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Останатите лица се сомничат за „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ и „давање лажен исказ“.
Според МВР, во текот на 2024 година дел од пријавените договарале сопственици на возила со странски таблици, кои за половина од законските давачки за увоз, добивале регистрација без да ги платат потребните трошоци. Во електронскиот систем биле внесувани податоци за возила без платени царини, такси и надоместоци за регистрација.
Пријавениот контролор во станица за технички прегледи изготвувал и фалсификувани електронски табели налик на оние што ги издава Бирото за метрологија за хомологација на возила.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за понатамошно расчистување на случајот.